7 холивудски ѕвезди кои по потекло се Руси

Getty Images, ZUMA Press/Global Look Press
Русите ги има насекаде. Холивуд не е исклучок.

1. Леонардо Дикаприо

Бабата на мајката на Леонардо Дикаприо била Русинка. Родена е како Елена Смирнова во Руската империја во 1915 година, но го сменила името во Хелен Инденбиркен кога нејзиното семејство се преселило во Германија. Тука во 1943 година се родила мајката на Лео Ирменин, токму во времето на бомбардирањето од страна на сојузниците.

„Таа за мене беше отелотворување на внатрешната сила и на интегритетот“, изјави Дикаприо, кој за себе вели дека е „половина Русин“, за руското издание на магазинот „Интервју“ во 2012 година.

2. Кирк Даглас

Семејството на легендарниот „Спартак“ емигрирало во Америка од западниот дел на руското царство во 1915 година. Таткото на Кирк на тој начин ја избегнал мобилизацијата во војската во Првата светска војна. Роден во Њујорк, Исур Демски (вистинското име на Кирк Даглас) имал мошне тешко и сиромашно детство. Тогаш сменил 40 работни места, се вели во неговата биографија. А, тогаш Исур го зел својот денес познат псевдоним и се приклучил на американската морнарица во Втората светска војна.

3. Мила Јовович

Иако Мила Јовович е родена во Киев, таа не е Украинка. Нејзината мајка, советската актерка Галина Логинова е Русинка, додека нејзиниот татко Богдан Јововиќ е Србин. По неколку години во Москва, семејството го напуштило Советскиот Сојуз на почетокот на осумдесеттите години од минатиот век. Мила, сепак не ја изгубила поврзаноста со своето потекло. Зборува руски, понекогаш се појавува во руските ток-шоу емисии, па дури и глуми во руски филмови.

4. Стивен Сигал

Мајсторот на боречките вештини и актер Стивен Сигал не е поврзан со Русија само со државјанството што во 2016 година му го даде претседателот Владимир Путин. Родителите на неговиот татко, Дора Голдстин и Нејтан Зигелман, емигрирале во Америка од Санкт Петербург. Тука Нејтан го променил презимето во она кое денес го носи неговиот познат син.

5. Силвестер Сталоне

Прадедото и прабабата по мајката на „Роки Блабоа“,Роза (Ламлек) и Чарлс Лабович потекнуваат од Одеса, јужниот дел на Руската Империја. Како богат бизнисмен, таткото бил принуден да ја напушти земјата поради таканаречените погроми (насилство против Евреите) и подметнатиот пожар кој ја уништил нивната фабрика за свила.

Во осумдесеттите години од минатиот век родителите на Силвестер Сталоне го пронајдоа својот далечен роднина кој живее во Одеса, Валериј Кравченко. Според урбаната легенда, во потрагата им помогнале Горбачов и КГБ.

6. Јул Бринер

Ѕвездата на „Седумтемина величествени“ и „Кралот и јас“ Јул Бринер е роден во Владивосток на Далечниот исток на Русија во 1920 година среде Граѓанската војна. Како син на руска актерка и внук на швајцарски бизнисмен и Бурјатка, неговиот изглед е егзотична мешавина на европското и ориенталното, што му овозможи да остани особена трага во Холивуд.

7. Хелен Мирен

Една од најнаградуваните актерки во Велика Британија и во Соединетите Американски Држави Хелен Мирен е родена како Хелен Мироноф. Половина Англичанка, половина Русинка, била внука на Пјотр Миронов, руски аристократ и дипломат во Лондон, кој решил да остане во Англија по избивањето на руската револуција.

„Тоа беше неверојатно искуство да се оди по земјата во која е роден мојот татко и каде живеел мојот дедо, кој очигледно многу ја сакал“, изјави Мирен по посетата на селото Курјаново во Смоленската област на Русија во 2009 година

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња