Рускиот краток анимиран филм „Боксбалет“ во потесен избор за „Оскар“

Anton Dyakov/Melnitsa Animation Studio, 2021
Што се случува кога огрубен боксер ќе се вљуби во нежна балерина? Тоа е заплетот на „Боксбалет“, единствениот руски анимиран филм кој влезе во потесниот избор за најдобар краток анимиран филм на Американската филмска академија!

„Боксбалет“ на рускиот режисер Антон Дјаков ги прикажува шармантната долгонога балерина Олга и боксерот со жесток изглед Евгениј (потсетува на поранешниот светски шампион во тешка категорија Николај Валуев).

Нивните патишта случајно се испреплетуваат кога Евгениј ја спасува мачката на Олга од дрво и се вљубува во балерината. Но, ова не е класична приказна како „Убавицата и ѕверот“. Евгениј ќе мора да работи напорно за да ја освои љубовта на својата избраничка. Ќе го остави дури и боксот за да биде со својата сакана!

„Боксбалет“ трае само 15 минути, но има сé што е потребно: љубов, надеж, соништа и жртва, сето тоа без ниту еден изговорен збор! Краткиот анимиран филм има дури и модерен негативец, кореографот кој се обидува да ја заведе Олга нудејќи ѝ улога во „Жизел“ доколку таа го прифати неговото додворување.

Во „Боксбалет“ Дјаков генијално ги контрастира грдото и убавото, глупавото и паметното, непрефинетото и елегантното. Неговата разиграна смисла за хумор е остра како меч. „Мора да биде духовито и да има емоционална длабочина и чувство на магија“, вели Дјаков, обожавател на Чарли Чаплин и Бастер Китон. „Краткометражниот анимиран филм мора да биде разигран, прецизен, привлечен и дрзок“, смета тој.

Интересно е што дејството на анимираниот филм е сместено во август 1991 година, за време на државниот удар што го предизвика распадот на Советскиот Сојуз. На 19 август сите телевизиски станици ширум земјата беа исклучени, емитувајќи го само „Лебедовото езеро“ на Чајковски во изведба на театарот Бољшој.

Претходно годинава „Боксбалет“ ја доби наградата за Најдобар анимиран филм на Фестивалот за краткометражен филм „Короче“ во Калининград.

Краткиот анимиран филм на Дјаков „Да живеат мускетарите!“ (2017), „Јинг и Јана. Забранета храна“ (2014) и „Питон и чувар“ (2015) беа прикажани на меѓународните фестивали од Анси до Чикаго.

Дјаков е роден 1980 година во семејство на уметници во Алма-Ата во Казахстанската ССР. Неговиот татко бил карикатурист и илустратор. Антон се интересира за филмот уште од детството. Пред да започне да се занимава со анимација, повеќе од десет години работел во маркетинг.

Меѓу неговите омилени филмови е „Снежната кралица“ на Лав Атаманов. Овој рачно нацртан советски анимиран филм заснован на бајката на Ханс Кристијан Андерсен беше голем хит кога се појави во кината во доцните 50-ти. Јапонскиот режисер Хајао Мијазаки се присетува дека кога првпат го гледал „Снежната кралица“ конечно решил да го посвети својот живот на анимацијата и сфатил кон што ќе се стреми на професионален план.

Дјаков вели дека е секогаш изненаден кога неговите кратки анимирани филмови ќе бидат препознаени од критиката и ќе бидат претставени на јавноста на Запад. „Секогаш е задоволство да се слушне дека некому му се допаѓаат вашите дела. Не толку одамна ми се јави Џон Мускер, кој ја напиша и режираше „Малата сирена“. Верувале или не, ме најде на „Инстаграм“ и ми се обрати да ми каже дека го гледал „Боксбалет“ и дека навистина му се допаѓа! Бев на седмо небо кога добив таква реакција! Отсекогаш мислев дека ќе правам цртани за оние што зборуваат на истиот јазик како јас“, вели Дјаков по малку иронично.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња