10 познати Руси погребани надвор од татковината

Ulf Andersen/Keystone/Hulton Archive/Getty Images; Legion media
Во Русија луѓето имаат голема почит кон старите гробишта и кон гробовите на познатите луѓе. И кога Русите патуваат во странство, мошне е веројатно дека ќе посакаат да ги посетат местата каде почиваат нивните познати сонародници.

Ана Павлова (1881-1931)

Светската слава на оваа примабалерина на Мариинскиот театар ѝ го донесе учеството во „Руските сезони“ на Сергеј Дјагилев. Подоцна Павлова собрала своја трупа и создала сопствен стил во балетот. Кога започнала Првата светска војна, таа преминува во Англија, но продолжува интензивно да настапува. Во дваесеттите години од минатиот век го минала половина свет, посетувајќи ги на турнеи во Азија, Латинска Америка, па дури и во Австралија и Нов Зеланд. Некои земји за првпат се запознале со балетската уметност токму преку нејзината изведба. Големата руска балерина починала откако настинала во студената сала за проби. Урната со нејзината пепел се наоѓа во колумбариумот на првиот лондонски крематориум Голдерс-Грин.

Иван Бунин (1870-1953)

Првиот руски добитник на Нобеловата награда за литература ја напушти Русија во 1920 година по револуцијата и Граѓанската војна. Наследникот на книжевната традиција на Толстој и Достоевски, Бунин се пресели во Париз и околу себе собра цел кружок писатели-емигранти. По Втората светска војна го повикуваа да се врати во татковината или да ја посети, но тој одбиваше, велејќи дека е премногу стар. Последните години од животот писателот страдаше од сериозно заболување на белите дробови. Погребан е на париските гробишта Сен Женевјев де Боа, каде почиваат многу руски емигранти.

Дмитриј Мережковски (1865-1941) и Зинаида Гипиус (1869-1945)

Овие сопружници, истакнати претставници на Сребрениот век на руската литература, како и Бунин, не ја прифатија револуцијата и во 1920 година се преселија во Парис. Сметаа дека главна задача на Западот е ослободување на Русија од болшевизмот и беа дури подготвени да ги поддржат Мусолини и Хитлер во оваа цел. Поради нивните радикални ставови истерани се од парискиот стан, а многумина руски емигранти им го свртеле грбот. Набргу, во 1941 година, Мережковски починува, а Гипиус проживеа уште само четири години. Погребани се на париските гробишта Сан Женевјев де Боа.

Вацлав Нижински (1889-1950)

Уште една ѕвезда на „Руските сезони“ на Сергеј Дјагилев, Нижински исто така бил и љубовник на еден познат импресарио. Меѓутоа, во 1913 година на турнеја во странство тајно се оженил со својата обожавателка. Дјагилев го исфрлил Нижински од трупата, а генијалниот танчар не успеа да развие кариера. Наспроти Првата светска војна со жена си и со двете деца замина во Санкт Петербург. Дјагилев му прости и му даде неколку исклучителни улоги, а исто така му дал можност да настапува во странство. Но, Нижински не уживаше долго во успехот. Му беше утврдено психичко заболување и долги години се лекуваше во една виенска клиника. Почина во Лондон, но три години подоцна неговите останки беа префрлени во Париз на гробиштата Монмартр.

Матилда Кшесинска (1872-1971)

Познатата балерина и љубовница на последниот руски цар била принудена да ја напушти својата богата вила во центарот на Петербург откако ја зазеле болшевиците. Во Франција Кшесинска имала вила, но се преселила во Париз, каде отворила балетско студио. Доживеала речиси 100 години и погребана е исто така на гробиштата Сан Женевјев де Боа со својот сопруг, великиот кнез од родот Романови Андреј Владимирович и со нивниот син.

Игор Стравински (1882-1971)

Еден од најзначајните руски композитори на 20 век беше ѕвезда на „Руските сезони“ на Дјагилев. Неговите балети „Жар-птица“, „Петрушка“ и „Посветување на пролетта“, напишани во неоруски стил, му донесоа светска слава. Првата светска војна го затекна со семејството во Швајцарија, па тие решија да не се враќаат во Русија, каде набргу потоа започна револуцијата. Стравински продолжи да пишува музика и тоа со голем успех. Живееше во Швајцарија и во Париз, заминуваше на турнеи во САД, каде реши да емигрира кога започна Втората светска војна. Композиторот почина во Њујорк, но беше погребан на венециските гробишта Сан Микеле.

Владимир Набоков (1899-1977)

Таткото на идниот писател беше политичар и опонент на болшевиците. Затоа целото семејство мораше да ја напушти Русија кога започна Граѓанската војна. Набоков се школуваше во Англија, а подоцна живееше во Берлин и во Париз. Сопругата на писателот Вера беше Еврејка и затоа на почетокот на Втората светска војна нејзиното семејство пребегнало во САД. Набоков предаваше руска книжевност во Америка и напиша неколку познати романи на англиски јазик. Во 1960 година се врати во Европа и последните години од животот ги мина во швајцарско Монтре, уживајќи во омиленото хоби: собирање и проучување пеперуги. Погребан е на гробиштата во гратчето Кларен во близина на Монтре.

Андреј Тарковски (1932-1986)

По едно службено патување во Италија еден од најпознатите руски режисери одлучи да не се враќа во својата татковина и во СССР стана персона нон грата. Во странство успеа да сними само два филма. Во 1985 година му беше дијагностициран рак на белите дробови и почина во 1986 година во Париз во станот на еден свој пријател во кој привремено живееше. Тарковски исто така е погребан на гробиштата Сан Женевјев де Боа. Надгробниот споменик го направи познатиот уметник Ернст Неизвестни.

Рудолф Нуреев (1938-1993)

Уште еден балетски танчар е погребан на познатите париски гробишта. Беше еден од првите уметници во СССР кој одби да се врати во татковината од турнеја. Нуреев на Запад стана суперѕвезда, танцуваше во Данска, во Англија, во Австрија, а потоа долги години беше на чело на балетската трупа на Париската опера. Јавно се декларираше како хомосексуалец и почина од компликации поради инфекција со ХИВ. Источњачкиот килим на неговиот гроб на париските гробишта Сан Женевјев де Боа укажува на неговите татарски корени и потсетува на детството минато во Уфа.

Јосиф Бродски (1940-1996)

Уште еден добитник на Нобеловата награда за литература и поет кој до денешен ден е неверојатно популарен во Русија. Бродски никако не можеше да најде заеднички јазик со советската власт, ниту да го прифати општественото уредување во СССР. Беше казнет со протерување од Ленинград „поради неработење“, зашто официјално беше невработен поет. Подоцна властите го принудија да ја напушти земјата. Бродски се пресели во Америка и таму предаваше руска литература. Но, негова голема љубов беше Венеција, каде заминуваше секоја зима и долго се возеше по каналите кои го потсетуваа на родниот Ленинград. Почина во САД, но погребан е во Венеција на гробиштата Сан Микеле.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња