„Црн Русин”: Коктел со вотка за американска амбасадорка (РЕЦЕПТ)

Legion Media
Дознајте како се подготвува познатиот коктел и каква врска има со Студената војна меѓу САД и СССР.

Во 1949 година во бриселскиот хотел „Метропол“ отседна американската амбасадорка во Луксембург и дама од високото друштво Перл Места. Потеклото на денес легендарен коктел, за кој ретко кој не слушнал, е поврзано токму со нејзиниот престој во овој хотел.

Според легендата, амбасадорката влегла во барот во холот на хотелот, а шанкерот Густав Топ ѝ подготвил коктел базиран на вотка и мексикански ликер од кафе. Не е познато кој од нив го смислил називот „Црн Русин“, но на почитуваната дама ѝ се допаднал новиот микс, кој подоцна бил вклучен во понудата на хотелот.

„Црниот Русин“ денес се наоѓа на списокот на официјални коктели на Меѓународната асоцијација на бармени во категоријата „Современа класика“. Тоа беше првиот коктел во групата коктели со кафе во целиот свет.

Зошто „Русин” и зошто „црн”

Основната состојка на коктелот е вотка, која често се поврзува со Русите. Другата состојка е ликерот од кафе, кој му дава темно кафеава боја на коктелот. Постои уште едно објаснување за овој назив. Според него, „Русинот“ во називот поцрнел поради затегнатите односи меѓу САД и СССР и почетокот на Студената војна.

Како да подготвите „Црн Русин”

Во ниска старомодна чаша најпрвин налејте вотка (50 ml). Додајте ликер од кафе „Калуа“ (25 ml). Ако го немате овој ликер, можете да земете кој било друг ликер од кафе. Додајте кршен мраз или коцки мраз (100 g) и промешајте. Ќе добиете умерено сладок и силен пијалак со вкус на кафе.

Во што се разликува „Црниот Русин“ од „Белиот Русин“?

Коктелот „Белиот Русин“ се прослави по филмот на браќата Коен „Големиот Лебовски“ (1998), во кој главниот лик Џефри се појавува 9 пати во кадарот со овој коктел. Без оглед на тоа што се случува околу него, тој е смирен и пие „Бел Русин“. Во суштина, тој коктел е верзија на „Црниот Русин“ со малку променет однос на состојките и со додаток слатка павлака. Поради слатката павлака, не престанува спорот дали станува збор за машки или женски коктел.

А ако му додадете кола или лимон?

Голем број варијации беа направени врз основа на „Црниот Русин“. Ако го послужите во висока чаша и му додадете кола, ќе добиете „Црн валкан Русин“, кој е познат и како „Висок црн Русин“, „Австралиски црн Русин“ или „Колорадо булдог“.

Ако во „Црниот Русин“ додадете ирско пиво „Гинис“, ќе добиете „Ирски Русин“ или „Мек црн Русин“, а ако го прелиете со пиво од ѓумбир (џинџер ејл), добивате „Смеѓ Русин“.

Не помалку популарна е верзијата „Црна магија“ со сок од лимон и кора од лимон за декорација. Во Русија ваквиот коктел нагалено се нарекува со женското име „Ниночка“ во чест на истоимената американска комедија (1939) со Грета Гарбо во главната улога.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња