10 легендарни женски бендови од Русија (ВИДЕО)

Kira Lisitskaya (Фото: Jeвгениj Стукалин, Виктор Борисов/TASS; Филип Мануилов/Sputnik; Kobac CC BY-SA 3.0)
Од советски песни за немаштија и емиграција до современа поп-музика.

Тату

Сигурно сте слушнале за нив! Овој руски женски бенд се појави на сцената во 1999 година и беше мошне контроверзен во тоа време. Имено, дуото првично користеше имиџ на лезбејки, за подоцна да го напушти. „Тату“ пееја на руски и англиски јазик и беа првата женска група од Русија што се стекна со светска слава. Во 2003 година го освоија третото место на Евровизија. Денес девојките станаа дами и повеќе се грижат за својот приватен живот отколку за музиката.

Блестјашчие

Овој бенд, чие име значи „блескави“, беше еден од првите руски женски бендови. Основан е 1995 година и претставува класичен поп-бенд кој пее за љубовни односи и личниот живот. Во различни нумери во текот на историјата на бендот учествуваа околу 20 членки, но карактерот на нивната музика не се менуваше. Ако сте за танцување, дефинитивно слушнете ги „Блестјашчие“.

Комбинација 

Бендот „Комбинација“ е основан 1988 година во Саратов и наскоро се здоби со популарност ширум Советскиот Сојуз. Што друго можеше да се очекува врз основа на нивните настапи каде што две убави девојки се забавуваа пеејќи духовити песни за недостатокот на стоки во продавниците, ниските плати и емиграцијата. Тоа беа актуелни теми што ги засегаа сите. Десет години подоцна престанаа да снимаат нови албуми и се свртеа кон солистички кариери. Но, и денес понекогаш можете да ги видите како заедно настапуваат на ретро-концерти.

Лицеј

Овој бенд беше исклучително популарен кон средината на 1990-тите. За разлика од повеќето женски бендови, водечките членки на групата не само што пееја, туку и добро свиреа гитари. Песната за несреќната љубов „Осењ“ (Есен) од 1993 година и денес може да се слушне на руските радио-станици.

Стрелки

Бендот „Стрелки“ (Стрели) имаше голем број солистки во периодот од 1997 до 2006 година. Нивните песни за неверни мажи и изневерени пријателства беа многу популарни. Во тој контекст, бендот се распадна затоа што жените го напуштаа премногу често. Многумина од нив денес имаат соло-кариера во Русија.

Фабрика 

Сите три девојки од оваа група учествуваа во руското шоу „Фабрика за соништа“ во 2002 година. Продуцентот на емисијата одлучи да формира група со нив. Тие пеат претежно песни за љубов на едноставни мелодии.

Мираж

И денес можете да ги слушнете на речиси секоја ретро-журка. „Мираж“ беше еден од најпопуларните бендови во доцните години на Советскиот Сојуз. Ритамот на нивните песни е толку заразен што просто ве тера да танцувате! Нивниот репертоар се состои од песни во класичен поп-стил со електронски инструменти. Пејачите неколку пати се менуваа, многу концерти изведуваа на плејбек, поради што публиката не ја забележуваше особено нивната смена. Некои од нив подоцна направија соло-кариера. Старите хитови на групата „Мираж“ и денес се популарни во Русија! 

Рефлекс

Минијатурни здолништа, тесни маички, светла шминка и електропоп-„Рефлекс“ е бенд на убавици од 2000-тите! За Русија тоа беше новина во тоа време и веројатно затоа ова дуо се здоби со таква популарност на самиот почеток. Главната солистка Ирина дури доби награда „За заслуги пред Татковината“ во 2017 година.

Колибри

Овој исклучително креативен квартет се појави во Ленинград (денешен Санкт Петербург) во доцните 80-ти години. За разлика од другите поп-бендови од тоа време, членовите на „Колибри“ навистина се занимаваа првенствено со својата музика, изведувајќи интелигентни и иронични песни, не претендирајќи да бидат фотомодели. Понекогаш изведуваа нумери од други автори, како во случајот со песната „Жолт есенски лист“, во која ја пародираат руската поп-музика користејќи чудни, нелогични фрази и ритми.

Пеп-си

Руската фанк група од Санкт Петербург настана кон средината на 90-тите. Во неа три дами во светли костими изведуваа луди и духовити песни како алтернатива на обичната поп или рок-музика. Тие никогаш не беа популарни како другите женски бендови, но се стекнаа со многу фанови меѓу обожавателите на тнр. „хулиганска“ музика.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња