Репродукција на икона со свештеникот и исповедник протопопот Авакум. Катедрала на Покров на Пресвета Богородица на Рогошките старообреднички гробишта.
Владимир Вдовин/SputnikВо Русија во 1654 година беснеела епидемија на чума. Истата година се случило и целосното затемнување на сонцето. Свештеникот Авакум ги сфатил дека овие настани како Божји гнев поради црковната реформа што ја спровел патријархот Никон. Авакум се противел на реформата и агитирал против неа. Станал еден од предводниците на старообредничкиот раскол во руската Црква. Бил фрлен во зандана во која почнал да ја пишува својата автобиографија...
Идниот писател Авакум Петров е роден во Нижегородската област, во семејство на селски свештеник. Во своето житие тој пишува дека на 22 години станал помошник на свештеникот (ѓакон), а на 32 „дотуркал“ до чинот „протопоп“, односно протојереј. Го познавал и го почитувал лично царот Алексеј Михајлович.
Пртотопоп Авакум. Школа или ликовен центар, Поволжје, крај на 17 и почеток на 18 век. Дрво, левакс, темпера.
Државен историски музеј, Москва, РусијаАвакум пишува како ревносно се борел против неправдата и ги штител „потребите“, поради што често запаѓал во судири и им бил трн во око на луѓето. Час би одбил да го благослови синот на некој угледен болјар, час би спасил некоја кутра девојка од напад на некој локален „газда“. Авакум го карале и го тепале, а еднаш дури и му ја нападнале куќата.
Тој од прогонот избегал во Москва каде тукушто била започната црковната реформа. Имено, патријархот Никон поништил многу измени до кои низ вековите дошло во православната црква и ги усогласил руските обреди со грчките. Меѓу другото, го вратил обичајот според кој христијаните се крстат со три прста, а не со два, како што тоа тогаш го правеле Русите. Авакум опишува како го доживеал тоа како голема несреќа и се вадел од памет, гледајќи како Никон со сила воведува нови правила и жестоко ги казнува оние што не се покоруваат. Тие биле фрлани во зандани, а на некои особено ревносни противници на реформите џелатите им ги отсекувале прстите и јазиците.
„Болјарката Морозова“, Василиј Суриков, 1887.
Третјаковска галерија, Москва, РусијаАвакум одбил да се крсти со три прста и агитирал против реформите, поради што бил протеран на Сибир неколку години. Подоцна му било одобрено да се врати во Москва, со надеж дека со текот на времето сепак ќе ги прифати реформите. Царот лично доаѓал да го наговара, но „протопопот“ бил непоколеблив. На крајот сите кренале раце од него, го ставиле во затвор, кадешто тој започнал да ја пишува својата автобиографија.
Авакум во Сибир, Сергеј Милорадович, 1898 година.
Музеј на историјата и религијата, Санкт Петербург, РусијаАвакум и во затвор ја продолжил својата агитација, поради што тој и неговите соборци биле погубени: тие се живи запалени во 1682 година.
Житијата на светците се жанр од кој во суштина започнува староруската литература. Описот на животот на некој светител го составувале монасите летописци по неговата смрт, и тоа според строги правила кои важат во Црквата. Тие опишувале како живеел подвижникот и какви чуда правел. „Житието“ на Авакум се разликува во најмала рака по тоа што е составено за време на неговиот живот и според тоа што тој самиот го напишал. Покрај тоа, текстот изобилува со конкретни имиња, локации и описи на детали, што не е толку карактеристично за житијата. Од друга страна, Авакум не пропушта да го спомене важниот дел од житијата како што се чудата. На крајот од своето дело тој ги набројува случаите во кои исцелувал луѓе и ги спасувал од демони.
Иновацијата на Авакум во однос на правилата на жанрот се состои и во тоа што тој мошне конкретно ги опишува своите чувства, своите грешни мисли, душевните маки и сомнежите. На пример, раскажува како му дошла некоја девојка и почнала да се кае поради развратот, а во него за тоа време се распламтел блуден оган („самиот се разболев, запален однатре со огнот блуден“). Но, тој, секако, ги пребродил овие искушенија. Слични душевни маки значително подоцна ќе опише Лев Толстој во своите дневници, а исто така и во прозата, на пример во „Крајцеровата соната“.
„Житието“ на Авакум може да се окарактеризира и како публицистика. Писателот ги изнесува своите ставови по повод многу и разни прашања на верата и на секојдневниот живот, полемизира со другите свештеници и наведува аргументи против Никон, во одбрана на „старата“ вера.
На почетокот од 20 век Дмитриј Свјатополк-Митски ја напишал својата „Историја на руската литература“, каде вели дека Авакум стои во првите редови на руските писатели и, дека, згора на тоа, него сè уште никој го нема надминато во „вештото владеење со сите изразни средства на секојдневниот јазик и создавањето највпечатливи литературни ефекти“.
Се смета дека рускиот литературен јазик кој денес се користи во говорот и во пишувањето е формиран во делата на Александар Пушкин. Пред него во литературата се користел „високиот стил“, односно зборови и фрази што ги немало во усниот говор. Но, Авакум, сепак, прв започнал да го користи разговорниот јазик во пишан текст.
Репродукција на икона со свештеникот и исповедник протопопот Авакум. Катедрала на Покровот на Пресвета Богородица на Рогошките старообреднички гробишта.
Владимир Вдовин/SputnikПротопопот ја започнува својата приказна, извинувајќи му се на читателот за тоа што ќе се изразува крајно едноставно: „Го сакам својот природен руски јазик, не сум навикнат на филозофски говор украсен со стихови“. Грубите зборови тој ги комбинира дури и со расудувањето за верата и со споменувањето на Христа. Еве, на пример, како Авакум го опишува стражарот што му го довеле во ќелијата: „Го потстрижав и го измив, и му ја сменив облеката. Многу вошки имаше. Тој и јас живеевме двајцата затворени, а трети со нас Христос и Пречиста Богородица“, и веднаш во следната фраза раскажува како стражарот вршел нужда кадешто ќе стаса.
Од друга страна, протопопот понекогаш зборува и со возвишен стил, обично кога зборува за луѓето што настрадале поради верата. А, во описот на човечките неволји, на пример за гладот и за тешката робијашка работа, тој може да се вивне дури и во поезија: „Реката плитка, сплавовите тешки, стражарите немилосрдни, тојагите големи, тепањата чворнати, камшиците остри, маките жестоки – оган и душевен потрес, а луѓето гладни“.
„Палењето на протопопот Авакум“, Пјотр Мјасоједов, 1897 година.
Музеј на историјата и на религијата, Санкт Петербург, Русија„Житието“ на Авакум било забрането и се ширело само меѓу старообредниците во вид на препишани ракописи. За првпат во печат се појавило дури во 1861 година. Тоа било токму оној период кога Достоевски ги пишувал своите „Записи од мртвиот дом“.
Многумина сметале дека Авакум е необразован грубијан, но сепак биле фасцинирани од неговиот јазик. „Еве го, тоа е жив московски говор!“, ќе напише Иван Тургенев. Лев Толстој наглас читал делови од „Житието“ на своето семејство, го фалел расколникот Авакум и зборувал за него како за „извонреден стилист“. И Фјодор Достоевски високо го ценел. Во „Дневникот на писателот“ вели дека јазикот на Авакум е „неспорно разнолик, богат, сестран и сеопфатен“ и дека приказната на Авакум е невозможно да се преведе на странски јазик: „би излегол куп бесмислици“.
Цртеж на протопопот Авакум. Пустозерски зборник на И. Н. Заволоко.
ИРЛИ (Институт за руска литература при Руската академија на науките)„Житието“ неколку пати е преведено на англиски. Најновиот превод му припаѓа на Кенет Бростром, објавен летото 2021 година во серијата „Руска библиотека“. Издавачката куќа Columbia University Press заклучи дека ова е едно од најважните дела на руската литература зашто „разговорниот руски јазик и стил послужиле како пример на писателите како што се Толстој, Достоевски и Горки“. Горки како да ги пресликувал своите јунаци од страниците на „житието“ на Авакум. Тој го доживувал познатиот руски расколник небаре како прв руски револуционер. „Јазикот, а исто така и стилот во писмата на протопопот Авакум и неговото 'Житие' и понатаму се ненадминат пример на огнената и страсна беседа на човекот што води борба“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче