Најнеобичните надгробни споменици на московските гробишта

Вјачеслав Бобков / Sputnik; SerSem (CC BY-SA 4.0)
За руските гробишта е карактеристична неверојатната разноликост на спомениците и надгробните споменици. На гробиштата Вагањковские и Новодевичји дури се организираат и екскурзии, бидејќи таму се закопани познати уметници, писатели и политичари.

Актер и кантавтор Владимир Висоцки

Смртта на популарниот 42-годишен актер и музичар шокираше милиони советски граѓани. Објавен е конкурс за најдобар споменик на кој победија скулпторот Александар Рукавишников и архитектот Игор Вознесенски. Како основа за споменикот им послужи познатата песна „Коњи ќудливи“. Висоцки е прикажан со гитара, а коњските глави зад неговиот грб потсетуваат на крилја. Во скулптурата на Вагањковските гробишта е одразен и неповторливиот стил на Висоцки како изведувач – ексцентричен и секогаш со многу набој.

Поетот Владимир Мајаковски

Многу улици во градовите во Русија го носат името на Владимир Мајаковски. Познатиот поет на советската авангарда умре рано – изврши самоубиство на 37-годишна возраст (сé уште се водат дискусии за причините за самоубиството). Споменикот на гробот на Мајаковски на Новодевичјите гробишта е изработен од скулпторот Александар Кибаљников во револуционерна црвена боја и минималистички футуристички стил.

ТВ-водителот Владимир Ворошилов

На гробот на Владимир Ворошилов на Вагањковските гробишта стои црна гранитна коцка. Тој е познат по тоа што го започна и водеше култниот телевизиски квиз „Што? Каде? Кога?". Едно од мистериозните прашања во квизот секогаш беше во „црната кутија“, каде што се наоѓаше предмет, а натпреварувачите имаа една минута да откријат што има внатре. Автор на споменикот е архитектот Никита Шангин, кој и самиот учествуваше во квизот.

Актерот Михаил Пуговкин

На гробот на познатиот советски актер на Вагањковските гробишта е подигнат споменик во вид на филмска лента со кадри од култните филмови во кои играше. Меѓу нив се „Свадбата во Малиновка“, „Доживувањата на капетанот Врунгељ“, „Војникот Иван Бровкин“, „Оган, вода и...“ и други.

Репортерот Владислав Листјев

Јавноста беше шокирана од убиството на најпознатиот телевизиски репортер во 1990-тите. Убијците никогаш не беа откриени. На гробот на Владислав Листјев на Вагањковските гробишта тагува бронзен ангел.

Хокеарот Анатолиј Тарасов

Култниот советски спортист и тренер за кого велат дека е „таткото на рускиот хокеј“ е одговорен за 9-годишниот период во кој „зборнаја“ на СССР бележеше победи на сите меѓународни турнири. Неговата личност беше прикажана и во популарниот филм „Легенда бр. 17“, каде Олег Меншиков го игра Тарасов. На Вагањковските гробишта, каде што е погребан, му е подигната цела композиција од скулптури. Две половини на гранитна карпа како да се споени со хокеарски палки, а меѓу нив е портретот на познатиот тренер.

Актерката Зоја Фјодорова

Судбината на познатата советска актерка Фјодорова беше драматична. Во времето на Сталин таа стапи во недозволена врска со морнаричкото аташе на САД Џексон Тејт и роди ќерка. Поради таа врска беше обвинета за шпионажа и помина десет години во затвор. Црната фигура над портретот на Зоја во барелјефот на Вагањковските гробишта упатува на нејзината мистериозна смрт. Фјодорова беше убиена во нејзиниот стан, по што кружеа гласини дека зад убиството може да стои КГБ.

Космонаутот Павел Белјаев

Херојот на Советскиот Сојуз и еден од првите советски космонаути  Павел Белјаев беше капетан на вселенскиот брод во времето кога Алексеј Леонов ја направи првата прошетка во вселената. Подоцна Белјаев беше првиот што рачно пилотираше со вселенски брод. На споменикот на Новодевичјите гробишта Белјаев е прикажан во скафандер и со шлем во рацете, а спиралата околу него ја симболизира вселената.

Реставраторот Игор Грабар

Грабар беше најпознатиот советски реставратор. Работеше, меѓу другото, и на познатата икона „Света Троица“ на Андреј Рубљов. Тој, исто така, спаси и многу други староруски ремек-дела. На неговиот гроб на Новодевичјите гробишта стои споменик во вид на ѕид од бел камен со барелјеф на кој се прикажани лав, птица и други симболи од иконографијата и црковната уметност.

Уметникот-мултипликатор Александар Птушко

За Птушко се зборуваше дека е „советскиот Волт Дизни“. Тој ги создаде култните советски цртани филмови „Златниот клуч“, „Бајката за царот Салтан“ и „Руслан и Људмила“. Надгробниот споменик на Новодевичјите гробишта е подигнат по повод стогодишнината од неговото раѓање. Делото на уметникот Вјачеслав Почечуев го симболизира дабовото дрво од бајките со коренот свртен наопаку, исто како да е излезено од цртаните филмови на Птушко.

Пилотот Виталиј Попков

Легендарниот херој на Големата патриотска војна е познат по основањето на аматерски џез-оркестар во својата ескадрила. Поради тоа тој стана прототип на главниот лик во култниот советски филм „Само старци одат во битка“. На споменикот на Новодевичјите гробишта тој е прикажан со пропелер на авион и натпис „Ќе живееме“, што всушност е слоган од наведениот филм.

Фудбалерот Едуард Стрељцов

Неговото име сега го носи стадион во Москва, а порано Едуард беше напаѓач на московскиот клуб „Торпедо“ и олимписки шампион во состав на советската репрезентација. Во неговата биографија имаше спортски подеми, но и лични падови. Помина дванаесет години во затвор поради спорно обвинение, по што ја продолжи својата фудбалска кариера. На гробот на Едуард Стрелцов на Вагањковските гробишта стои интересна композиција: неговото лице на врвот и топката на дното како да се стиснати меѓу две гранитни плочи.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња