Лидија Делекторскаја е родена во 1910 година, во мугрите на големите промени. По потекло од интелектуално благородничко семејство од Томск, рано останала сирак. Нов удар ѝ донеле Револуцијата и бегството од Црвените во кинескиот град Харбин. Во тоа време таму се вршел претовар на стока и таму се населиле многу руски емигранти. Следел ран брак во на дваесет години и преселба во Париз. Несигурност, развод. Како емигрантка без цврст стожер било невозможно да најде пристојна работа, и Лидија се испробала како статистичар во филм, танчерка, модел. Две години подоцна, 1932 година, Делекторскаја без средства завршува во Ница...
Вака во најкратки црти изгледал нејзиниот живот пред да го запознае Матис. Сепак, на споменатата приказна би можеле да се додадат уште некои детали. Лидија отсекогаш сакала да учи. Кај родителите имала приватен учител, а во Харбин завршила гимназија. Во Париз се запишала на Сорбона и кратко студирала бидејќи немала пари за школарина. Со еден збор, образована девојка од добра куќа. Тоа во голема мера ја одредило нејзината понатамошна судбина уште кај Матис.
Во 1932 година Анри Матис работел на нова верзија на познатото монументално платно „Танц“ за американскиот богаташ Алберт Барнс. Првата верзија ја направил по нарачка на рускиот добротвор и колекционер Сергеј Шчукин, кој во уметникот на новиот бран видел суперѕвезда која неговите сонародници на почетокот ја одбиле. Огромното платно барало повеќе раце, а Матис имал повеќе од 60 години, па барал помошник. Лидија се јавила на огласот за работа, а уметникот подоцна изјавил дека ја избрал токму неа затоа што првиот „Танц“ го нарачал Русин. Таа околност тој ја протолкувал како добар знак за судбината на новото пано.
Кога било завршено делото, на девојката ѝ платиле и таа почнала да си ги пакува куферите. Меѓутоа, госпоѓа Матис се разболела и ѝ требала негувателка. Семејството ја задржало вредната, тивка и интелигентна Русинка. Вистина, токму овие нејзини особини наскоро ќе им донесат непријатности. Лидија не само што била добра негувателка, туку и одлично го водела домаќинството и ги вршела секретарските работи. Додека госпоѓа Матис била болна, таа постепено ги презела сите работи на уметникот. Матис, кој на почетокот воопшто не ја регистрирал девојката, одеднаш ја забележал и почнал прво да прави скици, а потоа и нејзини портрети и тоа траело во следните 20 години.
Таквата ситуација во семејството успеала да се одржи некое време, но загриженоста на законската сопруга на уметникот станувала сé поголема и Амели Матис 1939 година го напуштила сопругот и поднела барање за развод. На крајот, бракоразводна парница не била ни покрената, но семејството се распаднало. Сопружниците живееле одвоено до крајот на животот.
Делекторскаја често ја прашувале за нејзиниот однос со уметникот. Таа не бегала од одговори, но ниту директно не одговарала. За едно нешто сигурно никогаш не лажела. Матис, неговиот талент и творештвото биле вистинската смисла на нејзиниот живот. 22 години Лидија му била сé. Ги водела работите и домаќинството, а телото почнало да му откажува (го мачеле астма и артритис, а на крајот од животот и рак), таа му била инспирација и утеха. Со колекционерите и трговците работела во негов интерес.
За време на војната, кога се засолниле во јужното гратче Ванс, таа набавувала храна и не дозволувала да мрзнат на големиот студ. Лидија е овековечена на многу платна на уметникот. Познавачите на неговото дело ја имаат регистрирано дури во повеќе од 90 слики. Тоа се и „Розевиот акт“ од 1935 година и неколкуте „Одалиски“ (1937), „Ентериерот со етрурска вазна“ (1940), како и нејзините потпишани портрети настанати во текот на повеќе од две децении.
Матис имал обичај да ѝ подари слики на својата муза двапати годишно. Делекторскаја, пак, која не била расипничка, сите заработени пари (уметникот ѝ давал месечна плата како секретарка) ги трошела за купување на неговите скици и скулптури. Непосредно по завршувањето на Втората светска војна Лидија воспоставила контакт со советската дипломатска мисија во Франција и ги испратила првите девет цртежи на својата татковина како подарок. Својот ангажман го објаснувала со тоа што е Русинка и дека сакала да ги запознае своите поранешни сонародници со делото на, според неа, најголемиот современ уметник. Подоцна ја добила поддршката на советската министерка за култура Екатерина Фурцева, а во периодот на перестројката водела преписка и била личен пријател со директори на музеи. Донирала повеќе од 300 предмети на Ермитаж и музејот „Пушкин“. Збирките дела на Матис во Русија денес се најдобри на светот, првенствено благодарение на неа.
И покрај тоа што уште во младоста ја напуштила царска Русија, таа со години сакала да се врати во својата татковина, макар и во советската. Меѓутоа, без оглед на музејската активност, нејзиното барање за издавање советски пасош било љубезно одбиено на времето. Иако без никакво конкретно објаснување, не е тешко да се претпостави дека властите никогаш не ѝ простиле на Делекторскаја за нејзиното благородничко потекло, како и за бегството од земјата во годините кога се формирала новата влада.
Интересно е што ниту немилоста не влијаела на нејзината желба да ги запознае Русите со Матис, како и Французите со руската култура. По смртта на уметникот во 1954 година, неговото официјално семејство ја отпуштило Делекторскаја. Таа го напуштила домот на Матис во Ница, каде што ги поминале последните две години од заедничкиот живот. Денес во таа приморска вила се наоѓа музејот на Матис. Лидија заминала во Париз, каде што во самотија ги поминала следните речиси половина век.
Делекторскаја има напишано неколку монографии посветени на францускиот уметник и активно се вклучила во популаризацијата на неговото наследство, од бројни интервјуа до организирање изложби и музеи. Не продавајќи ги сликите на Матис, таа живеела главно од хонорарите за преведување од руски на француски и обратно. Со години ги преведувала на француски делата на Константин Паустовски, кого го запознала во Париз во 1950-тите. Таа го посетила Советскиот Сојуз благодарение на овој писател, како негова гостинка, на негова покана. Таа со право зборувала: „На Франција ѝ го подарив Паустовски, а на Русија Матис!“
Лидија Делекторскаја го завршила животот со самоубиство на 87-годишна возраст. Не сметајќи дека некогаш по нејзина желба ќе биде погребана во Русија, купила место на париските гробишта и подигнала споменик со врежани зборови кои според легендата му се припишуваат на Пабло Пикасо: „Матис ја зачува нејзината убавина за вечност“. Сепак, братаницата на Лидија ѝ ја исполни нејзината последна желба. Пепелта на музата на Матис беше погребана во Павловск кај Санкт Петербург, каде што беше е изградена и реплика на споменатиот споменик.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче