Елфови во Москва: 5 факти за толкинистите во СССР и Русија

Kira Lisitskaya (Photo: Legion Media; Peter Jackson/New Line Cinema,2001)
Во септември започна да се прикажува серијата „Прстени на моќта“. Станува збор за приквел на познатата филмска трилогија „Господарот на прстените“, снимена по мотивите на култниот роман на Џон Толкин. Овој писател одамна е омилен во Русија. Читателите се заинтересираа за неговите дела уште за време на советскиот период на „одмрзнување“.

1. Првите преводи на делата на Толкин се ширеа во „самиздат“

Славата на Толкин уште во текот на 1960-тите стигна и до СССР. Луѓето ги носеа неговите книги од ретките патувања во странство, а понатаму секоја книга минуваше од една рака во друга, во кругови кои го познаваа англискиот јазик. Еден од првите читатели на Толкин во Советскиот Сојуз беше Борис Гребеншчиков, идниот лидер на легендарната рок-група „Аквариум“. Тој стана страстен обожавател на жанрот фантазија токму благодарение на романот „Господарот на прстените“. Тој роман сериозно влијаеше и на содржината на неговите песни во раниот период. Дури и името на групата во внатрешната страна на албумот „Триаголник“ е напишано со писмото на елфовите -тенгвар и кирт, измислено од Толкин.

Аматери го преведуваа романот „Господарот на прстените“, а потоа ентузијастите ги пишуваа тие преводи на машини за пишување и сами го правеа повезот. Така книгата се ширеше меѓу народот. Познати се најмалку 8 советски целосни или делумни преводи на оваа книга. Најраспространет и најблизок до оригиналот беше преводот на пермскиот филолог Александар Грузберг од 1976 година.

Дури во 1982 година московската издавачка куќа „Детскаја литература“ го објави романот „Чувари“, варијанта на првиот том на романот на Толкин, но скратен и прилагоден на детската возраст. Преведувачите Андреј Кистјаковски и Владимир Муравјов се обидоа од романот, кој припаѓа на жанрот на фантастиката, да направат нешто повеќе што личи на бајка. Младите читатели со години јуришаа на книжарниците и библиотеките во потрага по продолжението кое не постоеше. Интегралната верзија на романот ќе биде издадена дури на почетокот на наредната деценија.

2. Првата советска фанфикција инспирирана од Толкин беше вкрстување на „Господарот на прстените“ и роман на Станислав Лем

За еден од првите преводи на „Господарот на прстените“ (1966) може да се каже и дека е првата фанфикција. Зинаида Бобир значително го скрати текстот и воведе нови линии на заплетот, а Сребрениот венец како нов артефакт. Во една верзија, таа дури додаде и научно-фантастичен амбиент, каде што сите настани од романот се прикажани како да се раскажуваат од ликови преземени од романот „Едем“ на полскиот писател Станислав Лем!

Романот опишува како во иднината научниците за време на археолошки ископувања го пронашле Единствениот прстен и со помош на инструменти го „дознале“ неговото минато, па сето тоа се обидуваат научно да го објаснат во своето истражување. Со други зборови, првата фанфикција инспирирана од Толкин беше исто така и фанфикција инспирирана од Лем. Писателката свесно изврши такво „насилство“ над текстот, бидејќи сакаше да го олесни објавувањето на преводот во време кога во СССР цветаше само научната фантастика, а жанрот на „ненаучна“ фантастика воопшто не беше познат.

На крај првата верзија на нејзиниот роман (онаа без научна фантастика) беше издадена дури на почетокот на 1990-тите, кога жанрот стана популарен и кога и самиот Толкин стана популарен. Потоа следеа други фанфикции. На пример, тритомниот роман на Ник Перумов „Прстенот на темнината“, кој всушност е неофицијално продолжение на „Господарот на прстените“. Перумов започна со имитација на Толкин за подоцна да пронајде сопствен стил и да стане еден од најпопуларните руски писатели на фантастика.

3. Две екранизации на делата на Толкин се снимени во Советскиот Сојуз. Сопствениците на авторските права не ни знаеја за тоа.

Романот „Хобитот“ повеќе личеше на бајка, така што во СССР имаше повеќе среќа. Првиот превод беше објавен во 1976 година, а три години подоцна во популарниот Ленинградски театар на млади гледачи беше поставена претставата „Балада за славниот Билбо Багинс“, која остана на репертоарот речиси десет години, па дури беше снимена и за телевизија. Во Советскиот Сојуз честопати се игнорираа авторските права на странските писатели, така што и во оваа прилика никој не бараше дозвола од авторот на оригиналното дело.

За потребите на циклусот екранизации „Бајка по бајка“ на ленинградската телевизија во 1985 година беше снимена едночасовна филмска адаптација на „Хобит“ во жанрот на телевизиска театарска претстава наречена „Чудесното патување на господинот Билбо Багинс“. Тоа фактички беше уште еден обид за театарска адаптација на романот, но во павилјон и пред камери. Дејството беше максимално скратено, актерите играа во евтини костими, со евтина шминка, но беа користени едноставни специјални ефекти како ефектот на задна проекција.

Отприлика така изгледа и телевизиската театарска претстава „Чувари“ (1991) на Ленинградската телевизија. Музиката за неа ја компонираше Андреј „Дјуша“ Романов, еден од основачите на споменатата група „Аквариум“. Тој истовремено настапи во ТВ-претставата и како наратор. Долго време се сметаше дека таа снимка е изгубена, но во 2021 година некој ја постави на YouTube. Онлајн-премиерата го привлече вниманието на светските медиуми. Американскиот неделник Variety објави дури и големо видео за тоа како е снимана претставата.

4. Првите игри на улоги на толкинистите се приредени уште во 1990 година, т.е. една година пред распадот на СССР.

Веќе на крајот на 1980-тите во СССР е формирана голема супкултура на толкинисти. Нејзиното јадро го сочинуваа учесници на различни младински движења. Имаше клубови на љубителите на фантастиката, клубови на авторски песни, комунарски клубови (првите советски ентузијасти на играње улоги), како и хипици.

Во 1990 година во Сибир, во близина на градот Краснојарск, се приредени првите Хобитски игри. Тоа беше голема игра на улоги во живо по мотиви од делата на Толкин која подоцна почна да се одржува секоја година.

Во Москва една полјана во Нескучни Сад во текот на 1990-тите стана место за средба на толкинистите. Тие го нарекоа тоа место Егладор, по името на првото кралство на елфовите на Средната Земја. Секој четврток овде се собираа млади луѓе облечени во наметки сошиени од завеси и штитови направени од сообраќајни знаци.

Подоцна ним им се придружија широк спектар на „падобранци“, кои не секогаш беа трезни и тоа прилично ја расипа репутацијата на целото движење.

5. Во Русија љубовта кон Толкин не слабее, а неговите жестоки поклоници станаа главни ликови на шеги и вицови.

Нов импулс на движењето на толкинистите му донесе филмската адаптација на Џексон на „Господарот на прстените“. Според податоците од рускиот попис од 2002 година, околу 600000 луѓе се изјасниле како елф, хобит или некоја друга измислена националност. Поединци не се задоволија со носење наметки на елфови и пуштање на косата. Весниците од почетокот на 2000-тите пишуваа за пластични операции со цел да се „издолжат“ ушите.

Не сите толкинисти се и учесници во играње улоги. Некој пишува книги, стихови или компонира песни според делата на Толкин, а меѓу таквите автори има вистински професионалци. На пример, во 2017 година, во московското метро се одржа премиерата на опера напишана според „Силмарилион“ на јазикот на елфовите со учество на Претседателскиот оркестар на Русија. Мотиви од Толкин има и во соло-творештвото на рок-пејачката Хелависа (лидер на фолк-групата „Мелница“) и во песните на метал-групата „Епидемија“.

Одделни толкинисти се занимаваат со проучување на светот измислен од Толкин, ја проучуваат биографијата на писателот, ги преведуваат неговите необјавени дела, организираат научни конференции и семинари, бранат дисертации и пишуваат монографии.

Опера „Силмарилион. Во спомен на Толкин“, метро-станица „Деловен центар“, Москва

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња