Како книжарница од Санкт Петербург на оригинален начин промовира книги? (ФОТО)

@izdaniya
Вработените во култна петербуршка книжарница смислија генијален начин да ги заинтересираат луѓето за книги. Тие прават костимирани прикази на насловните страници на книгите и ги објавуваат тие фотографии на социјалните мрежи!

Секој ден една книжарница од Санкт Петербург објавува на „Инстаграм“ свои костимирани прикази за насловните страници на книгите, што радува околу 200000 нивни следбеници. За какви книги станува збор и кои се тие креативни луѓе?

Локалните љубители на книги и туристите имаат омилено место во Санкт Петербург. Не, тоа не е Ермитаж, не е некој книжевен музеј, не е ниту познат дворец. Тоа е една книжарница. Се вика „Подписние изданија“ (што во превод значи изданија на претплата) и е една од најстарите книжарници во градот. Отворен е 1926 година и веќе 60 години е сместена во зграда во сецесионистички стил на адреса „Литејни проспект“ 57.

На ова место страсните читатели ќе најдат нешто многу повеќе од книжарница. Тоа е и продавница за подароци, кафуле и едноставно пријатно место меѓу креативни луѓе. Книжарницата има специфична атмосфера, која, меѓу другото, креира и интересен ретро дизајн.

Книжарницата нуди широк избор на врвна литература: класична и современа белетристика, филозофски и историски книги, книги за театар и филм, како и публикации од областа на социологијата и психологијата.

„Се трудиме да дадеме интересен избор на книги, да ги поддржиме малите независни издавачки куќи и да понудиме ретки и специфични примероци“ - ова е концептот што го застапува книжарницата.

Истата привлечност на продавницата ја има и нејзината страница на „Инстаграм“. Поддржувајќи ретки книги и промовирајќи нестандардни наслови, вработените ги рекламираат книгите на многу креативен начин.

Во 2013 година почнаа да објавуваат фотографии на „Инстаграм“ како шега... тогаш немаа многу следбеници, но оттогаш шегата прерасна во дел од нивниот стил.

„Единствено што не се промени е тоа што самите ги правиме фотографиите“, вели Арина Громико, одговорна за односи со јавноста во книжарницата. „Немаме фотографи од страна ниту модели. Нашиот „Инстаграм“ е нашето лице. Кога купувачот ќе дојде во продавницата, ќе ги види истите оние луѓе кои се на нашите објави и тие ќе му дадат совети за книги“.

Лина Либо, една од вработените во книжарницата, ги создаде стилот и концептот на објавите на „Инстаграм“. „Таа прави фотографии за нашиот „Инстаграм“ и направи естетска револуција на нашата страница“, вели Арина. Лина и уште четворица момци работат на визуелниот концепт и наоѓаат соодветни локации. Во исто време, сите тие работат во книжарницата и не се занимаваат само со социјалните мрежи.

Понекогаш се потребни само 30 минути за објава на „Инстаграм“, а фотографијата може да се направи во самата книжарница или во блискиот двор.

Кога плановите се поизискувачки, не се штедат ниту време ниту пари. Еднаш дури изнајмиле и базен за да направат фотографија.

Другпат донеле стара када за да можат да седнат во неа покрај Финскиот залив.

Фотографиите ги прават на различни локации низ градот, вклучувајќи ги и Ермитаж,

прекрасната црква „Св. Исак“,

Витепската железничка станица,

бреговите на реката Нева

Познатата туристичка атракција – покривите на Санкт Петербург – гарантира романтични глетки.

Како и внатрешноста на старите градски зданија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња