10 случаи кога Русија и САД започнуваат Трета светска војна (на филм)

John Milius/MGM/UA Entertainment Company, 1984.
Со децении безброј луѓе ширум светот си легнуваа да спијат не знаејќи дали светот ќе постои следниот ден. Нивните кошмари добија форма на атомска печурка. За среќа на луѓето, Третата светска војна беше само болна фантазија. Уште еден аргумент за „клукање“ на филмските сценарија. Ова се некои од најпознатите филмови на таа тема.

1. „Д-р Стрејнџлав или: Како научив да престанам да се грижам и ја засакав бомбата“ (1964)

Во ова ремек-дело на Стенли Кјубрик, дементната американска војска е целосно сигурна дека комунистите планираат светска доминација. За да го избегнат тоа, не можат да се сетат на ништо подобро од бомбардирање на Советскиот Сојуз. Наредбата е сепак откажана, но еден од американските бомбардери Б-52, чие радио се расипува, фрла атомска бомба.

2. Критична точка (1964)

За време на Студената војна, поради компјутерска грешка, ескадрила американски бомбардери е испратена да ја уништи Москва. Претседателот на САД (Хенри Фонда) се обидува да ги врати назад, но софистицираниот безбедносен систем го оневозможува стопирањето на нападот, па затоа мора да го убеди Советскиот Сојуз да не го возвраќа ударот. Ако неговите пилоти успеат да ја извршат својата мисија во Москва, очајниот претседател како жртва нуди град во САД.

3. Инцидентот во Бедфорд (1965)

За време на мисија покрај брегот на Гренланд, американскиот разурнувач УСС „Бедфорд“ открива советска подморница. Капетанот одлучува да си игра мачка и глушец со Русите, но си нема поим дека тоа ќе има трагични последици за двете страни. Последици како што се голема експлозија и облак во вид на печурка...

4. Трета светска војна (1982)

Иако насловот јасно покажува за што станува збор во филмот, продолжете да читате. Во 1987 година советски падобранци доаѓаат на Алјаска за да саботираат нафтовод во знак на одмазда против ембаргото на пченица кое САД го воспоставиле против СССР. Започнува пресметка на пумпна станица која ја бранат полковникот Џејк Кафи и припадници на Националната гарда. Опасноста се зголемува кога советскиот премиер и претседателот на САД си играат мачка и глушец.

5. Црвена зора (1984)

Најлошиот кошмар за многу Американци се остварува: Русите, Кубанците и Никарагванците ја напаѓаат нивната земја (или барем непознатиот град Колорадо) и воспоставуваат комунизам. Многу брзо група млади луѓе (без воена обука и речиси невооружена, но надарена со голем патриотски дух) успева да формира ефикасен отпор против освојувачот, вооружен до заби, но без срце... или синџир за брза храна.

6. Конци (1984)

Британскиот филм во документарен стил го опишува нуклеарниот холокауст до кој доведува војната меѓу САД и СССР и неговото влијание врз работничката класа на градот Шефилд во Велика Британија, како и долгорочните последици од нуклеарната војна врз цивилизацијата.

Во филмот војната избива поради тензиите меѓу САД и СССР по државен удар во Иран, кој доведува до советска воена интервенција. Тука е и судирот во Персискиот Залив кој завршува со потопување на подморница и американски носач на авиони. САД ја блокираат Куба, а Велика Британија испраќа трупи во Западен Берлин. Нуклеарните проектили се во воздухот...

Некои критичари сметаат дека овој „филм најдобро го претставува целосниот ужас од нуклеарната војна и нејзините последици, како и катастрофалното влијание што тој настан би го имал врз човечката култура“.

7. Америка (1987)

Во овој филм се објавува војна и САД се поразени. Советскиот Сојуз ја зазема земјата по предавањето и создава работни логори за некои граѓани, истовремено воспоставувајќи сопствена колаборационистичка структура. Во филмот се појавува храбар брадест човек (Крис Кристоферсон) кој создава бунтовнички сили и започнува со контранапад.

8. В мугри (1990)

Екипаж на нуклеарен бомбардер го напаѓа Советскиот Сојуз. Во меѓувреме, американскиот претседател очајно се обидува да воспостави контрола врз својата војска по пад на хеликоптер за време на ограничена нуклеарна размена. Се чини дека се работи за вториот дел на филмот „Д-р Стрејнџлав“, но без црниот хумор и талентот на Кјубрик.

9. Цената на стравот (2002)

Во овој филм од авантуристичката сага за Џек Рајан, побунет руски генерал им наредува на пилоти на воздухопловна база со својот Ту-22М да го нападнат американскиот носач на авиони УСС „Џон Ц. Стенис“ (CVN-74) во Северното Море. Рускиот напад успева, а како одговор на тоа американскиот претседател Фаулер им наредува на ловци-бомбардери F-16 од воздухопловните сили на САД да ја нападнат руската воздухопловна база. За среќа, тука е Џек Рајан, кој ги запира во таа намера.

10. Црвена зора (2012)

Римејк на филмот „Црвена зора“ од 1984 година, кој зборува за инвазија на советски трупи на САД. Советите во новата верзија ги заменуваат Севернокорејци. Или барем така се чини, затоа што наскоро откриваме дека напаѓачите се поддржани од ултранационалистичка Русија. Всушност, Американците ќе мораат да неутрализираат група руски спецназовци, распоредена на нивна територија. Овој пат (очигледно) нема никакво нуклеарно истребување.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња