Во 2024 година Москва ќе добие свој „Ермитаж“. Градските власти дефинитивно го одобрија проектот на Хани Рашид, коосновач на њујоршкото архитектонско ателје Asymptote. Ова ателје ги проектираше Њујоршката берза, Светскиот деловен центар „Соломон Тауер“ во Бусан и кулата „Страта“ во Абу Даби.
Филијалата на санктпетербуршкиот „Ермитаж“ ќе се гради на територијата на поранешната фабрика за автомобили ЗИЛ.
Петкатната зграда во вид на бела коцка ќе биде специфична од неколку причини. Нејзината фасада ќе биде „закачена“ на метален скелет, а дел од sидовите ќе биде направен од стакло, така што уметничките дела ќе бидат осветлени со природна светлина што е можно подолго во текот на денот. Затоа експонатите ќе можат да ги видат и минувачите од улицата.
Притоа светлината во просториите исто така ќе се коригира со дополнително осветлување. За секоја сала осветлувањето е програмирано по минути и во зависност од годишното време.
Во приземјето ќе има кафулиња и продавници, а над нив библиотека и истражувачкиот центар на музејот. За галерискиот простор се наменети вториот и третиот кат.
Четвртиот кат ќе биде простор за експериментирање, каде што ќе бидат изложени дела што не би можеле да се сместат во музеи со помали димензии. „На пример, некоја скулптура од триесетина метри ќе може да биде изложена тука“, рече рече архитектот Хани Рашид. Тука ќе има и ресторан со панорамски поглед.
Хани Рашид со причина се одлучи за токму вакво архитектонско решение. „Тоа е многу важна фаза во историјата на индустријализацијата на Русија. Околу дваесет пати го гледав „Човекот со филмска камера“ на Ѕига Вертов за да ја доживеам поезијата на тој мајстор и смислив како да работам со осврт на него, вели тој. „Би сакал завршениот проект да биде своевидна поема за фабриката ЗИЛ. Покрај тоа, во 21 век конструкцијата од стакло и челик, во која ќе биде сместен музејот, ќе биде буквален цитат од историјата на фабриката“.
Во московскиот „Ермитаж“ претежно ќе се изложува современа уметност, како и експонати од депото што никогаш порано не биле изложени. Дмитриј Озерков, раководител на одделението за современа уметност на „Ермитаж“, зборуваше за ова уште во 2015 година: „Непознатите ремек-дела се парчиња со спорен статус, како што се „Плоштадот Конкорд“ на Дега, импресионистите, Сезан, нашиот дел од колекцијата на Шчукин и Морозов“.
Во московската филијала ќе има и сала за предавања за 250 луѓе, отворен амфитеатар и едукативен центар.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче