5 причини да ја погледнете номинираната за Оскар руска драма „Отварајќи ги тупаниците“

Емотивната драма на Кира Коваленко е сместена во Северна Осетија и е преполна со недвосмислени увиди во семејните односи.

Русија го избра филмот „Отварајќи ги тупаниците“ како кандидат за Оскар 2022 година во категоријата „Најдобар странски филм“. Ова сознание е преполно со неизвесност, очај и деструкција. Има ли светло на крајот на мрачниот тунел?

1. Го истакнува универзалниот проблем на презаштитеноста

Средовечниот Заур е претерано грижлив татко кој бара целосна послушност. Тој има три големи деца кои се принудени да се прилагодат на неуморната контрола на нивниот татко. Ова патријархално семејство живее во селото Мизур, високо во планините на Северна Осетија, каде младите со генерации им се покорувале на постарите, а жените на мажите. Но, времињата се менуваат, а со тоа се менуваат и луѓето и нивниот светоглед. Затоа, Аким, најстариот син на Заур, штом ќе му се укаже можност, заминува од дома во блискиот град Ростов на Дон во потрага по работа. Неговиот помал брат е сè уште безгрижен тинејџер чиј татко не му дозволува да оди на училиште. Додека убавата ќерка на Заур Ада живее живот полн со немири и стравови. Нејзиното место е во куќата за рутински домашни работи кои треба да ѝ останат единствена преокупација до крајот на животот. Посесивната љубов на нејзиниот татко, опседнат со контрола, кој ги заклучува своите две деца во куќата, а на Ада ѝ забранува да носи долга коса, а камоли парфем, е буквално погубна. Ада работи како продавачка во мал дуќан, а Заур ја крие нејзината лична карта за ќерката по секоја цена да остане засекогаш со него. Тој дури не сака ни таа да оди на потребната операција. Можеме само да претпоставуваме зошто таткото е против операцијата, од чиста себичност или можеби затоа што операцијата на мочниот меур се смета за несоодветна за една млада немажена жена на Кавказот.

За разлика од Мефистофел, таткото-тиранин на Ада е „дел од онаа сила која вечно се стреми кон доброто, а вечно создава зло“, а сепак, сочувствителната душа на Ада е врзана за авторитарниот татко. Она што таа го доживува може да се спореди со стокхолмски синдром. Нејзините внатрешни проблеми и стравови се толку длабоко вкоренети што таа е преплашена дури и од можноста за евентуална слобода.

2. Главната хероина преживеала терористички напад

„Отворајќи ги тупаниците“ е филм преполн со изненадувања. Додека Ада планира да избега од железниот стисок на нејзиниот татко, дознаваме дека нејзиното семејство се преселило во Мизур по трагедијата во училиштето во Беслан. Ада, како што се дознава, го преживеала овој ужасен напад со лузни на телото. Најкрвавиот терористички напад во руската историја се случи во Беслан, мал град во Северна Осетија, во септември 2004 година, при што загинаа повеќе од 330 луѓе, меѓу кои 186 деца. Филмот на Кира Коваленко прикажува лик чии физички и психички лузни од оваа трагедија никогаш нема да зараснат.

3. Во филмот играат натуршчици и е снимен на осетински јазик

Познато е дека Русија е мултикултурна земја со преку 190 етнички групи. На нејзината територија се зборуваат над 100 јазици и дијалекти. За да ја истакне оваа различност, Кира Коваленко реши да им пркоси на вообичаените стандарди и да сними руски филм на осетиски јазик. Покрај тоа, Коваленко, која многу бара на снимањето, се обидува да им вдиши целосна автентичност на сцените, па претежно користи непрофесионални актери. Имено, ликовите на двајцата браќа на Ада извонредно ги толкуваат две млади момчиња без никакво актерско искуство. Ада (Милана Агузарова) и нејзиниот авторитарен татко (Алик Караев) се единствените професионални актери чиј талент е несомнен.

4. Филмот го режираше млада и перспективна режисерка

Кира Коваленко

31-годишната Кира Коваленко е поранешна ученичка на „Руската арка“ на славниот Александар Сокуров, кому Европската филмска академија во 2017 година му ја додели наградата за животно дело.

Црвенокосата убавица Кира Коваленко веројатно би можела да стане филмска ѕвезда. Но, како бунтовничка во душа, таа избра поинаков, потежок пат. Родена е во Налчик, главниот град на Кабардино-Балкарија на Северен Кавказ, во младоста не сонувала да стане филмска режисерка. Кира најпрво се преселила во Москва каде што работела како веб-дизајнер, но набргу сфатила дека тоа не е за неа. Затоа се вратила во Налчик и се запишала во филмската школа на Александар Сокуров, еден од најзначајните современи режисери.

Како и Кантемир Балагов, уште еден студент на Сокуров (кој неодамна ја заврши работата над пилот-епизодата на адаптацијата на хорор видеоиграта на HBO на „Последниот меѓу нас“), Коваленко има чувство за необични ликови и слух за чувствителни теми. „Отворајќи ги тупаниците“ е нејзин втор долгометражен филм, по „Софичка“ од 2016 година, снимен на абхазиски јазик и според книгата на Фазил Искандер.

5. Филмот наиде на добар прием кај критиката и на фестивалите  

Филмот беше поддржан од врвниот руски продуцент Александар Родњански, а премиерно беше прикажан на престижниот Кански филмски фестивал 2021 година. Филмот со мал буџет со универзална тема што ги допира обичните луѓе наиде на добар прием кај критиката и стана првиот руски филм во историјата што освоил Гран-при на програмата „Одреден поглед“.

„Отворајќи ги тупаниците“ беше прикажан и на 59. филмски фестивал во Њујорк, заедно со филмовите на реномирани режисери како Тод Хејнс, Бруно Димон и Пол Верховен.

Филмот на Кира Коваленко ја претставуваше Русија и на 46. Меѓународен филмски фестивал во Торонто и на 69. филмски фестивал во Сан Себастијан.

Занимавајќи се со темата на неслободата и меѓузависноста, „Отворајќи ги тупаниците“ не е филм за забава. Напротив, ги воведува гледачите во задушливата атмосфера на очајанието. Зошто, ќе се прашате? Можеби за да го сврти вниманието кон најранливите меѓу нас. Бавното темпо и човечкиот начин на раскажување на приказната што ги негува Коваленко делуваат како на емотивен, така и на духовен план, што ѝ отвора можност на публиката ширум светот да ги разбере чувствителните и ранливи души. Младата режисерка не се занимава со морална осуда или поуки, што само по себе е голема доблест на нејзиното остварување.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња