Што значат боите во руското православие?

Сергеj Пjaтаков/Sputnik; Legion Media
Куполите, sидовите на црквите и одеждата на епископите можат да бидат во различни бои кои не се избрани случајно.

Зелена

Боја на вечниот живот во руското православие, зелената исто така се поврзува со Светиот Дух. За време на прославата на празникот Педесетница (Троица или Духови) на педесеттиот ден по Велигден свештениците носат зелени одори, а црквата е украсена со зелени гранки и лисја. Исто така, мантијата на патријархот е традиционално зелена.

Црвена

Црвената е боја на оган и ја симболизира пламнатата грмушка од која Бог му зборувал на Мојсеј на планината Хорив. Затоа црвената боја  исто така се поврзува со Отецот Бог.

Црвената боја е боја на Христовата крв и се поврзува со Велигден. Но, исто така, според Библијата, Римјаните го облекле Христос во црвена облека пред погубувањето, за да го исмеваат како крал на Јудеја. Затоа црвената, како кралска боја, генерално се поврзува со настаните од Христовото страдање и воскресението.

Сина

Сината е симбол на рајот, а сината и белата традиционално се боите на Богородица. Исус Христос и светците честопати се прикажани во сини одори, бидејќи тие се жители на небото.

Бела

Во Новиот Завет, белата е бојата на Господ: „А главата негова и косата му беа бели како бела волна, како снег, и очите негови како пламен огнен“ (Јованово Откровение 1:14).

Белата значи сјај, што е слично на божествената светлина. Надворешните sидови на црквата „Вознесение“ во Коломенское, најстарата камена црква со шаторски покрив и Одигитриевската црква во Вјазма се целосно бели, што во прв план ја изнесува идејата на чистотата.

Жолта (златна)

Бојата на славата и достоинството, жолтата боја во руското православие не се поврзува со злато или пари. Таа е симбол на топлината на Божјата љубов.

Иако од 12-13 век во Европа жолтата боја се поврзува со Јудиното предавство на Христос и Јуда традиционално се прикажува во жолта одора, во руското православие оваа врска не постои. Златни наметки носат свештениците на неделната литургија, како и во повеќето други денови од годината, освен ако нема помен во црквата. Ако црквата има златни куполи, таа е посветена на Христос или на еден од 12 големи православни празници.

Црна

Освен што е универзална боја на жалост, црната во руското православие се поврзува со монаштвото. Кога човек ќе се замонаши, тој се одрекува од световните задоволства и со тоа „умира“ за световниот живот. Црни куполи обично се појавуваат на црквите подигнати во манастирите.

Исто така, црната е бојата на одорите на епископите, архиепископите, митрополитите и патријархот за време на Великиот пост. Во современата Руска православна црква постои тенденција да се напушта црната боја и да се заменува со темно виолетова.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња