5 свети места во руската митологија со објаснувања

Russia Beyond (Иван Билибин, Николај Рејрих / Public Domain)
Премин на огнената река, совладување на змејот, потрагата по руската Атлантида – словенската митологија била преполна со чуда. А, денес се останати само називите на нивните свети места.

1. Градот Китеж

Китеж

Легенда:

Овој свет град е невидлив за луѓето. Само на мирно време човек со чиста душа и со чист ум може да го чуе ѕвонењето на ѕвоната и песната на луѓето што допираат од длабочините на езерото Светлојар кај Нижни Новгород.

Легендата вели дека Китеж го подигнал светиот кнез на градот Владимир Јуриј (Георгиј) Втори во 12 век. „Со белокамените ѕидови, златоглавите цркви, честитите манастири, со кнежевските накитени дворови, бојарските камени зданија и куќи од исконско непропаднато дрво“, вака легендарниот град Китеж го има опишано Павел Мељников-Печерски, руски писател од 19 век.

Кога Бату-хан ја нападнал руската земја, вели понатаму легендата, тој тргнал да го заземе Китеж, „да го запали градот, да ги убие и зароби мажите што живееле во него, а ќерките и жените да ги земе за љубовници“. Кога војската на Бату-хан стасала во Китеж, градот немал никаква одбрана, немал дури ни тврдина. Но, граѓаните предано се молеле и водата од езерото се кренала, криејќи го Китеж од непријателот и од сиот свет. Оттогаш само искрените христијани можат да ги видат сенките на градот во езерото Светлојар, кое исто така се нарекува и „руска Атлантида“.

Езерото Светлојар во Нижегородската област, 1999 година

Објаснување:

Оваа легенда не е многу стара. Настанала веројатно некаде околу 17 век меѓу староверците. Тие дошле на езерото Светлојар од различни региони, бегајќи од прогонот на новите власти во руската православна црква. Жителите на селото кај езерото Светлојар славеле пагански празници кои за староверците биле грешни и нечисти. Затоа тие создале величествена легенда за светиот град Китеж кој почива на дното на езерото, со цел да ги одвратат луѓето да вршат пагански обреди на ова место.

2. Лукоморје

Илустрација на сказните на Пушкин

Легенда:

Во словенската митологија ова било крај на светот, додека самиот збор може да се преведе „кривина, лак на брегот“. Рускиот лингвист и етнограф Фјодор Буслаев запишал дека Лукоморје е свето место на крајот од светот каде се наоѓа дрвото на светот, оската на светот. Корените на дрвото продираат до подземниот свет, а боговите по него се качуваат и се симнуваат на земјата.

Објаснување:

Лукоморје станало познато благодарение на чудесните почетни стихови на Пушкин од „Руслан и Људмила“: „Кај Лукоморје дабот е зелен, на дабот тоj од злато синџир долг, и дење и ноќе по синџирот тој околу се шета мудриот мачор“.

На старите европски географски карти називот „Lucomoria“ го означува устието на реката Об, голем залив во Северниот леден океан. Додека во руските летописи и во старата руска книжевност овој назив се однесува на јужните територии кај Азовското и кај Црното море, што за Русите во Средниот век навистина бил крај на светот.

3. Тридеветтото царство

Илустрација на сказните на Пушкин

Легенда:

Многу руски народни сказни започнуваат со зборовите: „Многу одамна, во тридеветтото царство, во триесеттата земја...“ Овој традиционален почеток обично значи: „мошне далеку“. Исто така, кога јунакот од бајките заминува мошне далеку на своето патување, во приказната се вели дека тој ја минува „тридеветтата земја“. Меѓутоа истражувачот на фолклорот Владимир Проп смета дека „тридеветтото царство“ се однесува на задгробниот живот кај Словените, кој е исто така и земја на изобилство.

Тука растат јаболка кои подмладуваат, избиваат извори на жива и на мртва вода, живеат митски змејови и птици. Понекогаш ова царство се наоѓа под земја, но може да се наоѓа и на планина или под вода. Во тридеветтото царство јунакот може да ги обнови своите животни сили или да стекне натприродни моќи. Ова царство од остатокот на светот е одвоено со физичка препрека, како што е бездна, непроодна мрачна шума или бескрајно море.

Објаснување:

Лингвистите и филолозите сметаат дека идејата за тридеветтото царство потекнува од словенските верувања за задгробен живот кои се мошне слични со нордискиот мит и Валхала, земјата во која јунаците вечно живеат по славната смрт во некоја битка. Заминувањето во тридеветтото царство и враќањето во живот со натприродна моќ исто така потсетуваат на митот за Орфеј кој ја посетува земјата на мртвите во потрага по својата сакана.

Патем „тридевет“ не е некој посебен словенски број. Имено, старата руска математика констатирала поинакви броеви. „Тридеветто царство“ е само фолклорен израз од сказните, како и „триесеттото царство“, а тоа значи „мошне далеку“.

4. Реката Смородина

Иљја Муромец

Легенда:

Словените имале свој Стикс, река која го одвојува светот на живите од светот на мртвите. Во Русија таа се нарекува Смородина, што има изворно значење „смрдлива“.

Реката има непријатна миризба зашто низ неа тече оган што не може да се изгасне. Смородина е граница помеѓу нашиот свет и задгробниот живот која човечката душа треба да ја мине за да стаса во земјата на изобилството (веројатно Тридеветтото царство).

„Оваа река е свирепа, реката е свирепа, најнемилосрдна. Зад првата струја сече како оган, зад втората струја летаат искри, зад третата струја чад се вие“, вели старата руска билина (епска песна) „Добриња и змејот“.

Реката Смородина има своја личност. Таа зборува со човечки глас и поседува душа на прекрасна девојка. Добрите луѓе ги пушта да минат доколку ѝ упатат љубезен збор и ниско ѝ се поклонат, а ги дави оние што ќе ја навредат. Мостот преки Смородина се нарекува Калинов мост, а од руски се преведува како „црвен вжештен мост“ што го чува змејот Горинич, руско епско чудовиште.

Објаснување:

Историчарите и лингвистите не успеаја да ја лоцираат Смородина во реалниот свет. На северот од Русија има неколку десетина реки и потоци кои го носат ова има, како и во краиштата на некогашна Киевска Русија. Угледниот познавач на средновековна Русија Борис Рибаков, на пример, ја гледа Смородина во реката Самара во Украина, лева притока на Днепар. Очигледно е дека легендата за граничната река е толку стара што е бесмислено во реалниот свет да се бара единствен и точен „руски Стикс“.

5. Островот Бујан

Островот Бујан

Легенда:

Островот Бујан е уште едно „благословено“ место во руската митологија, маѓепсан остров кој лежи среде пенливото мора. Во него расте волшебен даб во чии гранки е скриена смртта на Кошчеј Бесмртниот, руски господар на подземјето.

На островот Бујан се наоѓа волшебниот камен Алатир, „центарот на светот“. На оној што ќе го допре каменот ќе му се исполнат сите желби (сите желби, а не само три! Словенските богови биле великодушни). Луѓето што живеат на островот не стареа, на него нема зима, а храна, пијалаци и радост има во изобилство.

И островот Бујан се прославил по Александар Пушкин со неговата „Сказна за царот Салтан“. „Сега ни дојде времето; ни претстои далечен пат, покрај островот Бујан, кон царството на славниот Салтан“. Но, можно ли е да се најде овој остров?

Објаснување:

Влијателните стручњаци како што се Борис Успенски и Владимир Проп го споредуваат островот Бујан со Островите на благословените, место на крајот од светот кадешто живеат јунаците и боговите. Идејата за вакво место настанала независно во различни митологии: кај Грците (Елисејските полиња), кај Келтите (Авалон), а руското Лукоморје е поврзано со островот Бујан, зашто тој лежи во море кое го заплискува крајот на светот, вклучувајќи го и Лукоморје.

Во Русија постојат најмалку два реални острови Бујан. Едниот од нив е мал речен остров на реката Дон. Другиот остров Бујан, кој се наоѓа в Карското море во Северниот леден океан, намерно го има добиено името по ова митско место.

Островот Бујан во Карското море.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња