Погледнете цртежи во фантази жанрот кои го доловуваат патувањето со руски воз (ФОТО)

Юлия Журавлева
Чај во чаши со метални држачи, инстант тестенини и многу, многу мачки - вака руска уметница ја гледа чудесната атмосфера на рускиот воз прошарана со нејзините специфични фантази мотиви.

Девојки наоружани со мачки, гитари и метли тргнуваат на пат со руски воз - ова е основното сиже на серијата цртежи во фантази жанрот на 31-годишната уметница од Омск Јулија Журављова.

Јулија професионално се занимава со цртање веќе осум години, а нејзините главни ликови се вештерки кои живеат во руската реалност.

Во една од нејзините поранешни серии младите вештерки живееја во обични советски згради, летаа на метли во продавница и заработуваа како курири за испорака.

„Ме инспирираат митологијата, постсоветската сценографија и секојдневните сижеа. Сакам да ги комбинирам овие елементи во моите работи. Идејата со возовите потекна природно од работите што ги нацртав порано. Серијата со вештерки во нашето секојдневие ми се допадна толку многу што решив да ги испратам на патување. И, секако, ниту еден вид сообраќај не е толку романтичен како возот“, ја објаснува Журављова идејата за нова серија работи.

На цртежите вештерките пијат чај со лимон од чаши со метални држачи, со помош на магија во воздухот држат сендвичи со салама и низ прозорецот на возот ги поздравуваат другите вештерки кои патуваат со метли.

На еден цртеж Баба Јага им дофрла пирошки на вештерките право низ прозорецот на возот.

На друг две вештерки користат мачор за да му се одмаздат на патникот за неговите искинати и веројатно смрдливи чорапи.

На трет цртеж девојка со златна коса едноставно гледа низ прозорецот, сонувајќи дека наскоро ќе се најде во природа.

Според уметницата, таа со години не патувала со воз, освен за ноќни патувања од Москва до Санкт Петербург и назад, но и понатаму има убави спомени за патувањата од студентските денови.

„Без сомнение, во возовите, а особено во возовите без купе, има некаква доза на неудобност, но долгото патување со воз со пријателите кога имате 18-20 години е сјајно доживување и јас го паметам само она најубавото. Играњето карти, слаткиот чај и ноќните разговори - кога луѓето најмногу уживаат во тоа, ако не за време на студентските денови?“- се присетува Журављова.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња