Неговите еротски стрипови носат многу пари и предизвикуваат воодушевување и омраза

Андреј Тарусов
Сликарот Андреј Тарусов е мајстор на пин-ап уметноста, кој својот талент го користи како во Русија, така и во САД.

„Вашето име ќе остане запишано во историјата на еротската уметност“, со ентузијазам зборува 34-годишниот Андреј Тарусов на своите потенцијални донатори на видеопрезентацијата на стриповите за возрасни што тој ги објавува на порталот Патреон.

Првата книга од серијата „Swinging Island“ е графички еротски роман за доживувањата на двајца неискусни нудисти кои сакаат да ја истражат својата сексуалност на атрактивен туристички остров кој личи на рај. Овој стрип го прошири кругот на поклониците на Тарусов и го инспирираше да го напише продолжението „Swinging Island: Pleasure Land“.

Моментално овој мајстор на пин-ап уметноста работи со најголемите филмски студија во Америка, соработува со руски комерцијални и државни корпорации и планира во иднина да го примени својот талент во „големата уметност“.

Во 2015 година Тарусов ја послушал својата сопруга и се преселил во Лос Анџелес. „Јас сум прилично мобилен и ми се допадна идејата да живеам на друго место“. Во САД сфатил дека Американците се разликуваат од Русите по тоа што на поинаков начин ја доживуваат пин-ап уметноста.

„Во Русија често преовладува патријархалниот однос кон пин-ап уметноста. Русите го користат пин-апот за реклама и со помош на еротски слики ја стимулираат продажбата. Американците го ценат фан-артот заснован на познати филмови и поретко го користат во комерцијални цели зашто ја отфрлаат сексуализацијата [како комерцијално средство]. Тие [Американците] го одвојуваат приватниот живот од јавниот“, вели Тарусов.

Набргу по преселбата сликарот сфатил дека мора да создава многу повеќе за да опстане финансиски. „Во САД не може да се живее опуштено како во Русија. Во Русија беше доволно да исполнам определени нарачки, а во САД морав да започнам голем број дополнителни проекти: стрипови, кикстартер-проекти, книги, индивидуални шпилови карти итн. И тогаш работата тргна. Во Америка постигнав повисоко ниво на продуктивност и сфатив дека можам да постигнам многу повеќе, оттаму и резултатот“; се фали Тарусов.

Уметникот набргу сфатил што се бара во САД. „Американците добро ме прифатија. Многумина и претходно знаеја за моите остварувања. Учествував на фестивали за стрип. Брзо сфатив дека Американците ги сакаат јунаците на Марвел и принцезите на Дизни. Започнав да го цртам она што им се допаѓа и за кусо време постигнав определено ниво на популарност.

Во Русија сè било сосема поинаку во поглед на вкусот и на барањата на публиката. „Мојата кариера [во Русија] започна со нарачани календари. Секоја година работам многу на такви проекти за разни фирми и институции. Во таа смисла сум баран во Русија. Во Америка луѓето ја ценат другата страна на мојата работа, бараат фан-арт. Овој вид уметност е мошне популарен во САД, за разлика од Русија. Во Русија општествено значајната уметност предизвикува многу побурна реакција“.

Уметничкиот инстинкт му обезбедил на Тарусов неколку проекти со крупни списанија како што се Плејбој, Максим и други, а исто така и со филмски студија во САД. Два негови проекта со студијата 20th Century Fox и Walt Disney подразбираа соработка со екипата на Тим Бартон со цел промовирање на „Домот на госпоѓица Перегрин за чудни деца“ („Miss Peregrine's Home for Peculiar Children“) и „Алиса во земјата на чудата“ („Alice in Wonderland“).

И покрај тоа што темите што Тарусов во своето творештво ги истражува се главно прилично слободни, уметникот често наоѓа инспирација во далеку посериозни и подлабоки извори. „Ми се допаѓа стариот Холивуд и европскиот филм од седумдесеттите години од минатиот век. Наоѓам инспирација и во класичната уметност, во музеите и во сликите. Едноставно ми се допаѓа да впивам информации и да се потпирам на нив“, вели сликарот.

Понекогаш Тарусов се задлабочува во теми кои се многу посериозни одошто на прв поглед може да се пристори (со оглед на неговиот уметнички стил). Неодамна креираше уметнички дела поврзани со протестите во САД, во Русија и во Белорусија. „Еве како јас го изразувам својот граѓански став. Јас го цртам она што мене ме вознемирува. Да не бев во сад за време на движењето Black Lives Matter, немаше да го сфатам тоа. Кога доволно долго размислувам за нешто, почнувам да барам начини како тоа [уметнички] да го изразам“.

Тарусов вели дека секогаш учествувал во големите протестни акции во Русија пред на подолг период свесно да се оддалечи од дневните новости и од политиката. „Тогаш сфатив дека е невозможно да се остане во вакуум и да не се изразат своите политички ставови“, вели уметникот кој понекогаш своите дела ги посветува на акутни општествени теми.

Кога станува збор за графичкиот роман „Swinging Island“ кој на платформата Кикстартер собра 30.000 американски долари кога беше започнат, Тарусов вели дека тоа не е проекција на неговиот начин на живот. „Природно е тоа што во својот живот сум имал различни искуства, но тоа е повеќе моја креативна вообразба. Покрај тоа, моите читатели во коментарите мошне често предлагаат нови линии на дејствието. Јас секогаш ги прашувам читателите во која насока тие би сакале да продолжи дејствието“, вели уметникот.

Провокативните теми на Тарусов понекогаш го привлекуваат вниманието на пуритански расположените критичари кои изразуваат незадоволство од претераната слобода во неговите дела. „Вашите дизниевски пин-апи се морничави и со мошне лош вкус. Мене како мајка и како баба ми се навистина одвратни. Ќе контактирам со корпорацијата Дизни и ќе ги замолам да контактирам со вас лично“, пишува во еден коментар.

Уметникот, меѓутоа, воопшто не се возбудува. „Пин-апот не служи за мастурбација. Тој е малку поинтересен [од порнографијата]. Тој не е толку примитивен [како порнографијата]. Освен тоа, многу луѓе, а меѓу нив и уметници го ценат начинот на кој моите дела се насликани. Имам дури и онлајн-школа каде ги учам луѓето да сликаат не само пин-ап, ами и други стилови. Не е толку лесно да се нацрта пин-ап колку што се чини. Многумина се обидуваат, но малкумина постигнуваат успех. Покрај тоа, [пин-апот се цени поради тоа што] можете да го нацртате она што никогаш не можете да го имате во реалниот живот. Тешко е да се објасни [зошто луѓето го сакаат пин-апот], но тоа е така“, вели тој.

Најострите критики Тарусов ги чува во папка која иронично ја нарекол „Срамота“ и понекогаш ги чита, чисто за да се насмее.

Тој планира во иднина да слика масло на платно. „Дојде време да се посветам на сериозното сликарство“, вели уметникот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња