Како верниците во Русија го поминуваат Великиот пост?

Legion Media
Великиот пост за верниците не е едноставно воздржување од определен вид храна. Она што е најважно е човек во морална смисла да се воздржува и да „не ги јаде“ своите ближни, избегнувајќи гнев и раздразливост.

Великиот пост е најстрогиот пост во православието. Започнува веднаш по Масленица (руски празник кој трае една недела во текот на последната седмица пред постот) и трае 48 дена, до Велигден (40 дена како сеќавање на Христовиот пост; два празнични дена: Лазарева сабота и Цветници, и Страсна недела). Великиот пост подразбира одрекување од производи од животинско потекло, но не може да се каже дека тоа е диета, зашто смислата на ограничување е во тоа човекот духовно да се прочисти и да се подготви за прославата на Христовото воскресение. Во 2021 година Великиот пост трае од 15 март до 1 мај.

Како започнува Великиот пост?

Првиот ден од постот се нарекува чист понеделник. Тој ден треба да се среди куќата, да се оди во бања, да се бори против лошите мисли со помош на молитва и да се подготви за ограничување во исхраната и во забавата. Оние на кои здравјето тоа им го дозволува, црквата препорачува во понеделник воопшто да не јадат, ами само да пијат вода. Во вторник може да се јаде само леб и вода, а во среда само сурива храна без масло. Генерално, првата и последната седмица од постот се сметаат за најстрог.

В. Перов. Чист понеделник

Но, притоа отстапки од строгите правила им се дозволени на децата, на бремените жени, на старите лица, како и на оние кои се на пат. Претставниците на црквата им препорачуваат на луѓето воздржувањето од храна да биде доброволно и во согласност со можностите. На пример, со малите деца родителите можат да се договорат да добиваат помалку слатки од обично.

Од што треба да се одречеме за време на постот?

Во текот на целиот пост верниците треба да се воздржуваат од храна од животинско потекло, односно од месо, животински масти, млечни производи и јајца. Рибата и морските плодови се дозволени само двапати за време на постот: на Благовест (7 април) и на Цветници (кои во 2021 година се паѓаат на 25 април). За Лазарова сабота дозволен е кавијар. Алкохолот е забранет во текот на целиот пост, со тоа што во недела, на Лазарова сабота и во четвртокот на Страсната недела дозволена е една чаша црно вино.

Најважно е човек да се воздржува во морална смисла и да „не ги јаде“ своите ближни, избегнувајќи гнев и раздразливост.

Како се хранат луѓето за време на постот?

Во работните денови јадат еднаш дневно и тоа навечер, а за викенд двапати.

За време на Великиот пост се менуваат деновите на сурова и на готвена храна: во понеделник, во среда и во петок треба да се јаде сурова храна без масло, а во вторник и четврток варена без масло, додека за викендите дозволено е да се прави храна со масло.

Основата на посната трпеза е составена од многубројни каши: од јачмен, од овес, од хељда итн. Изборот е огромен. Дозволени се зеленчук, овошје, јатки, мешунки, печурки, леб и мед. Верниците често подготвуваат лесни супи, вегетаријански ќофтиња, посни теста. Од пијалаците се дозволени вода, сите чаеви, кафе, цикорија, компоти. Се смета дека храната не треба да има интензивен вкус и затоа треба да се избегнуваат зачини. Исто така не се препорачува пржење, ами варење, динстање или печење.

Храната не треба да биде тешка. На верниците им се советува да избегнуваат прејадување со омилената храна. Ако некој може да изеде одеднаш цела вангла вареники (варено полнето тесто) со зелка или еден куп пирошки со компир, подобро целосно да се откаже од таа храна, иако е посна.

Најстрогата недела

Последната недела пред Велигден се нарекува Страсна. Од понеделник до среда се јаде сурова храна без масло, а во четврток може да се јаде варена на масло и со чаша вино, а во петок треба да се воздржува од јадење храна (дозволена е само вода). Во сабота постот се завршува со сурова храна без масло, но со вино. Во недела е Велигден, за кој руските верници подготвуваат кулич, пасха и бојосуваат јајца.

Што е забрането за време на Великиот пост?

За време на постот забранети се сите видови гатање (кои црквата и онака не ги одобрува), пушење (човек треба барем да се обиде да ја совлада таа страст), жесток пијалак, како и интимни односи. Поради тоа православната црква во текот на постот не венчава. Исто така се препорачува воздржување од забави и проводи, со препорака тоа време да се посвети на молитва.

Целта на великиот пост е борбата против страста за човекот духовно да му се приближи на Бога. Дури и ако не успее да ја ограничи својата исхрана, може да ја насочи енергијата на добри дела.

По што се разликува Великиот пост во православието и во католицизмот?

Строгиот пост го почитуваат и католиците, но тој се разликува пред сè во терминот (поради разликите во календарите). Во 2021 година католичкиот пост трае од 17 февруари до 3 април. Православниот пост секогаш започнува во понеделник, додека католичкиот започнува во среда (тоа е пепелна среда, кога верниците на служба се посипуваат со пепел на главата). Католичкиот пост започнува 45 дена пред Велигден и престанува во недела. Затоа се смета дека трае точно 40 дена. Во деновите на постот верниците на јадат месна храна, но дозволени се млечни производи и риба, освен во некои денови.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња