Кој е Дмитриј Нагиев, најпосакуваниот маж во Русија по Путин?

Дмитриј Нагиев

Дмитриј Нагиев

Сергеј Севостјанов/TASS
Најплатениот руски актер и шоумен со карактеристичен змиски поглед на македонската публика ѝ познат пред сè по улогите во сериите „Кујна“ и „Двајца татковци и два сина“. Во Русија е познат по многуте филмски и телевизиски ролји. А, порано Дмитриј Нагиев и Владимир Путин, обајцата тогаш непознати на пошироката јавност, на народот заедно му делеле цигари, хељда и месни конзерви во предизборната кампања на губернаторот на Ленинградската област.

Рускиот претседател Владимир Путин на 68 години и понатаму останува нејсексапилниот маж според мислењето на 2.000 испитаници од обата пола. Анкетата ја спроведоа аналитичарите на сервисот Суперџоб.

Но, кој е неговиот најблизок конкурент? Никој друг, ами 54-годишниот руски шоумен и актер Дмитриј Нагиев, човекот кој во деведесеттите години од минатиот век се возел во иста кола со Путин и кој во првата деценија на 21 век ја водеше најконтроверзната шоу-програма на руската телевизија.

Руски православец со арапско потекло

Нагиев е роден во Ленинград (денешен Санкт Петербург). Неговите предци по таткова линија се Арапи кои за времето на Првата светска војна избегале од Иран во Туркменистан. Од целото семејство преживеал само деветгодишниот Гулам, дедото на Дмитриј. Неговата Баба по мајчина линија дошла од Германија. „Но, ние сме родени тука, за тоа сум многу благодарен и многу ја сакам својата земја“; вели Дмитриј Нагиев, нарекувајќи се себеси „руски православец“.

Во младоста тренирал самбо и џудо под раководство на идниот милијардер Аркадиј Ротенберг, исто така партнер во џудо на Путин.

Семејството на Нагиев било сиромашно и како тинејџер почнал да се занимава со профитабилен, но опасен бизнис: продавал девизи, што во Советскиот Сојуз беше кривично дело. Еднаш бил фатен со девизи, па од полицијата избегал во војска. „Тоа беше ужасно и бесмислено време“, се сеќава тој на воената служба, споменувајќи си го малтретирањето на новодојдените војници и практиката „еден километар трева да се обои во зелено“. Но, токму таму сфатил дека сака да стане актер. Кога се вратил од војска, Нагиев се запишал на глума. Тоа беа „гладните“ деведесетти. Навечер заработувал како диџеј и како водител на шоу-програми и на избори за мис.

„Во деведесеттите работев кај криминалци зашто тие ги држеа сите ноќни клубови. Ја минав таа школа од почеток до крај. Таму сè беше комплицирано, валкано, одвратно. Пред мене не убиваа луѓе. Но, имам видено како од багажникот паѓа труп. Ја завртев главата, се правев дека не гледам“, се сеќава тој во интервју со новинарот Јури Дуд. ( До денес оваа снимка има собрано 30 милиони прегледи. Нагиев вели дека со криминалните босови имал „топли односи полни со почитување“ зашто „или ќе те сметаат за свој човек или ќе работиш на некое друго место“.

Во тоа време тој беше најпопуларниот радиски диџеј во Русија, освојувајќи ја таа титула четири пати едно по друго. Затоа го повикаа во предизборната кампања на идниот губернатор на Санкт Петербург Анатолиј Собчак, каде за првпат соработувал со Путин (тогаш идниот претседател на Русија беше прв заменик на претседателот на владата на Санкт Петербург). Тие тројца (Нагиев, Собчак и Путин) заедно ја обиколуваа областа во кампања, делејќи му на народот цигари, хељда и други производи.

„Седев со Собчак, зад мене седеше Владимир Владимирович, сите во ист автобус. И Путин повремено ме прашуваше: Дима, имавте ли доволно хељда, месни конзерви, шеќер?“ Според него, ова познанство не прераснало во нешто друго: „Никогаш не ми било својствено и не можев да научам да се дружам со оние што треба“.

„Примитивец“ на телевизија

Првиот голем бран популарност Нагиев го доживеа веќе по 2000 година кога почна да игра во нискобуџетните хумористични серии „Внимавајте, модерно!“ и „Тотално модерно!“ заедно со актерот Сергеј Рост. Тие заедно ги глумеа сите станари на една типична висококатница, од поранешен тенкист до пијан санитарен техничар.

„Внимавајте, модерно!“

Нагиев истовремено беше водител на неколку ток-шоу емисии, од кои најскандалозна и најпровокативна беше „Прозорци“. Емисијата имаше формат на „Џери Спрингер шоу“ на таканаречените „Животни теми“ со тепачки и со изобилство на пцовки. Потоа призна дека дури не ја гледал емисијата во која учествувал, сметајќи ја второкласно ѓубре.

„Окна“ („Прозорци“)

„Бев во кредити, сакав да живеам во Москва. И кога го прекинаа 'Прозорци бев во шок. Но, веќе истата вечер ме повикаа на Првиот канал кај Ернст [Константин Ернст – генерален директор на главниот државен канал во земјата]'. Тој ми рече: Вие сте многу талентиран и три години добро се мачевте, создавајќи стабилен лик на примитивец. Добредојдовте во екипата! Така ме зедоа на Прва“.

За ликот на „примитивец“ придонес имаше и неговиот карактеристичен „змиски поглед“ кој потекнува од парализата на фацијалниот нерв од студентските денови.

Од снимањето на филмот „БУМЕРанг“

Со текот на времето Нагиев почна да се појавува во главните улоги на популарни серии и филмови (главно од жанрот на кринж комедија или комедија на нелагодност). Моментално зад себе има околу 80 проекти на филм и во театар и спаѓа меѓу најзафатените актери во земјата. Во 2016 година Форбс го прогласи за најбогат актер во Русија со годишна заработка од 3.2 милиони американски долари.

'The Voice Russia' TV

Нагиев не одби да работи дури ни кога дозна дека починала неговата мајка. Неколку часа подоцна излезе во емисија во живо како водител на музичката шоу-програма „Глас“.

„Тоа е тешка работа. Но, гледачот не знае, а и не треба да знае што ти се случува. Ти треба да го направиш тоа. Некогаш и јас, како и сите, имам проблем да прифатам дека Шварценегер не отишол на погребот на својот татко. Како можел? Сепак станува збор за татко. Но, и јас бев близу да направам такво нешто“, вели тој.

Сцена од филмот „Непростено“

Во последно време Нагиев се обиде да ја промени својата креативна ориентација и повторно избира сериозни драмски улоги (уште во деведесеттите години од минатиот век крајно убедливо одигра чеченски бунтовник во филмот „Чистилиште“). Ја толкуваше главната улога во „Непростено“ заснована на вистинска приказна за одмаздата на Виталиј Калоев (во јули 2002 година жената и двете деца на Виталиј Калоев од Русија загинаа во авионска несреќа над Боденското Езеро, две години подоцна Калоев беше осуден поради убиство на швајцарскиот контролор на летот Петер Нилсен, кој беше одговорен за трагедијата), а во серијата „Чикатило“ се појави во улога на манијак кој има убиено 43 луѓе. Според мислењето на критичарите, Нагиев покажа сериозен драмски талент и дури успеа да „ги надомести сите недостатоци“ од не толку сјајниот телевизиски проект.

Дмитриј со синот Кирил Нагиев

За личниот живот на Нагиев не се знае речиси ништо. Има син со поранешната жена кој сега веќе е познат актер, додека своето ново семејство го чува далеку од очите на јавноста.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња