Свечено отворени „Денови на руски јазик и култура во Република Северна Македонија“

Вчера, 22 септември, во Музејот на македонската борба во Скопје се одржа концерт на руска класична музика со што свечено беше отворена мафинестацијата „Денови на руски јазик и култура во Република Северна Македонија“.

На настанот зедоа учество министерот за култура на Република Северна Македонија д-р Ирена Стефоска, ректорот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ проф. д-р Никола Јанкуловски, амбасадорот на Руската Федерација во Република Северна Македонија Сергеј Баздникин кои на присустните гости им се обратија со поздравни говори.

Министерот за култура Ирена Стефоска зборуваше за значењето на долготрајната креативна поврзаност меѓу двете земји, истакнувајќи дека „македонско-руската соработка е видлива како низ институционални форми во културата, така и во индивидуални контакти на уметниците од двете земји“.

Амбасадорот Сергеј Баздникин потенцираше дека „токму културата што ја воспитува во нас желбата за морално и етичко усовршување, придонесува за создавање атмосфера на доверба и меѓусебно разбирање...“.

Ректорот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ проф. д-р  Никола Јанкуловски „Деновите на руски јазик и култура“ ги нарече „уште еден мост на соработка меѓу двете пријателски земји“ и додаде дека со оваа манифестација „Рускиот центар при УКИМ симболично го прославува својот прв јубилеј – 5 години од своето постоење“.

На концертот настапи гудачкиот квартет „Филхармонија“ составен од извонредни македонски музичари Бојан Илковски, Бојан Талевски, Марија Михајловска, а предводен од првиот концерт-мајстор на Симфонискиот оркестар на Филхармонија, истакнатата виолинистка со руско потекло Анна Кондратенко. Концертот беше придружуван од пијанистката Марија Вршкова. Беа изведени дела на великани на руската класична музика како С.В. Рахманинов, П.И. Чајковски, Д.Д. Шостакович.

Деновите на руски јазик и култура се одржуваат на иницијатива на Рускиот центар при УКИМ со поддршка од Фондацијата „Руски мир”, Амбасадата на Руската Федерација во Р.С. Македонија и компанијата „Лукоил Македонија”. Основната програма ќе трае до крајот на месецов и ќе вклучува настани од различен карактер: проекција на филм, квиз, научна конференција, отворена трибина посветена на преводите на руската литература во Македонија. Во октомври ќе се реализираат посети на македонските училишта во различни градови кадешто се изучува рускиот јазик.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња