Време е на царска Русија. Аматерскиот драмски писател Константин Треплев на имотот на неговиот вујко ја поставува драмата што ја напишал. Ја кани ќерката на соседот Нина (во која е вљубен) да ја игра главната улога. Таа сонува да стане актерка, но нејзините родители се против тоа. Таа вели дека театарот ја привлекува како што езерото го привлекува езерото. Еден ден Треплев убива галеб и неговото мртво тело ѝ го носи на Нина.
На премиерата на аматерска претстава се собираат пријателите и соседите. Глумата на Нина е пофалена од гледачите (и мажите кои ѝ се додворуваат). Сепак, сите ја критикуваат претставата како декадентна, што влијае на авторот. Нина се вљубува во маж кој ѝ дава комплименти, додека Треплев е сигурен дека неуспехот на неговата драма влијаел на тоа таа да се оддалечи од него. На крајот неговиот живот завршува трагично.
Во „Галеб“ Чехов се занимава со тема која понатаму ќе ја развива во неговите подоцнежни драми: пропаста на руската аристократија во втората половина на XIX век. Тие луѓе се неспособни за работа, живеат во фантазии и обично немаат пари. Ја сакаат уметноста, се обидуваат да глумат, пишуваат и компонираат, но не можат да си признаат дека всушност немаат талент. Не умеат да ги разликуваат животот и уметноста и тежнеат кон слава, занемарувајќи ги меѓучовечките односи.
„Галеб“ беше поставен со голем успех на сцената на Московскиот уметнички театар од Константин Станиславски и Владимир Немирович-Данченко во 1898 година. Чехов не присуствуваше на московската премиера, бидејќи две години претходно претставата беше изведена во Санкт Петербург, каде што доживеа фијаско.
Бидејќи нема доволно пари да го финансира својот начин на живот, професорот Серебрјаков е принуден да живее на имотот на неговата покојна сопруга. Тој живее со својата нова млада сопруга и возрасната ќерка Софија од првиот брак. Таа верува дека нејзината маќеа се омажила за нејзиниот татко за пари. Иван е брат на првата сопруга на Серебјаков и вујко на Софија (вујко Вања). Со години се грижел за имотот. Иван порано му се восхитувал на Серебрјаков, но сега чувствува дека на професорот кој боледува од гихт не е човек да му завидува освен на младата жена во која Иван се вљубува. Тој е лут и огорчен кога Серебрјаков предлага да го продаде имотот за да дојде до пари. Иван се обидува да го убие Серебрјаков, но промашува. Професорот и неговата млада сопруга заминуваат, а вујко Вања и Софија остануваат. Внуката го смирува велејќи дека сите страдања на светот добиваат награда по смртта. „Почекај, чичко Вања, почекај... Ќе се одмориме“.
Чехов ја дефинира оваа драма како „Сцени од селскиот живот“. Тој повторно пишува за скудниот живот во кој благородниците често се наоѓале во царско време, како и за презирот и ароганцијата со која гледале на обичните работни луѓе. Чехов опишува како себичноста ја расипува душата и го покажува расипаниот карактер на високо образованата аристократија. Професорот Серебрјаков се грижи само за сопствениот комфор, игнорирајќи ги чувствата на другите. Драмата се врти околу тоа што и покрај тоа што вујко Вања секогаш се грижел за сите (без да привлекува внимание на себе) и покрај неговата великодушност, тој останува безначајна личност за роднините и пријателите. Делото било изведено во неколку регионални театри, а потоа во 1899 година било поставено и на сцената на Московскиот уметнички театар со голем успех.
Три сестри и нивниот брат живеат во провинциски град. Нивниот татко починал пред една година и сега размислуваат што да прават со своите животи. Најстарата сестра Олга е учителка, средната Маша е несреќно мажена, а најмладата Ирина не може да најде никаков пат во животот ниту маж што би го сакала. Многумина се вљубени во неа, но сите ѝ се здодевни. Овие образовани сестри во своите дваесетти години живеат празни и бескорисни животи, сонуваат за планови кои никогаш нема да се остварат. Во исто време ги иритира нивниот брат кој се оженил со обична жена и ја напуштил науката. Драмата завршува со зборовите на Олга: „Ми се чини, уште малку, и ќе дознаеме зошто живееме, зошто страдаме... Само да знаеме, само да знаеме!“
Драмата всушност нема заплет. (Толстој го исмевал вака: „Ако пијан лекар лежи на кауч, а надвор врне дожд, според Чехов тоа би било драма, а според Станиславски тоа би била атмосфера“). Меѓутоа, „Три сестри“ е драма која е омилена во многу земји откако е напишана. Првата премиера надвор од Русија е одржана во 1901 година во Берлин (а претставата и денес е популарна во Германија). Во однос на жанрот и ликовите, претставата била револуционерна за своето време, но и понатаму секој режисер што ја поставува на сцена успева да најде нова визија и однос на претставата со модерниот живот.
Љубов Раневскаја е осиромашена земјопоседничка. Извесен период живеела во Франција и веќе го потрошила целото наследено богатство. Големиот имот со вишнова градина е сé што ѝ останало. Но, постои опасност да се најде на аукција поради многуте долгови. Таа е очајна, бидејќи неколку генерации нејзиното семејство ја поседувало таа вишнова градина и таа пораснала таму.
Во исто време, претприемачот Ермолај Лопахин предлага земјиштето да се подели на помали парцели и да се издава за да се исплатат долговите. Тој е внук на кмет кој работел за семејствотото на Раневскаја, но сега е богат трговец. Раневскаја не може да замисли да го исече драгоцениот овоштарник и претпочита да ја игнорира оваа идеја. Таа продолжува да живее без обврски и да ужива, но се жали на својата ситуација. На крајот, еден ден се појавува Лопахин и ѝ кажува дека имотот и вишновата градина ги купил на аукција. Тој е неверојатна среќен што ја поседува земјата на која неговиот дедо работел како кмет. Претставата завршува со звуците на удари со секира кои го сечат овоштарникот.
Ова е последната „комедија“ на Чехов, како што тој го дефинираше жанрот. И една од најчесто изведуваните претстави кога станува збор за руската драматургија. Напишано е непосредно пред руската Февруарска револуција во 1905 година. Во тоа време светот на старата царска аристократија бил грубо разбуден од дремка со народен бунт и напредок на новиот свет во зародиш.
„Вишновата градина“ била премиерно изведена во Московскиот уметнички театар, а режисерот Константин Станиславски говорел за значењето на оваа претстава вака: „Вишновата градина не носи приход; тој во себе и во својата расцутена белина ја носи поезијата на некогашниот господски живот. Таков овоштарник расте и цвета од каприц, за окото на разгалените естети. Штета е да се уништи, но тоа е неопходно, бидејќи тоа го бара процесот на економски развој на земјата“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче