Како шест познати странци се обидувале да го научат рускиот јазик?

Russia Beyond (Photo: Hulton Archive, Ullstein bild, SSPL/Getty Images)
Мелодичен и поетски, на рускиот јазик отсекогаш не било лесно да се „одолее“. Заедно со фасцинацијата, речиси редовно оделе поплаки за неговата сложеност и замрсеност, но не и откажување од обидот да се научи и проговори на „великиот и моќен“ руски јазик.

Херберт Џорџ Велс

Познатиот писател ја посетил Русија вкупно три пати. За прв пат во 1914 година. Пред да тргне на пат авторот на „Војната на световите“ и „Невидливиот човек“ интензивно го учел јазикот сам. Поточно, се обидувал да го научи. Според него, тој успеал да ги запомни само оние зборови што ги научил користејќи латиница. На новиот јазик научил да брои до сто. По две недели во Русија, Велс го напишал есејот „Што ќе биде: прогноза на состојбата по војната“, во кој предложил воведување на рускиот јазик во англиските училишта како трет странски јазик, заедно со францускиот и германскиот.

Главната тешкотија во неговото учење, според писателот, лежи во кириличното писмо, кое Велс го доживувал како „ирационално пишување на буквите“. Тој се залагал за латинична транскрипција на буквите и објавувал руски книги на латиница. И не само тоа. Ликовите во романот „Џоан и Питер“, како и самиот писател, патуваат во Петербург и Москва. Книгата исто така ја прикажува престолнината со блескавите излози на дуќаните и ѕидините на Кремљ, поминувањето на замрзнатата река на санки, како и претставите во МХАТ (Московскиот уметнички театар).

Џакомо Казанова

Познатиот Венецијанец во текот на својот живот престојувал во многу земји, вклучувајќи ја и Русија. На дворот на Екатерина II доаѓал за да ѝ предложи на царицата да организира државна лотарија. Казанова во Франција бил нејзин главен раководител и успеал да заработи добри пари од лотаријата. За да биде што е можно поубедлив решил, како што обично правел, да научи неколку реченици на руски. Меѓутоа, сфатил дека ништо не му оди од рака. Казанова толку се налутил што воопшто не се двоумел да прави споредби. Рускиот јазик го нарекувал примитивен говор, жалејќи се дека всушност не успеал да изговори ниту еден збор од тој „воловски јазик“.

Александар Дима

Авторот на „Тројцата мускетари“ патувал низ Русија по препорака на грофот Григориј Кушељов Безбродни. Рутата не ги опфатила само Москва и Санкт Петербург. Дима постариот пловел по Волга до Астрахан, престојувал на Кавказ и напишал неколку книги за Русија, објавувал списание со патеписни белешки. Во Русија поминал околу една година во Русија и полека го научил јазикот. Во своите белешки забележувал дека „рускиот јазик нема меѓуодредници“. Констатирал дека изборот на пцовки е подеднакво разновиден, како и стилските фигури со кои се изразува нежна љубов. Покрај пишувањето патеписни белешки, Дима на француски ја превел и поезијата на Некрасов, со кого се запознал во Петроград, Вјаземски и Пушкин. Во тоа му помогнале буквалните преводи со објаснувања од писателот и преведувач Дмитриј Григорович.

Ото фон Бизмарк

Бизмарк служел како амбасадор на Прусија во Русија три години. Спрема дипломатската служба се однесувал многу одговорно и самиот почнал да го учи рускиот јазик. Посетувал часови по јазик во Петроград. Еднаш неделно ги оставал настрана сите свои обврски и целото свое внимание го посветувал на руската граматика и синтакса. Бизмарк првично се жалел дека справувањето со видовите зборови е потешко отколку војувањето против француската армија. Сепак, многу брзо успеал да го прочита „Дворјанско гнездо“ од Тургенев на руски.

Притоа никому не кажувал дека го научил јазикот. Вистината била откриена кога Александар II забележал дека Бизмарк внимателно го следи неговиот разговор со министерот за надворешни работи Александар Горчаков. Сè што му останало било да признае. Царот не само што не му се налутил на таинствениот пруски амбасадор, туку му упатил комплименти за брзината со која го научил рускиот јазик. Бизмарк продолжил да го користи рускиот јазик до крајот на својата политичка кариера. Во неговите писма постојано се појавувале руски зборови. Кога станал премиер, дури и потсетниците на официјалните документи знаел да ги пишува на руски.

Проспер Мериме

Францускиот писател решил да научи руски откако ја прочитал „Историјата на руската држава“ од Николај Карамзин. Мериме бил полиглот и одлично зборувал грчки, латински, англиски и италијански, германски и шпански. Рускиот јазик едноставно го фасцинирал. Библиографот Сергеј Соболевски го запознал писателот со Варвара, поранешната дворска дама на великата кнегиња Марија Николаевна, која го подучувала руски. Толку успешно што почнал да преведува од овој јазик. Така на француски се појавиле „Пикова дама“ и поезијата на Пушкин, како и „Ревизор“ на Гогољ. Мериме го окарактеризирал рускиот како „најубавиот европски јазик, како создаден да ги изрази најфините јазични нијанси“.

Луис Керол

Математичарот и писател тргнал за Русија заедно со неговиот пријател теологот Хенри Лидон. Заминале на патување за да воспостават врски со Руската православна црква. Со себе носеле писма на бискупот Оксфордски Вилберфорс до митрополитот Московски и Коломенски Филарет. За Керол патувањето станало задача која феноменално ја решил. Го плашеле дека рускиот е многу тежок и има долги зборови, а тој запишал еден од нив во својот дневник: „защищающихся“ и тоа на латиница, што во латинска транскрипција не би изгледало ништо повеќе од „zashtsheeshtschayjushtsheekhsya“. Сепак, со помош на речници и прирачници полека почнал да го совладува јазикот. Прво ги запишувал непознатите зборови, а потоа учел цели реченици. И покрај тоа што зборувал руски со речник, тоа го правел феноменално, успевајќи дури и да се ценка на панаѓури.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња