На „Нетфликс“ се појави серијата In from the Cold на вечно актуелната тема за конфликтот меѓу Русија и Америка, чиј заплет се одвива претежно во Шпанија. Токму во оваа земја агент на ЦИА ја пронаоѓа, се чини, обичната Американка Џени која дошла таму со својата ќерка на натпревар во уметничко лизгање. Но, Џени не била отсекогаш обична Американка. Порано под името Ана Шепот работела за КГБ и ги ликвидирала непријателите на Русија, мајсторски завладувајќи со нивната свест, па дури и со нивниот изглед. Во Мадрид во денешно време се случуваат низа убиства кои потсетуваат на стилот на ликвидација на Ана. Сега агентот на ЦИА со нејзина помош треба да го пронајде сторителот.
Серијата In from the cold е фикција во секоја смисла, иако во неа има дел реалност. Тоа не е чиста измислица како „Црвеното вжештување“, но не е ни пародија на животот и карактерот на Русија како што може да се види во серијата „Да се убие Ив“. Авторите ја сфатија нивната работа многу сериозно и дадоа сé од себе за да ја реконструираат ерата на 90-тите во Русија. Сепак, не им тргнало сè од рака. Дознајте кои се плусовите и минусите на оваа американска серија.
Џени ја игра Маргарита Левиева, родена во Ленинград, која со своите родители емигрирала во САД на 11-годишна возраст, каде изградила актерска кариера. Една од нејзините скорашни поголеми улоги е во серијата „Хрониките на Тајмс Сквер“ со Џејмс Франко. Џени, или Ања Шепот, во младоста ја игра руската актерка Стасја Милославска. Со оглед на тоа што флешбековите од 1990-тите практично заземаат половина од серијата, улогата на Милославска заедно со Левиева, која не го заборавила рускиот јазик, може да се нарече главна. Друга клучна руска актерка е Аљона Хмељницка. Во американскиот проект, таа ја доби улогата на наставничката на Шепотова која, се разбира, ќе влијае и на приказната за модерната Џени.
Основното прашање е како Ања Шепот, која поседува исклучителни шпионски квалитети, успеала да стане обична американска жена и, очигледно, да живее сосема просечен живот од почетокот на 2000-тите. Клучниот одговор може да се најде дури на самиот крај на серијата, очигледно најавувајќи го можното продолжение. Но, на почетокот, агентот на ЦИА ја објаснува оваа необична приказна едноставно и прагматично: економијата пропаѓаше, агентите веќе не беа приоритет на власта и „кога Русија го олабави својот стисок, Шепот најде шанса за слобода“. Пред крајот на серијата, хероината на Аљона Хмелницкаја признава дека била осудена за велепредавство и протерана во Сибир, кој долго време не бил место за егзил.
Рускиот дел од серијата In from the cold се случува во Москва во текот на зимата 1994 година, за што сведочи и црвениот, навистина автентичен поднаслов. Што се однесува до временската одредница, можеме дури и да се согласиме со агентот на ЦИА, во дивите 90-ти, власта можеби навистина немала многу време за надворешна политика.
Веќе во првиот флешбек Ања Шепот оди на рејв журка во напуштена фабрика. Таму се собира „златната“ младина и таа се запознава со соработник на кинеската амбасада. Не пие само вотка, туку и шампањ. Сето тоа со музички саундтрак кој потсетува на групата „Технологија“, популарна во тие години. Исто така одлично стилизирани се и костимите на Ања, која сака комбинезони и комплети со панталони во „војнички“ стил, како и облеката на другите ликови. Стилот на хероината потсетува на „Кет“ од култниот филм на Алексеј Балабанов „Брат“ (достапен на „Нетфликс“), кој е верна копија на реалноста во Русија во 1990-тите.
Иако авторите се обидоа некако да ја пренесат атмосферата на руските 1990-ти, тие паднаа на истото место како и повеќето странски филмаџии кои снимаат филм за Русија, а Москва во најдобар случај ја познаваат преку нивните студии во Бугарија. In from the cold е целосно снимен во Мадрид, каде што се одвива главното дејство поврзано со сегашноста. Но, сепак, авторите не можеа да избегнат да не го прикажат руското метро. Што е штета, бидејќи секој што го посетил руското метро може да забележи дека тие сцени се снимени или во студио или биле користени преодни кадри од некое европско или дури њујоршкото метро, особено кога станува збор за подземните премини.
Принтовите на ѕидовите според мотивите на легендарните мозаици на Александар Дејнека не се особено успешни.
Не е посветено доволно внимание ни на ентериерот на становите, како, на пример, во серијата на НВО „Чернобил“. Точно е дека дејствието таму се одвива во 1986 година, а овде во 1994 година. Но, треба да се признае дека за тие осум години повеќето од доцните советски ентериери не се променија. Два стана конкретно се појавуваат во флешбековите: официјалниот стан на Ања Шепот и станот на нејзиното семејство, кој се појавува во последната епизода. Првиот од нив е направен сосема солидно. На пример, во кујната има лимени кутии со натписи (без грешки) „геркулес“ (вид овесна каша) и „мука“ (брашно), кои се важни предмети за ентериерот. Додека другиот изгледа како обичен европски стан, скромно опремен со мебел од типот на IKEA, но со задолжителниот тепих на ѕидот веднаш до влезот, поради што семејната средба во Москва остава впечаток на стереотипна извештаченост.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче