Николај II во очите на руските и странските уметници

Јавен домен
Последниот руски цар ја сакаше уметноста на фотографијата. Зачувани се голем број снимки од кои можеме да видиме како изгледал. Но, како го прикажуваа сликарите?
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Николај Дмитриев-Оренбуршки: Великиот кнез Сергеј Александрович, престолонаследникот принцот Николај Александрович, великиот кнез Павел Александрович во Царско село, 1880.

Идниот цар Николај е прикажан со своите браќа. Сите се синови на царот Александар III. Уметникот беше најпознат по сликите на битки од руско-турските војни. Исто така, го наслика и портретот на Александар II.

Царот Николај II и царицата Александра Фјодоровна, 1894.

Оваа разнобојна литографија ја печател во Москва во рамките на промоцијата на царската венчавка извесен Мешков. 

Лауриц Туксен: Венчавката на царот Николај II, 1895. 

Данскиот уметник насликал неколку европски монарси, вклучувајќи ги Кристијан IX Дански, кралицата Викторија, Џорџ I Грчки и семејството Романови. 

Исто така направил „зумирана“ верзија која одблиску ги прикажува лицата на царскиот пар.

Иљја Репин: Два портретa на Николај II, 1896. 

Репин бил многу познат, не само по неговите „Бурлаци на Волга“ и други историски слики, туку и како портретист. Лицата на неговите слики изгледаат неверојатно живо. По крунисувањето, на Репин му било порачано да наслика неколку портрети на царот. Најофицијалниот од нив го прикажува царот во Престолната сала на Зимскиот дворец. На втората слика се повторува униформата, па дури и позата, но царот изгледа поопуштено.

Иљја Галкин: Царот Николај II (во униформа на полкот на телесната гарда на Неговото Величество), 1896. 

Најинтересниот податот за овој портрет е тоа што тој 90 години бил скриен на задната страна на портретот на водачот на Октомвриската револуција Ленин. Сликата на Николај на овој „двоен“ портрет е откриена при реставрацијата во 2016 година.

Иљја Галкин: Николај II, 1896. 

Овој портрет на Николај II се наоѓа во илустрираниот албум „Руската царска куќа Романови“, кој 1896 година го објавил извесен И. В. Цветков.

Иљја Галкин: Царот Николај II во бела униформа со еполети, 1898. 

Ернст Липхарт: Николај II околу 1900-та. 

Овој портрет го прикажува царот во една сала на московскиот Кремљ.  

Валентин Серов: Николај II околу 1900-та. 

Валентин Серов, авторот на познатата слика „Девојчето со праски“, бил еден од дворските портретисти. Изработил слики на Александар III, на великите кнегињи и други. На овој недовршен портрет, Николај II е облечен во офицерски мундир на Преображенскиот полк.

Жорж Бекер: Портрет на Николај II околу 1900-та. 

Редок портрет на кој царот (благо) се насмевнува.

Фридрих Август фон Каулбах: Портрет на Николај II, 1903 година.

А овој германски сликар направил редок портрет на кој царот не е во воена униформа, туку во цивилно одело.

Михаил Рундалцов: Портрет на царот Николај II, првата деценија на XX век

Мајсторот на графиката Рундалцов направил неколку слики на Николај II и неговиот син принцот Алексеј. Овој портрет на царот го прикажува во состојба на длабока замисленост.

Елена Самокиш-Судковска: Царот и неговото семејство, 1902. 

Сликарката од француско потекло Самокиш-Судковска е најпозната по илустрациите на книги, особено по романот во стихови на Пушкин „Евгениј Онегин“. Направила и неколку скици за албумот од крунисувањето на Николај II и царицата Александра. Овде двајцата се прикажани со ќерките Олга, Татјана, Марија и Анастасија.

Борис Кустодиев: Царот Николај II со принцот, 1905. 

После четири ќерки, Николај и неговата сопруга очекуваа син. Царицата со години не успеваше да забремени, но конечно, во 1904 година се роди долгоочекуваниот престолонаследник... последниот руски принц.

Хенрих Манизер: Рускиот цар Николај II со Орден „Св. Владимир“, 1905.

Овој руски сликар со германско потекло бил еден од омилените во семејството Романови. Таткото на Николај, царот Александар III, купил неколку негови слики со прикази на Руско-турската војна. А овој портрет од него го нарачал лично Николај II.

Александар Маковски: Портрет на царот Николај II и студија за него, 1907 година.

Член на уметничкото семејство Маковски, овој сликар го прикажа Николај во униформа на Хусарскиот полк на телесната гарда на Неговото Величество.

Фредерик де Ханен: Дворски бал. Царот ја води царицата низ салата за балови, околу 1913 година.

Францускиот сликар и илустратор со холандско потекло Фредерик де Ханен бил уредник на списанието L’Illustration во Париз. По големото патување по Русија во 1913 година, тој објавил илустрирана книга под наслов „Русија“, во која ги прикажал обичните руски луѓе, црквите, Кремљ, Транссибирската железница и, се разбира, царот.

Фредерик де Ханен: Царот Николај II и царицата Александра Фјодоровна во древна одора, 1913.

Николај II и неговата сопруга се појавиле во одори на староруски цар и царица на маскенбалот по повод прославата на триста години од династијата Романови во 1903 година.

Фредерик де Ханен: Царот Николај II на смотра на своите трупи, околу 1913-та.

Ова е уште една слика на францускиот уметник на која е прикажан рускиот цар. Николај II приредувал годишна смотра на трупите, најчесто во рамките на масовните воени вежби.

Борис Кустодиев: Царот Николај II, 1915 г.

Борис Кустодиев је познат по стилизираните прикази на животот на руските селани и трговци со богата палета бои. Портретот на царот е направен во препознатливиот стил на уметникот, прикажувајќи го бајковитиот московски Кремљ во позадина.

Фирма Фаберже: Императорска кутија за презентации, 1916.

Оваа кутија е изработена од главниот јувелир на фирмата „Фаберже“ Хенрик Вигстром, а украсена е со портрет на царот, дело на дворскиот минијатурист Василиј Зуев. Николај II ја носи униформата на 4-от гардиски стрелачки полк и Орден „Св. Георги“, кој го примил на 25 октомври 1915 година. Оваа кутија била подарок од царот за Габриел Хано, францускиот министер за надворешни работи од 1894 до 1989 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња