Пет филмови кои ќе ви помогнат подобро да ја разберете историјата на Русија

Сергеј Бондарчук/Мосфилм, 1967
Бруталниот свет на рускиот среден век, големината и колапсот на Руската империја, трагедијата на Граѓанската војна и херојската борба на СССР против нацистичка Германија се темите на филмовите што ви ги претставуваме во продолжението на текстот.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!

„Андреј Рубљов“ (1966)

Култниот филм на Андреј Тарковски е посветен на големиот руски средновековен иконописец. За Рубљов се знае многу малку, така што станува збор за речиси целосно фиктивен филмски лик.

Авторите дадоа сé од себе и успеаја на најубедлив начин да ги доловат спецификите на општествениот и верскиот живот во Русија во XV век со сите негови конфликти меѓу кнезовите и разорните походи на Монголите.

Тарковски истражуваше еден од најтешките периоди во историјата на Русија. Татарско-монголскиот јарем практично ја врати земјата сто години наназад во нејзиниот развој, уништи многу занаети, внесе голем страв меѓу локалното население и речиси ѝ стави крај на Русија. Во филмот е прикажана пресвртницата во свеста на народот, подоцна наречена руска ренесанса.

Важна улога во духовниот препород на земјата одиграле монасите, ученици на познатиот Свети Сергиј Радонешки, меѓу кои бил и Андреј Рубљов. Заветот за молчење, на кој со години се придржувал, тој ќе го прекрши дури на крајот од филмот. Актерот Анатолиј Солоницин, кој го играше познатиот иконописец, не зборуваше цели три месеци за да во моментот на снимањето на прекршувањето на заветот за молчење му биде зарипнат гласот.

„Војна и мир“ (1967)

Филмската епопеја во четири дела на Сергеј Бондарчук, снимена според романот на Лав Толстој, е еден од најголемите проекти на советската кинематографија. „Војна и мир“ во 1969 година освои „Оскар“ за најдобар странски филм.

Во снимањето на филмот кое траеше речиси шест години, беа вклучени 58 советски музеи и 40 индустриски компании. Тие изработија девет илјади автентични костими, како и прецизни копии на оружјето и одликувањата од времето на Наполеонските војни. Беа изградени и педесет големи сценографии и мостови.

Во големите битки кај Аустерлиц и Бородино учествуваа 15 илјади советски војници, беа употребени 23 тони експлозив и 40 илјади литри керозин, 15 илјади рачни чадни бомби, две илјади мечеви, како и 1500 гранати. За потребите на снимањето беше формиран 11-тиот посебен коњанички полк од 950 луѓе, кој наредните години беше користен во уште десетина филмови, за дури во 2002 година да биде расформиран.

„Ѕвезда на неверојатна среќа“ (1975)

Во престолнината на Руската империја Санкт Петербург, на 26 декември 1825 година избувнало востание на благородниците кои биле опозициски настроени спрема владејачкиот режим. Заговорниците, подоцна познати како декабристи, не само што сакале да го спречат да дојде на престолот Великиот кнез Николај, братот на покојниот Александар I, туку и да се укинат автократијата, да донесат устав и да стават крај на крепосништвото.

По задушувањето на востанието и погубувањето на неколкумина водачи, 120 декабристи биле протерани на принудна работа или живот во Сибир. Многу од сопругите на осудените веднаш потоа се упатиле во тие краишта да ги следат своите сопрузи. За сите тие настани зборува филмот „Ѕвезда на неверојатна среќа“.

„Размислував што ја натерало таа кревка жена да оди таму“, се зборовите на актерката Ирина Купченко, која ја игра Екатерина, сопругата на декабристот, кнезот Сергеј Трубецки. „Таа остава сè и ја минува целата земја за да дојде до мажот... Тие жени не се доживувале себеси како хероини. Едноставно сметале дека при склучувањето на бракот им се заколнале на своите сопрузи дека ќе бидат покрај нив и во радост и во тага. Чувството на одговорност за судбината на земјата, судејќи според сé, има почетна точка токму во одговорноста спрема еден единствен човек“.

„Тивкиот Дон“ (1957)

Филмската епопеја во три дела е снимена според романот на Михаил Шолохов, руски писател кој ја доби Нобеловата награда за литература во 1965 година. Романот ја следи трагичната судбина на Донските козаци, кои се најдоа во самиот епицентар на крвавата Граѓанска војна на урнатините на Руската империја.

Големиот братоубиствен судир целосно ги разурна врските меѓу луѓето кои дејствуваа цврсто, оставајќи ги пријателите и членовите на семејствата на различни страни од барикадите. Немилосрдно уништувајќи се едни со други, во тие денови синот јуришал на таткото и брат на брата.

Колку луѓе и тоа време биле изгубени може да се види во ликот на главниот херој на „Тивкиот Дон“, козакот Григориј Мелехов. Не сфаќајќи на чија страна е вистината, тој преминува од едниот во другиот табор, преминувајќи од „црвените“ кај „белите“ и обратно. На крај тој почнува да сфаќа дека тоа нема да му донесе ништо добро.

„Офицери“ (1971)

Дејствието на филмот „Офицери“ е фокусирано на пријателството меѓу двајца командири на Црвената армија, долго речиси четири децении. Од пределите на средна Азија каде што за време на Граѓанската војна се бореле против бандите на локалните противници на советската власт басмачите, судбината ги носи во Кина, која им одолева на налетите на јапонската армија и на крајот на фронтовите на Втората светска војна против нацистичка Германија.

Георги Јуматов, кој го играше главниот лик Алексеј Трофимов, не само што слушал приказни за војната, туку бил и активен учесник во борбите за Крим, заземањето на Букурешт, Будимпешта и нападот на Виена. Во една сцена од филмот жената на Алексеј, по неговото враќање од Шпанија, каде советските борци се бореа на страната на републиканците, гледа лузни од рани на грбот на нејзиниот сопруг. Тоа беше вистинска лузна на актерот Јуматов од ранување во Втората светска војна.

„Офицери“ стана еден од култните филмови на советската кинематографија, поттикнувајќи ја младината масовно да се приклучи на редовите на советската армија. Во секојдневниот говор влезе реплика на еден од јунаците во филмот, кој вели дека „има такво занимање, одбрана на татковината“.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња