5 најдобри филмови на Тимур Бекмамбетов, холивудски режисер од Русија

Особо опасен / реж. Тимур Бекмамбетов, 2008 / Universal Pictures
Тимур Бекмамбетов одамна ја заслужи репутацијата на холивудски режисер кој знае како се прави кино-хит. Овој руско-казашки филмаџија снима остварувања преполни со драма и акција, успевајќи да изведе на сетот вистински чуда.

Бекмамбетов ја стекна славата во 2004 година со култните филмови за вампирите „Ноќна стража“ (Ночной дозор) и продолжението „Денска стража“ (Дневной дозор). Во Холивуд дебитираше со „Баран“ (Wanted) со Анџелина Џоли, Џејмс Мекавој и Морган Фримен.

Тимур Бекмамбетов

Како продуцент, Бекмамбетов се испроба во речиси сите жанрови, работејќи на комедии („Елки“ (Ëлки) 2011 година) и хорор-филмови (Unfriended, 2014 година; „ Unfriended: Dark Web“, 2018 година), воени драми „Часови по персиски“, 2020 (Persian Lessons), вселенски саги („Вселенски шетач“, 2017 (Space Walker) и историски драми како „Војна на струите“ (War of the Currents), во копродукција на Мартин Скорсезе.

5. Бен Хур (2016)

Филмот е екранизација на популарниот роман на Луис Валас од 1880 година „Бен Хур: приказна за Христос“ и римејк на ремек-делото на Вилијам Вајлер од 1959 година кое освои 11 Оскари.

Принцот Јуда Бен Хур (Џек Хјустон) и неговиот полубрат Месала (Тоби Кебел) биле неразделни во детството. Но, како и сите нешта кои звучат премногу добро за да бидат вистинити, нивното пријателство набрзо се претворило во ривалство. Љубоморен, Месала сака да покаже за што е способен како платен војник. За разлика од него, Јуда се жени и води мирен живот. Двајцата браќа се среќаваат осум години подоцна, кога разликата меѓу нив се претвора во бездна.

Римјаните некогаш имале „леб и игри“. Очигледно е дека познатиот римски слоган е актуелен и денес. Верзијата на Бекмамбетов на епската приказна за Јуда Бен Хур е преполна со акција и драма. Неговиот филм е целосно задоволувачки холивудски блокбастер за целото семејство со возбудливи акциони сцени и спектакуларни авантуристички секвенци.

4. „Абрахам Линколн: Ловец на вампири“ (2012)

Американскиот писател Сет Греам-Смит ја крева приказната за семејство прогонувано од зли духови на повисоко ниво кога, години подоцна, возрасниот јунак одлучува да го посвети својот живот на борбата против вистинското зло. Абрахам Линколн (Бенџамин Вокер) оди до крај со намера да ги искорени вампирите пред да го реализираат злокобниот план за преземање на власта во САД.

Роден филмски креатор, Тимур Бекмамбетов знае како да ги вовлече гледачите во возбудлив акционен заплет. Ќе уживате во вратоломиите и моќните акциони елементи на филмот, кој претставува провокативно патување полно со откритија за сите љубители на приказните за вампири.

3. „Баран“ (2008)

Тимур Бекмамбетов го покажа своето мајсторство како визуелен режисер кога претвори обичен стрип во мошне реалистична приказна за тоа што ѝ се случува на една безначајна личност (Џејмс Мекавој) кога ќе запознае синоока жена со убиствени инстинкти (Анџелина Џоли).

Ѕвездите во актерската екипа гарантираат кино хит, но тоа не е сé. „Баран“ (Wanted) е преполн со акција, неизвесност и интриги, исто како што пролетниот воздух е полн со топлина и сонце. Бучавата на метрото, уверливите крупни кадри, акробациите во воздухот и забавените снимки - цел спектар на визуелни ефекти е употребен за да влијае на вашите сетила, да ги поттикне вашите емоции и адреналинот, држејќи ве заковани за екранот! Со совршен спој на акција, драма и талент, „Баран“ е идеален кино хит!

2. „Профил“ (2018)

Фриленс-новинарка прави лажен идентитет како муслиманка истражувајќи го регрутирањето за „Исламската држава“ меѓу младите жени. Но, работите се комплицираат и нејзиниот живот е во опасност. Ејми (Валин Кејн) влегува во комуникација со Билел (Шазад Латиф) преку „Скајп“, собирајќи сé повеќе информации за својата статија, но постепено потпаѓа под сé поголемо влијание на терористот. Интересно е што дејството на филмот се одвива исклучиво на компјутерски екран во формат „скринлајф“. Гледачите го следат животот на хероината преку екранот на нејзиниот компјутер на „Фејсбук“, „Фејстајм“, „Јутјуб“, пребарувачите и месинџерите.

„Профил“ е инспириран од меѓународниот бестселер „Во кожата на џихадистка“ на француската новинарка Ана Ерел. Премиерно беше прикажан на Берлинскиот филмски фестивал, каде што ја освои наградата на публиката „Панорама“.

1. „V-2: Бегствоод пеколот“ (2021)

Филмот е заснован на вистинската приказна за Михаил Девјатаев, советски пилот кој бил заробен летото 1944 година и испратен прво во концентрациониот логор Саксенхаузен, а потоа во друг логор на островот Узедом во Балтичкото море. По игра на судбината овој остров бил и нацистички полигон за тестирање на оружје, каде што се работело на нови авиони и балистички ракети. Девјатаев (Павел Прилучни) се соочува со сигурна смрт доколку не успее да избега. Според Бекмамбетов, неговиот филм првенствено е за поставувањето приоритети, за правдата и честа, за изборите и последиците. Акционото остварување е инспирирано од автобиографското сведоштво на Михаил Девјатаев од 1962 година, насловено „Бегство од пеколот“.

Филмот е полн со возбуда, акција и неизвесност, при што технологијата за видео-игри му дава поголема автентичност. Тоа е и првиот филм со голем буџет кој е снимен целосно во вертикален формат на паметен телефон.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња