4 причини да го погледнете филмот „Петрови во грипот“ на Кирил Серебреников

Kirill Serebrennikov/Hype Film, 2020
Овој сјаен филм беше прикажан на Филмскиот фестивал во Кан и претставува прекрасна мешавина на зимски руски сцени и ретро советска атмосфера.

Тричленото семејство Петрови е болно. Еден по еден заболуваат од грип, а ова е приказна за тоа што им се случува на луѓето кога умот им е заматен од треска. Не пропуштајте го овој филм!

1. Заснован на бестселер

Напишан неколку години пред пандемијата Ковид-19, дебитантскиот роман на Алексеј Саљников „Петрови во грипот и околу него“ од 2016 година стана хит во Русија.

Додека многу современи писатели во своите книги обично го сместуваат дејството во далечното минато, Саљников ја избра неодамна постсоветската средина, а за ликови сосема обични луѓе. Руските читатели беа воодушевени од живото дејство и модерната атмосфера со носталгична советска привлечност.

Еве го заплетот: Непосредно пред Нова година семејството Петрови се разболува, но за разлика од нашиот неодамнешен глобален карантин, Петрови, толку болни од грип, мораат да одат на работа, да се подготват за празниците и да го однесат синот на детска приредба за Нова Година. Но, додека нивните тела се движат, нивните умови се далеку во соништата предизвикани од болеста.

2. Грипот во филмот е надреален

Филмот ги потопува гледачите во искривените умови на луѓето кои се болни од грип. Искуството е психоделично, а фантазмагоричните снимки нè носат во нивните умови заматени од треската.

Еден од главните ликови, господинот Петров, зема лекови на кои одамна им истекол рокот - и кои не му ја намалуваат телесната температура, туку го вовлекуваат во виор од чудни ситуации. Се чини дека неговото тело и неговиот ум работат одвоено во матните сцени кои постојано се менуваат.

И неговиот син доби грип, но не смее да ја пропушти новогодишната забава на која ќе може да ужива во разни деликатеси. Во мислите таткото Петров патува во минатото и се гледа себеси како момче кое присуствува на истата забава. Неговите црно-бели сеќавања ја оживуваат советската реалност, пијаниот Дедо Мраз, па дури и студенилото на раката на Снегурочка...

Најмногу изненадува ликот на мајката и сопруга, госпоѓата Петрова. Инаку, скромна и понизна библиотекарка, грипот ја претвора во вампирка...

„Ова е еден вид грип што нè втурнува во длабоко чудната и вознемирувачка верзија на реалноста“, пишува критичарот на Rotten Tomatoes.

3. „Најруски“ филм што се појавил последниве години

Иако надреален, филмот и понатаму е многу реалистичен. Секоја сцена од филмот може да биде постер на рускиот живот, а сценографијата и костимите се педантно осмислени.

Во пригушени тонови филмот го прикажува мрачниот регионален град Екатеринбург, кашестиот снег и снег во декември, новогодишната празнична врева, стан со таписерии на ѕидот и мала кујна, како и правлива библиотека. Дури и стариот автобус со мрзоволните патници е апсолутно вистинит.

4. Одлична актерска екипа и екранизација на еден од најталентираните руски режисери

Во филмот се ангажирани големи мајстори на глумата. Госпоѓа Петрова ја игра Чулпан Хаматова, а господин Петров харизматичниот Семјон Серзин. Исто така, во филмот е прикажана кратката, но храбра улога на Јулија Пересиљд, првата актерка што патуваше во вселената.

Чулпан Хаматова

Неколку актери во филмот признаа дека понудата што ја добиле од Кирил Серебреников да се приклучат на актерската екипа беше онаа што не се одбива. Иако надалеку познат како водечки театарски режисер, Серебреников е и признат филмски креатор.

Неговите филмови често се прикажуваат на најпрестижните филмски фестивали: „Играјќи жртва“ го освои Гран-прито на Филмскиот фестивал во Рим во 2006 година; „Предавство“ беше номиниран за Златен лав на Венецискиот филмски фестивал 2012 година; додека „Ученик“ и „Лето“ беа премиерно прикажани на Канскиот филмски фестивал во 2016 и 2018 година. „Петрови во грипот“ беше трет филм на Серебреников кој премиерно беше прикажан во Кан.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња