Во Русија е подигната огромна црква од претопено оружје (ФОТО)

Пред почетокот на осветувањето на главниот храм на Вооружените сили на РФ во паркот Патриот во Московската област

Пред почетокот на осветувањето на главниот храм на Вооружените сили на РФ во паркот Патриот во Московската област

Андреј Русов/Sputnik
Велат дека ниту еден православен храм не привлекол толкаво внимание во јавноста како овој. Во него сè е невообичаено – и црно-зелената боја, и скалите од германски тенкови, и музејскиот комплекс во кој се чува офицерската капа на Хитлер.

Во неделата, на 14 јуни, во подмосковското гратче Кубинка беше осветен главниот храм на Вооружените сили на Русија. Отворањето на храмот беше планирано за 9 мај 2020 година, по повод 75 години од Победата во Големата татковинска војна, но церемонијата беше одложена поради пандемијата со коронавирусот.

Црквата (заедно со крстот) е висока 95 метри, што значи дека според височината е трет православен храм на светот. Но, грандиозните размери не се единствената необична карактеристика на овој храм.

Патријархот Московски и на цела Русија Кирил (во средината) и министерот за одбрана на РФ Сергеј Шојгу (десно) на осветувањето на главниот храм на Вооружените сили на РФ во паркот Патриот во Московската област

Прво нешто што привлекува внимание е невообичаената црно-зелена боја. Во традиционалната архитектура на православните храмови преовладуваат светлите тонови. На социјалните мрежи веќе се користи изразот „храм во маскирна боја“.

Конструкцијата на храмот е полна со симболика. На пример, тамбурот на главната купола има пречник од 19.45 метри и 8 прозорци, а пречникот на куполата е 22.43 метри. Тоа значи дека на осми мај 1945 година во 22.43 е потпишан актот за безусловната капитулација на Германија. Или, да кажеме, малите куполи се високи 14.18 метри зашто војната траела 1418 денови и ноќи.

Претходно министерот за одбрана на Русија Сергеј Шојгу рече дека скалилата на храмот се излиени од гасеници на германски тенкови. „Кога се искачуваме по скалилата на влезот во храмот, сметаме дека газиме по оружјето на победениот непријател“, рече министерот во интервју за телевизијата „Звезда“. Овој канал ги прикажа и сандаците со трофејно оружје на Вермахтот кое е испратено од регионите во Москва за од него да се направат плочи за скалилата од лиено железо. Патем, при храмот постои музејски комплекс каде се чуваат работите на Адолф Хитлер, меѓу другото и неговата униформа и офицерската капа.

Војник пред паното со мозаик во главниот храм на Вооружените сили на РФ во паркот Патриот во Московската област

Главната икона во храмот е насликана на штици кои се симнати од лафетот за топ од лиено железо од 1710 година кој е подигнат од дното на реката Нева.

Уште во фазата на изградбата, главниот храм на Вооружените сили на Русија беше во центарот на вниманието на јавноста поради мозаикот на кој се прикажани Владимир Путин, Јосиф Сталин, шефот на ФСБ и други политички личности. Меѓутоа, во меѓувреме мозаикот беше отстранет зашто беше уважено мислењето на рускиот претседател. Имено, Путин смета дека е премногу рано да се даде оценка за неговите заслуги. Мозаикот со неговиот лик ќе биде зачуван, но на друго место, и тоа како артефакт.

Сепак, во внатрешноста на храмот и понатаму централно место зазема мозаик. Со него се покриени илјадници квадратни метри, а во главната купола (300 квадратни метри) се наоѓа најголемиот мозаик на светот со ликот на Спас Нерукотворни.

Ликот на Спас Нерукотворни во централната купола на главниот храм на Вооружените сили на РФ (најголемиот приказ на Христовиот лик во мозаик).

Според порталот znak.com, новиот храм чинел шест милијарди рубли (80.4 милиони американски долари), со тоа што три милијарди се издвоени од буџетот на Москва, а другите три се доброволни прилози.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња