Која е Манижа што ќе ја претставува Русија на Евровизија 2021?

Екатерина Чеснокова/Sputnik
Кампања против семејното насилство, поддршка на ЛГБТИ-движењето, амбасадорка на Русија во ОН по прашањето за бегалците, амбасадорка на хуманитарниот фонд за помош на децата... Што треба да знаете за руската учесничка на Евровизија:

Врз основа на гласањето на гледачите Русија во Ротердам ќе ја испрати 29-годишната пејачка од таџикистанско потекло Манижа. Оваа уметница која има експериментирано со инди, електронска и етномузика на конкурсот ја претстави песната „Russian Woman“ која е составена од неколку стилски различни сегменти и претставува комбинација на хип-хоп и руска етномузика. Текстот на синглот е на англиски и на руски јазик, но содржински е најинтересен рапот на руски.

„Ова е песна за трансформацијата на самодоживувањето на жените во текот на последните неколку векови во Русија. Руската жена минала восхитувачки пат од селската колиба до правото да гласа и да биде гласана (која го стекнала меѓу првите на светот), од фабричките постројки до лет во космосот“, вели Манижа за својата песна. Инаку, ја напишала на 8 март минатата година. А, токму зборовите за силата и за самостојноста на руската жена предизвикаа бран негативни коментари на социјалните мрежи.

Бегалка од Душанбе

Манижа Сангин е родена во Душанбе. Кога имала три години во земјата избива војна, а во 1994 година на нејзината куќа паѓа бомба.

„Мајка ми, по некакво чудо, една минута претходно излезе со мене да простира алишта. Од станот не остана ништо. Како ни од дотогашниот живот“, изјави таа во интервју.

Денес Манижа вели дека ѝ е драго што пее и што пишува песни на руски јазик за руската публика, но токму нејзиното таџикистанско потекло беше главната причина за критика на пејачката во Русија. Иако беше избрана со гласање од страна на гледачите, на многумина овој избор не им се допадна, и социјалните мрежи беа преплавени со коментари од типот: „Како Таџикистанка може да пее песна за руските жени! Не сум националистка, но тоа навистина ме нервира!“

Меѓутоа, Манижа од почетокот на својата кариера се сретнала со предрасудите и со отворената ксенофобија во Русија. Со музика се занимава уште како дете. Беше победничка на четвртиот меѓународен фестивал „Kaunas Talent, има одржано турнеа по балтичките земји, а нејзините песни се вртеа на таџикистанските радиостаници. Првата поголема популарност ја стекна кон средината на минатата деценија, кога имаше 15 години. Ја забележаа продуценти од Русија и вложија во нејзина промоција. Но, ѝ забранија да настапува под „премногу муслиманско“ име и ѝ го смислија псевдонимот Ру.Кола.

„Почнаа да ме менуваат“, вели Манижа. Косата ѝ ја бојадисаа во посветла нијанса, необичните етнокостими ги заменија со женствена облека, ѝ забранија да изведува авторски песни и ѝ дадоа рап-репертоар. Во тоа време добивала по 10.000 евра за еден настап (повеќе одошто денес), месечно држеше по најмалку 10 концерти, првиот солистички албум го сними во 2008 година. Но, три години подоцна го напушти проектот и тргна по слободен пат.

„Сакав да настапувам, но не чувствував дека носам нешто свое“, објасни таа подоцна.

„Кога имаш што да кажеш“

Кога се ослободи од продуцентите, пејачката долго не можеше да го пронајде својот музички израз и сериозно размислувала да ја напушти музиката, особено по неуспешните обиди да настапува во група. Не сакаше да се врати во шоу-бизнисот и затоа ги одбиваше понудите на дискографските куќи, вклучувајќи ги и западните. „Психички бев на дното“, признава Манижа. Сè се промени со Инстаграм.

Пејачката на оваа социјална мрежа почна да објавува музички колажи и обработки во траење од 15 секунди. Овој формат ѝ се допадна на публиката. За еден месец профилот со 700 следбеници дојде до 5.000. Инстаграм, кој „беше само вентил“, стана нејзината главна платформа и извор на заработувачка.

Во 2016 година го објави независниот Инстаграм-албум „Манускрипт“: секоја недела објавуваше по една нова авторска песна, а секоја од нив имаше свое Инстаграм-видео и посебен уметнички профил. Албумот три недели беше на топ листата на Ај-Тјунс и ја врати Манижа на големата сцена, при што мајката на пејачката се појави во улога на продуцент, на стилист и на дизајнер.

Во 2018 година го објави албумот „ЈА I AM“ во жанрот на мешавина на етно-поп, соул и електронска музика. Поголемиот број нејзини песни се посветени на актуелната општествена тематика, а нејзиниот профил на Инстаграм е место за започнување на сериозни теми.

Го започна флешмобот „Траума на убавината“ против наметнатите општествени идеали, како и општествената кампања СИЛ СИЛА, бесплатна апликација за борба против насилството врз жените и адолесцентите со тастер СОС и список на кризни центри. Од 2019 година таа е амбасадорка на фондот за помош на децата „Подари живот“, а од декември 2020 година и прв руски амбасадор на добра волја во ОН, каде се занимава со проблемите на „луѓето кои се принудени да го напуштат својот дом поради воени судири и прогони“.

Пејачката повеќепати го поддржа ЛГБТ-движењето: „Јас сум за свет во кој сексуалната ориентација, полот, религијата и расата не се етикети кои нè определуваат. Ние сме повеќе од тоа“, истакна таа.

Кога станува збор за Евровизија, таа признава дека имала амбивалентен однос кон овој натпревар и дека пред неколку години тешко дека би можела да замисли да учествува на овој настан. Но, како и многупати во нејзиниот живот, дошол преломен момент.

„Многу ме трогна победата на момчето од Португалија пред неколку години, кое со гитара ја отпеа песната на својот јазик, без да прави никаква голема продукција и без да се облекува во некакви супербрендови. Едноставно излезе и мирно ја испеа својата песна. Тогаш помислив: ако имаш што да кажеш, победата е сигурна“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња