Македонско-руската „комбинација“ го освојува музичкиот свет

Фотографија од приватна архива
Даниела Теова има само 9 години, но веќе почна да реди успеси на руската музичка сцена.

Станува збор за меѓународниот конкурс на класична музика „Вива музика“ кој оваа година поради пандемијата со КОВИД-19 се одвиваше онлајн. Овој музички конкурс се одржува со поддршка на Министерството за култура на Руската Федерација и на Московскиот конзерваториум „П.И. Чајковски“, а на него блесна и деветгодишната Даниела Теова која, патем речено, е од мешан руско-македонски брак.

Даниела е ученичка на 4 година на Државната музичка школа, а нејзин наставник е Илија Настовски. Таа на Меѓународниот конкурс „Вива музика“ стана лауреат од III степен во категоријата пијано. Овој успех на малата Даниела ѝ овозможува да настапи на Концертот на дебитанти во Карнеги Хол, кој ќе се одржи на 8 јуни 2021 година. Исто така Даниела се закити со сертификат на настап и со симболична финансиска поддршка во износ од 250 американски долари.

Она што е мошне интересно за успехот на оваа млада надеж е тоа што таа настапи во возрасна категорија во која децата се занимаваат со музика 4 или 5 години, додека Даниела се занимава со пијано само две години.

За Даниела и за нејзините родители овој фестивал претставува и еден вид проверка, со оглед на тоа што жирито било составено од педагози на една од најпознатите музички школи во светот, Московскиот конзерваториум „П.И. Чајковски“, при што таа добила и соодветни забелешки, но и многу пофалби.

Во нејзината конкуренција имало и ученици на Музичката школа при Конзерваториумот „П.И. Чајковски“, како и на Кинеската академија за музика. Уште еден куриозитет е тоа што Даниела е првиот претставник од Балканот што има земено учество на овој конкурс.

Редакцијата на Russia Beyond на Даниела ѝ посакува понатамошни успеси, со надеж дека нејзиното има ќе стане познато во светот на музиката, а таа ќе биде нашата руско-македонска музичка гордост.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња