„Музика на ребра“ наместо грамофонски плоча: Како и зошто во СССР музиката се снимала на рендген

Кира Лисицкаја (Photo: Јаков Берлинер/Sputnik; Игор Белиј (bujhm))
Во времето на Студената војна западната музика (буги-вуги, рокенрол, џез) немала целосно легален статус во СССР. Меѓутоа, луѓето се снаоѓале и правеле пиратски копии на рендгенски снимки.

Во Советскиот Сојуз имало малкумина кои можеле да слушаат западна музика на оригинални грамофонски плочи. Плочите биле вистинска реткост и нивната цена била баснословна, а како што „железната завеса“ се спуштала, сѐ поретко можеле да се најдат. Речиси сета музика што се асоцирала со Западот (рокенрол, буги-вуги, џез) била неофицијално забранета (и ги компромитирала оние што ја слушаат), а продажбата на плочи „на црно“ се третирала како кривично дело (од октомври 1931 година во СССР е забранета приватната трговија како таква, за подоцна во кривичниот законик да се појави и прекршокот „спекулација“ за кој можело да се добие 7 години затвор).

Фотографија од изложбата „Музика на коски“ која е одржа во Музејот „Гаража“ во 2017 година.

Тогаш во земјата се појави уникатен медиум за чување музика. Тоа беа грамофонски плочи од рачна изработка, направени од еластични рендгенски снимки. Се нарекувале „музика на коски“, „музика на ребра“ или само „ребра“.

Пазар на коски

„Ребрата“ беа врв на популарноста во текот четириесеттите и на педесеттите години од минатиот век, кога советската цензура воспостави целосна контрола на музичката индустрија. На вообичаените грамофонски плочи можеа да се слушаат песни на народните естрадни изведувачи на СССР, а секоја друга музика која власта не ја одобрила, беше третирана како неофицијална и не можеше да се снима на легален пат.

Така, на пример, покрај Френк Синатра, Битлси, Чарк Бери или Елвис Присли, на „ребра“ се снимаа и песни на емигрантите кои во татковината беа прогласени за „народни непријатели“, пејачи обвинети за антисоветски злосторства (на пример, Лев Лешченко и Константин Сокољски беа забранети по обвинението за предавство на татковината, а Вадим Козин по обвинението дека е хомосексуалец, по што заврши во ГУЛАГ). Кај широките народни маси беа неверојатно популарни „затворските“ песни (односно песните кои го опеваат тешкиот живот и обичаите на криминалната средина), но не постоеја никакви шанси некоја од нив да биде официјално снимена.

Фотографија од изложбата „Музика на коски“ која е одржа во Музејот „Гаража“ во 2017 година.

Така се појави црн пазар на плочи снимени во „домашни“ услови, како што за книжевните дела постоеше „самиздат“. Во големите градови, пред сѐ во Москва и во Ленинград (денешен Санкт Петербург), се појави цела индустрија на „музика на коски“.

Зошто токму рендгенски снимки?

Delicado на бразилскиот композитор Валдир Азевед.

Тоа навистина беа вистински рендгенски снимки на обични луѓе. На нив се гледаа зглобови, ‘рбети и градни кошеви. Последниве беа најчести, зашто редовната флуорографија во СССР беше задолжителна за сите. Тоа беше евтин материјал кој лесно можеше да се набави. Градските домови на здравје нудеа цели купишта вакви снимки бесплатно или за мала парична сума, односно барем еднаш годишно мораа да се ослободат од овој лесно запалив материјал. Еластичните снимки беа идеални за снимање музика.

Се смета дека за оваа „технологија“ е заслужен жителот на Ленинград Руслан Богословски, кој направил рачен струг за снимање звук и го отворил илегалното студио „Златно куче“.

Фотографија од изложбата „Музика на коски“ која е одржа во Музејот „Гаража“ во 2017 година.

„Откако го проучи принципот на работа на Филоновиот апарат (Филон е основач на студиото „Звукозапис“ од кого Богословски ја позајмил идејата за снимање на полумеки дискови) и откако ги изврши сите потребни мерења, Руслан направи работни цртежи, а потоа најде универзален стругар кој се согласи да ги направи сите потребни делови. Летото 1947 година овој прекрасен апарат за механичко снимање звук беше готов“, пишува во статија за списанието „Пчела“ Борис Тајгин, еден од производителите на вакви плочи.

Руслан Богословски и Борис Тајгин

Апаратот беше сличен на грамофон, но работеше во спротивна насока. Наместо иглата што ја чита музиката од плочата, тој имаше глава за „режење“ на звук. Музиката предизвикуваше нејзини вибрации и така на снимката се правеа зарези. Звукот од овие плочи беше мошне полош одошто од плочите од винил. Снимката правеше бучава отприлика со иста јачина како и самата музика, но песната можеше да се разбере.

Затворски казни

Препродавач на странска стока (рус. фарцовщик). Сцена од филмот „Иван Василевич ја менува професијата“, 1973.

„Ребрата“ беа од еластичен материјал, така што не беше тешко да се продаваат. Продавачот можеше во еден ракав да крие 20-25 плочи замотани во ролна.

Продавачите најчесто работеа во двојка. Еден се договараше со купувачот, а друг стоеше во близина со стоката. Ваква плоча чинеше 1-1,5 рубли. Најчести купувачи беа студентите, а тоа за нив беше голема сума. „Во студентско време мене една рубља ми беше доволна за убаво да го поминам цел ден: да појадувам, да ручам и да вечерам“, се сеќава советскиот музиколог и колекционер Наум Шафер.

Фотографија од изложбата „Музика на коски“ која е одржа во Музејот „Гаража“ во 2017 година.

И продавачите убаво заработуваа од нив, но секој пат ризикуваа да завршат во затвор. Во СССР беше забранета продажба на стока „на црно“, како и секаков вид приватно претприемништво. Руслан Богословски и Борис Тајгин, главните производители на „ребра“ во Ленинград, многу пати беа апсени, но производството на илегални плочи со тоа не беше искоренето.

Богословски првиот пат беше осуден на три, а Тајгин на пет години затвор. Меѓутоа, веднаш штом излегоа на слобода, обајцата ја доведоа во ред апаратурата и ја продолжија работата. Четири години подоцна Богословски повторно беше уапсен и повторно доби три години затвор. Во меѓувреме тој смисли начин за правење цврсти плочи во домашни услови, па го разви и ова производство штом повторно излезе на слобода. И поради тоа и по трети пат беше уапсен и осуден на затворска казна.

Фотографија од изложбата „Музика на коски“ која е одржа во Музејот „Гаража“ во 2017 година.

Вистинскиот и навистина тежок удар на советските импровизирани плочи го зададе времето и неминовното напредување на технологиите. Кога во продажба се појавија магнетофони кои имаа касети со лента, плочите „на коски“ повеќе никому не му беа интересни.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња