Русите верувале дека домовој ќе биде многу вознемирен доколку членовите на домаќинството ненадејно си заминат, па седејќи „пред пат“ му оддавале должна почит на својот куќен чувар. Кои се главните карактеристики на домовој?
Во рускиот фолклор, домовој се грижи за своите домашни и им помага околу домот. Негова должност е да го одржува огнот во печката, да ги одржува житото и брашното суви. Во руските села се верувало и дека домовој се грижи за стоката, им ги чешла гривите на коњите и ја смирува стоката во текот на ноќта - затоа шталата е местото каде што може да престојува домовојот. Од домовој честопати се барало да се грижи за добитокот на пролет пред првата паша и наесен.
Една од главните карактеристики на домовој е неговата способност да предвидува опасни настани - ако се спрема нешто лошо, домовој ќе се покаже. Ќе направи врева, ќе завива како ветер, ќе фрла работи низ куќи или ќе се појави во вид на некој член на семејството.
Етнографите се едногласни дека домовој е претхристијанско суштество од рускиот фолклор. Како и куќните духови во многу други култури, починатиот член на семејството, првиот предок на родот, се сметал за домовој.
Како главен куќен дух, домовој ретко се гледа во тело, а кога ќе се појави, може да има форма на сопственикот на куќата или на предок - старец со брада. Русите веруваат дека да се видиш себеси значи да се види домовој во неговиот „облик“ и дека тоа е многу лош знак кој предвидува болест или смрт. Домовој обично се појавува да предупреди на некој тажен или опасен настан.
Зад или под печката, на таванот, под прагот - тоа се местата каде сака да живее домовој, според руските селски верувања. Домовој не сака да му пречат, бидејќи има многу работа по дома.
Русите кои живеат на село веруваат дека куќата не може издржи без домовој. Така, кога ќе дошло време за преселба на друго место, постоела традиција на „доведување“ на домовој. Кога едно селско семејство се преселувало од стара куќа во нова, морало да се „носи“ домовој во стара влечка, на метла или во лопата со запален јаглен.
За повикување на домовојот во новоизградена куќа, обично подготвувале некакви „жртви“ за него - традиција која датира од старите градителски обреди, кога градителите жртвувале живо суштество (коза или живина) пред да ја изградат куќата.
Секоја нечистотија во куќата, многу пцовки, кавги и расправии меѓу членовите на семејството - сето тоа го лути домовој. Спиење без долна облека, излегување од дома со непокриена коса (само за жени), работа навечер или одење на спиење без вечера - сето тоа не му се допаѓа на куќниот дух и тоа ќе го натера да фрла предмети наоколу, да ве открие ноќе или да направи разни други иритирачки работи.
Како што можеме да видиме, главните „правила на однесување“ со домовој сугерираат да се воздржувате од правење очигледно глупави нешта или работи што можат да бидат опасни во тешките услови на руската клима (како легнување без вечера). Како и кај другите фолклорни суштества, верувањето во домовој послужило како објаснување за едноставните куќни правила разбирливи за малите деца - и во таа смисла домовој навистина бил од голема помош во куќата!
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче