Седум руски филмови од кои ќе се расплачете

Global Look Press
Поголемиот дел советски и руски драми се посветени на Втората светска војна. Ние (според сопствено гледиште) ги избравме најсентименталните меѓу нив, а воени и некои филмови кои не се однесуваат на војната, но се исто толку сентиментални и никого не оставаат рамнодушен. Тука е и злата судбина, и драматичната прва љубов, и трагичното недоразбирање помеѓу родителите и децата, и тажна приказна за едно куче.

1. Жеравите летаат („Летят журавли“), 1957.

Борис и Вероника се млади, убави, среќни и вљубени. Ја планираат венчавката додека романтично шетаат низ Москва до зорите. По враќањето дома дознаваат дека токму таа ноќ избила војна. Борис заминува на фронт како доброволец, а Вероника е принудена во воени околности да оди по друг пат. Дали повторно ќе се сретнат? Дали ќе преживеат?

Филмот „Жеравите летаат“ во режија на Михаил Калатозов има добиено Златна палма на Канскиот фестивал. Тој донесе сосема нова претстава за советскиот воен филм. Драмата не се случува само на бојното поле, ами и длабоко зад првата линија на фронтот. Воените несреќи и загуби се однесуваат и на цивилите, а не само на борците.

2. „А, зорите тука се тивки“ („А зори здесь тихие“), 1972.

Втора светска војна, 1942 година. Источен фронт, шумите во Карелија на северот од Русија. Командирот на одредот Федот се жали на тоа дека неговите војници се опиваат и се веселат, сфаќајќи ја сета сериозност на ситуацијата. Поради тоа командата му испраќа нови војници – пет девојки кои штотуку завршиле училиште. Тие во шумата откриваат десетина нацистички извидувачи, па командирот Федот треба да се бори против нив, а во одредот има само пет девојки. За жал, сите нема да го преживеат овој нерамноправен бој.

Филмот е во режија на Станислав Ростоцки, а се заснова на романот на Борис Василев „Зорите тука се тивки“, една од најпопуларните советски книги за Втората светска војна. Сите советски воени филмови се тажни, но овој ќе ви го скрши срцето.

3. „Во бој одат само џомбите“ („В бой идут одни старики“), 1973.

Во ескадрилата на Црвената армија тукушто пристигнаа нови пилоти, кои само што ја завршиле воената школа. Храбрите и неискусни момчиња се желни за борба и одвај чекаат да соборуваат германски ловци. Меѓутоа, постарите и поискусни пилоти, кои се третираат како „џомби“, не ги пуштаат младите „пастуви“ во борба зашто знаат колку се опасни тие летови и не брзаат, сакајќи момчињата уште малку да вежбаат. Ескадрилата е неверојатно сложна, има дури и свој сопствен аматерски оркестар. Гледачот од сè срце ќе го засака секој пилот пред да дознае дека нема сите да се вратат од своите мисии...

Режисерот Леонид Биков воедно ја игра и главната улога. Ова е еден од најпопуларните филмови за Втората светска војна. Секогаш на Денот на Победата се прикажува на руската телевизија. Во филмот е овековечена и прочуената воена песна „Смугљанка“ која е сè уште неверојатно популарна во Русија.

4. „Белиот Бим Црното уво“ (Белый Бим Чёрное ухо“), 1977.

Англискиот сетер по име Бим е целиот бел, но има црно уво. Неговиот сопственик Иван, пензиониран ветеран од Втората светска војна, го води Бим во шума на лив каде тие заедно убаво си минуваат. Еден ден Иван е принуден да оди на операција, па го замолува соседот да се погрижи за Бим. Кучето, меѓутоа, бега и почнува да трага по својот стопан. Ќе бидат ли повторно заедно? Нема да ви кажеме.

Филмот на режисерот Станислав Ростоцки беше номиниран за Оскар во категоријата „најдобар филм од неанглиско јазично подрачје“. Прогласен е за филм на годината во анкета на читателите на списанието „Советски екран“. Тоа е и разбирливо. Кога ќе го погледнете филмот, ќе сфатите дека легендата за кучето Хачико е лесна прошетка низ паркот!

5. „Не сте ни сонувале“ („Вам и не снилось“), 1981.

Рома и Катја се тинејџери кои се вљубуваат еден во друг. Мајката на Рома, меѓутоа, е против таа врска. Љубоморна е на Катја и не ја сака зашто татко му на Рома во детството бил вљубен во мајката на Катја. Затоа мајка му на Рома се обидува да ги расипе односите на својот син и неговата девојка и да ги раздвои. Секако, со тоа само ја влошува ситуацијата...

Во советските филмови децата и тинејџерите често се прикажуваат во контекст на детството и на забавните игри или, напротив, во херојски и морални сцени. Ова остварување на режисерот Иљја Фрез е една од ретките советски драми за тинејџерите кои се посветени на темата за љубовта. Саундтракот е мошне емотивна и популарна песна.

6. „Сибирскиот бербер“ („Сибирский цирюльник“), 1998.

Дејствието се случува кон крајот на 19 век. Американскиот инженер во Русија го носи својот нов изум – машина која може автоматски да сече шума. На тој пат го следи младата и убава Американка Џејн. Таа се среќава со еден питомец на воена школа и, секако, се вљубуваат. Но, по принципот „младост-лудост“, младиот питомец на офицерската школа завршува на Сибир. Ќе се сети ли Џејн на него?

Ова епско остварување на режисерот Никита Михалков ќе предизвика и солзи и смеа и восхит. А, ќе ви прикаже и многу страни од животот во царска Русија, од царските и благороднички кругови до обичните селани. Главната женска улога ја толкува Џулија Ормонд, а нејзин партнер е познатиот руски глумец Олег Мењшиков.

7. „Без љубов“ („Нелюбовь“), 2017.

Борис и Жења се маж и жена, но помеѓу нив повеќе нема љубов. Решаваат да се разведат, со тоа што ниту еден не сака да ја преземе грижата за синот Аљоша. Обајцата мислат дека тој само ќе им пречи во новиот живот. Аљоша случајно ќе го чуе нивниот разговор, а тоа толку ќе го потресе што ќе избега од дома. Родителите дури по извесно време сфаќаат дека момчето исчезнало и ќе почнат да го бараат со помош на други луѓе.

Режисер е Андреј Звјагинцев. Овој филм на Канскиот фестивал доби специјална награда од жирито и беше номиниран како за „Оскар“, така и за „Златен глобус“ како најдобар филм од неанглиско јазично подрачје.

Прочитајте исто така: 5 руски филмови кои го освоија светот

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња