Сибир добива нов културен центар со футуристички дизајн (ФОТО)

администрация г. Кемерово
Градбата ќе има простор за изложби и театарски претстави и ќе ги измени изгледот на цел кварт во градот Кемерово.

До 2024 година во сибирскиот град Кемерово (3600 километри од Москва), познат по Кузбаските рудници за јаглен, ќе биде подигнат потполно нов музејски и театарски комплекс.

Центарот го проектира австриското архитектонско биро Coop Himmelb(l)au и тоа ќе биде првиот потфат на оваа реномирана фирма во Русија. Проектот беше претставен на жителите на градот кои имаа можност да ги изнесат своите мислења и да дискутираат за тоа со властите.

Комплексот е проектиран во стилот на деконструктивизмот, кој е типичен за постмодерната архитектура и често е присутен кај многу модерни архитекти како што се Заха Хадид и Рем Колхас. Централниот дел на градбата ќе биде направен првенствено од челик и стакло и ќе изгледа како бестежинска геометриска конструкција, потсетувајќи делумно на кристал, а делумно на облаци.

Комплексот би требало да биде ново културно жариште на градот во кој ќе бидат сместени филијали на институциите како што се Мариинскиот театар, Рускиот музеј и Кузбаскиот уметнички центар. Новото здание ќе заземе цел кварт на градскиот центар покрај брегот на реката Искитимка. Специјално за комплексот ќе биде направено вештачко земјено возвишение. Ќе биде видлив од голема далечина, а околината ќе биде претворена во живописен парк.

Внатре во комплексот ќе има и театарска сала со 950 седишта, музеј и уметнички ателјеа, кафулиња и ресторани, VIP-зона на гледалиштето и зона за проби, како и голем подземен паркинг.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња