Седум факти за неодоливиот руски топ-модел Наталија Водјанова (ФОТОГРАФИИ)

Наталија Водјанова на прославата по Неделата на машка мода на „Диор“, 21 јуни 2019.

Наталија Водјанова на прославата по Неделата на машка мода на „Диор“, 21 јуни 2019.

Legion Media
Како една девојка од град на Волга освои многу срца ширум светот, стана моден идол, добротвор и мајка на пет деца.

Наталија Водјанова е родена на 28 февруари 1982 година во Горки (денешен Нижни Новгород) на Волга. Како дете морала да работи напорно за да му помогне на семејството, а сега е еден од најпознатите руски супермодели. Го основа добротворниот фонд „Голо срце“ и се омажи за наследникот на модната куќа LVMH Антоан Арно.

1. Продавала овошје за да му помогне на своето семејство

Наталија Водјанова во Нижни Новгород.

Наталија има две помали сестри, Оксана и Кристина. Оксана е родена со аутизам и церебрална парализа. Таткото го напуштил семејството кога Наталија имала 11 години и оттогаш таа ѝ помага на мајка си во бизнисот продавајќи овошје и зеленчук во киоск. Неколку години подоцна, го напуштила училиштето за да може да го прави тоа.

Во едно интервју Водјанова раскажа како некои луѓе ја исмевале сиромаштијата на нејзиното семејство и инвалидитетот на нејзината сестра.

„Целото детство го поминав со помалата сестра. Знам како изгледа кога некој ќе те погледне попреку, кога ќе те клевети и навредува... Знам што е апсолутна сиромаштија од која човек не може да се заштити ниту себе, ниту своето дете“, раскажа Наталија.

2. Таа е една од „ерата на трите В“

ПАРИЗ, ФРАНЦИЈА - 20 ЈАНУАРИ: Наталија Водјанова шета по пистата за време на модната ревија Ungaro Haute Couture пролет/лето 2003 во рамките на Париската недела на висока мода на 20 јануари 2003 година во Париз, Франција.

Уште кон крајот на 1990-тите Водјанова одела во школа за манекенство, тогаш единствената во градот. Ја забележал скаут на модната агенција Viva Model Management и ја поканил во Москва. Водјанова не знаела ниту англиски, ниту француски, но сепак им се допаднала на агентите, и затоа ја испратиле во Париз. Таму се натпреварувала со поискусни модели и одела и на по 15 кастинзи дневно. Модната агенција ѝ плаќала околу 100 долари неделно, а таа дел од тие пари ѝ праќала на мајка си.

Вистинските понуди почнаа да пристигнуваат во 1999 година, откако Жан Пол Готје ја забележа на натпревар и ѝ го додели второто место. Таа се појави во 2002 година на Модната недела во Њујорк со модните куќи Gucci, Yves Saint Laurent, Chanel. Наредната година стана заштитно лице на модната куќа Calvin Klein и продолжи да ги освојува светските модни писти. Учествува на модни ревии на Christian Dior, Louis Vuitton, Marc Jacobs, Ralph Lauren, Chloe и многу други познати дизајнери.

Модните медиуми дури пишуваа дека почетокот на 2000-тите е „ерата на трите В“, именувана по најуспешните модели од тоа време: Наталија Водјанова, Ана В (Ана Вјалицина) и Евгенија Володина.

3. 70 насловни страници на Vogue

Водјанова првпат се појави на насловната страница на магазинот Vogue „Вог“ во 2003 година (британското издание) и 2004 година (американското издание). Вкупно 70 пати се има појавено на насловните страници на различни изданија на Vogue, а тоа е повеќе од која било друга позната манекенка! На второ место е Кејт Мос, која се појавила 60 пати.

4. Мајка на пет деца

Тешко е да се поверува, но оваа елегантна жена има пет деца. Со својот прв сопруг, британскиот аристократ Џастин Портман, се запознала на приватна забава во Париз. На 19 години го роди синот Лукас Александар, кој сега е студент. Потоа, во 2006 година, ја роди ќерката Нева, која го доби името по реката Нева во Санкт Петербург. Следната година се роди синот Виктор. Тој го доби името по дедото на Наталија.

Водјанова се разведе од Портман во 2011 година и оттогаш е со францускиот претприемач Антоан Арно, син на основачот на модната куќа LVMH („Louis Vuitton“). Имаат два сина - Максим (2014) и Роман (2016). Склучија брак 2020 година во Париз и сè уште живеат таму.

Пролетта 2021 година Водјанова отпатува со своите деца на рускиот Север и на Кавказ, објаснувајќи го тоа со желбата да ги запознае со татковината. За YouTube направи мини-серија за тоа патување.

5. Се посвети на добротворната работа

По раѓањето на Виктор, Водјанова реши да се посвети на семејството и го напушти подиумот. Денес главно се занимава со добротворство. Во 2004 година Наталија го основа фондот „Голо срце“ кој им помага на децата со посебни потреби, како и на нивните родители. Наталија потенцира колку е важно општеството да ги поддржува таквите семејства. Во 2015 година, нејзината сестра и дадилката беа исфрлени од кафуле во Нижни Новгород. Газдата им наредил да си заминат бидејќи девојката ги исплашила посетителите.

Наталија ја лансираше апликацијата Elbi, која им овозможува на корисниците да испраќаат парична помош на помалите добротворни организации.

6. Благодарна им е на гените за својот изглед

Пристигнување на ревијата на „Диор“ во текот на Модната недела во Париз пролет/лето 2022.

И покрај тоа што има пет деца, Наталија ја зачува својата грациозност и витиот струк. На социјалните мрежи следбениците постојано се воодушевуваат од нејзината фигура и ја прашуваат на каква диета е. А таа секогаш одговара дека тоа е само начин на живот, малку спорт... и гени.

7. Нејзина омилена личност е Одри Хепберн

Водјанова во 2013 година призна дека би сакала да одигра некоја од улогите на Одри Хепберн во кои е обземена од желбата да им помага на луѓето.

„Би сакала да ја играм Одри Хепбер во филмот „Смешно лице“ (Funny Face, 1957). Таа е голем филантроп и една од моите хероини“.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња