Пет исчезнати народи на Русија

Fridtjof Nansen / National Library of Norway / Public Domain
Денес во Русија живеат повеќе од 190 народи, но пред сто години ги имало многу повеќе.

Многу народи кои во одреден момент ги изгубиле својата традиција, културата и јазикот, во процесот на етногенезата останале без идентитет и се претопиле со други народи. Така, Куршите во 17 век се асимилирале со балтичките народи, Мерјаните во 14 век со Маријците и Мордвините, додека Бугарите учествувале во етногенезата на Татарите, Кумијците, Ногајците и го пренеле името Бугарија на целата држава. Но, сето тоа му припаѓа на минатото. А овие народи на Русија исчезнаа релативно неодамна, според историските мерила, народски кажано, колку вчера.

Евремејси

На Карелиската превлака (на северот зад Санкт Петербург), историски гледано, секогаш живееле бројни народи. Тие територии повремено им припаѓале на Русија или Шведска, а во соседството живееле Руси, Швеѓани, Финци, Вепси, Води, Карели. Еден од автохтоните народи биле Евремејсите кои првично живееле долж реката Вуокса (северно од Санкт Петербург и биле сродни на Финците, Карелите и Ижорите), исповедале лутеранизам и делумно православие, но притоа зборувале на свој јазик (сличен на карелскиот и финскиот) и имале свои обичаи.

На почетокот на XVII век, тука била создадена покраината Ингерманландија, а Евремејсите го сочинувале мнозинството од локалното население. Нивни нови соседи биле Савакотите, доселеници од финската област Саво. На почетокот овие народи се избегнувале меѓу себе, но кон крајот на XIX и почетокот на XX век, разликите меѓу нив исчезнале и сите жители на таа област почнале да се нарекуваат едноставно Ингерманлендци. Денес, овој народ исто така се смета за малуброен. Во Ленинградската област живеат само околу четири илјади Ингерманлендци. Селата Луполово, Вартемјаги, Раполово, Токсово, Баришево и Кавголово се сметаат за евремејски.

Матори

Одиме во Сибир. Овде, на северните падини на Сајанските планини (југот на Краснојарскиот крај Хакасија) не толку одамна живееле Маторите кои припаѓале на самоједските народи (нивни роднини се Ненејците, Енците, Нганасаните). Како и другите северни народи, тие се занимавале со лов и одгледување елени. Маторскиот јазик бил еден од двата главни самоједски јазици (другиот бил камасинскиот). Денес се смета за изумрен. Маторите уште во XIX век се асимилирале со своите соседи Тувинци и Хакаси. Многу претставници на тој народ исчезнале, меѓу другото, и поради епидемијата на големи сипаници.

Камасинци

Камасинците живееле на територијата на денешна Хакасија и на југот на Краснојарскиот крај. Биле поделени на степски и тајски (понекогаш ги нарекувале тајски Татари), а камасинскиот јазик имал различни дијалекти. Овој народ бил на работ на исчезнување уште во 17 век, кога руските извидници избројале само околу 500 Камасинци.

А на крајот на XIX век, овој самоједски народ речиси целосно се измешал со локалните Руси и Хакаси. Интересно е што советските етнографи за време на научните експедиции сретнувале ретки претставници на Камасинците во Сајанските планини. Тие живееле во чумови (проста сибирска колиба), како и нивните роднини на север. Последниот говорител на камасински јазик почина 1989 година, а последните двајца Камасинци беа регистрирани на пописот во 2010 година.

Коти

Номадскиот народ Коти (кански Татари) живеел на југот на Сибир покрај реката Енисеј. Зборувале на котски јазик од енисејската јазична група. Во моментов сите енисејски јазици се сметаат за мртви, освен кетскиот (денес го зборуваат околу 200 луѓе). Котите зад себе оставиле географски имиња што завршуваат на „шет“ и „чет“ (да речеме градот Тајшет).

На крајот на XIX век, Котите целосно се асимилирале со Самоједите (вклучувајќи ги и Камасинците), како и со Бурјатите и Русите. Тогаш имало само пет носители на јазикот, што го потврдила и експедицијата на филологот Матиас Кастрен. Во 1960-тите, советскиот лингвист Александар Матвеев спроведе етнографска експедиција до местата каде што живеел тој народ. Во тоа време, мештаните веќе не знаеја ништо за Котите.

Гоајеи

Кавказ е веројатно најмултинационалниот дел на модерна Русија (и СССР и Руската империја), во кој живеат неколку десетици народи. По должината на реката Аша (денешен Краснодарски крај), отсекогаш живееле Гоајеите, кои се сметаат за еден од адигејските народи. Во однос на другите имаа привилегиран статус и одредена независност. Познати се најмалку 17 родови кои припаѓаат на оваа подетничка група и фигурираат и во топонимијата.

Гоаите зборувале на дијалект на адијгескиот јазик. Се смета дека тие исчезнале по Руско-кавкаската војна во средината на XIX век, меѓутоа, во 1930-тите советски етнографи наишле на неколку семејства Гоајеи кои ги носеле старите презимиња на своите предци.

Исто така, научниците успеале да стапат во контакт со староседелците кои се сеќавале и на друга заедница кнезови на Гоајеите кои живееле во близина на Сочи. Сега на тоа подрачје се наоѓа селото Алексеевка (старо име Гвај) и населбата Гуарек.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња