7 волшебни предмети од руските сказни (ФОТО)

Дранишникова В./Диафиљм, 1984
Како да се користи пердув од жар-птица и што може со помош на јаболка да се види во чудесната тацна?
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!

Во славните руски сказни често се појавуваат различни волшебни предмети кои им помагаат на главните јунаци. Некои од нив потсетуваат на современите електронски уреди. На некои можете да видите оддалечени краишта на светот, други ви покажуваат каде треба да одите, додека трети ве наведуваат на танц.

Пердув од жар-птица

Жар-птицата со своите блескави пердуви е еден од главните јунаци на светските руски сказни. Таа се појавува како орнамент во руските традиционални занаети, како и во руската театарска уметност. Дури и беше симбол на изборот за Песна на Евровизија во Русија во 2009 година.

Илустрација на И. Билибин

Оваа птица има многу магиски способности, меѓу кои особено се издвојува исцелителската моќ. И затоа во бајките таа е предмет на желбите на многумина јунаци. Меѓутоа, всушност не мора да имате цела птица, доволно е да набавите еден нејзин светлечки пердув. Во некои сказни јунаците дури и не можат да го држат пердувот без ракавици, зашто ќе се изгорат.

Освен за лекување, пердувот исто така може да се користи и како извор на светлина и на топлина. А, на крајот се претвора во злато. Мошне корисен предмет!

Жива и мртва вода

Во поголемиот број митологии водата обично симболизира живот. Во словенските сказни водата, сепак, може да биде не само „жива“, ами и „мртва“. Живата и мртвата вода заедно дејствуваат така што го враќаат јунакот во живот. Притоа најпрво е потребно да се испрска настраданиот со мртва, а потоа со жива вода.

Мртвата вода исто така може да затвори рани и да составува делови од телото (да, во сказните понекогаш се опишуваат и вакви чудесни исцелувања). Познатиот истражувач на фолклорот Владимир Проп објаснува дека мртвата вода го симболизира погребниот обред и дека го завршува процесот на умирање. Потоа живата вода го враќа јунакот во живот.

Илустрација на И. Билибин

Доколку некој ранет најпрво се попрска со жива вода, тогаш тој ќе ги отвори очите, но и понатаму ќе биде ранет и на крајот ќе умре.

Гусли што свират сами

Руските гусли се најважен музички инструмент на рускиот фолклор. Дури и богатирите свират на нив! Сепак, тие не треба да се мешаат со балканските гусли. Руските гусли се сосема поинакви и повеќе потсетуваат на цитра или на лира.

Називот гусли потекнува од зборот „гусла“ во значење жица и „гуди“ во значење свири на жичан инструмент. Во руските епски песни често се споменуваат гусли кои самите свират или „самогуди“. Тие им помагаат на јунаците да го совладаат непријателот. Започнуваат да работат по команда (Гусли, свирете!) и прават секој што е во нивна близина да заигра и да не може да престане. Во една легенда ваквите гусли ѝ помагаат на Марија Искусница (Вештата Марија) да се ослободи од заточеништво во кое ја држи подводниот цар. Во друга пригода тие прават обичен овчар да се ожени со царевата ќерка која ја освојува со своето свирење.

Сребрена тацна и јаболко

Во словенските сказни често се споменуваат магии со јаболко. Сребрената тацна и јаболкото прават нешто слично како денешните смартфони. На пример, можат на луѓето да им покажат личности и настани кои се наоѓаат далеку. Оваа магија функционира сосема едноставно. Доволно е да се каже „Тркалај се, тркалај се, јаболко, по сребрената тацна и покажи ми градови и полиња“ (или нешто друго по желба).

Меч-кладенец

А, сега нешто за јуначкото волшебно оружје. Зборот „кладенец“ има заеднички корен со рускиот збор за благо и со глаголот става. Исто така, некои научници ја истакнуваат поврзаноста на овој збор со латинскиот „gladius”, што исто така е еден вид меч.

Во некои сказни се истакнува дека мечот-кладенец богатирите го извлекле од хумка или од гроб и дека на тој начин ова оружје е поврзано со натприродните моќни од светот на мртвите.

А, со помош на овој меч јунаците можат да го совладаат Змејот Горинич, царот Огнен Штит и други зли битија.

Чаршавот што сам се поставува

Овој чаршав по команда самиот послужува појадок, ручек или вечера. На руски се нарекува „скатерть-самобранкаˮ. Називот потекнува од глаголот зема (брать) или од зборот за декорирана ткаенина (браная).

Всушност, сета храна на чаршавот потекнува од светот на мртвите кадешто ништо не недостасува. Затоа овој чаршав најчесто го користат ликови како што се Баба Рога или децата што се заробени од чудовишта.

Нешто слично се споменува и во старите европски приказни во облик на волшебно масиче,

Советските писатели на научна фантастика браќата Стругацки на ироничен начин имаат креирано пародија на чаршавите од сказните.

Клопче

Во руските сказни постои и пандан на ГПС-навигацијата во облик на магично клопче. Кога јунакот од сказната прашува каде треба да оди, често му одговараат: „Оди не знам каде“. А, клопчето волница му помага да стаса на ова необично место. Тркалајќи се, тоа го покажува вистинскиот пат. Тоа најчесто е задгробниот свет во кои се скриени украдените деца.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња