Противотров за Валентајн: 5 руски филма за осаменоста и раскинувањето

Nigina Sayfullaeva / Premier Studios, 2019
Преку глава ви е од филмовите кои се гледаат низ розови очила, а во животот сосема не е така? Составивме алтернативен список – за предавањето, за неуспешниот брак и за суровите разделби (полошо одошто преку СМС). Доколку овој Ден на вљубените го празнувате сами, има што да ѕирнете во него.

1. Уште една година, 2014, Оксана Бичкова

За што станува збор: Реалистичка мелодрама за разурнувањето на незрелата љубов на една сопружничка двојка; филм кој претставува портрет на поколението Y.

Таа е веб-дизајнер во хипстерска агенција, оди во шарени хулахопки, сака да гледа артхаус, да се журка по ноќни клубови со пријателите и да води филозофски разговори со чаша вино. Тој е таксист, носи црна, евтина и невпечатлива облека, смета дека артхаусот е здодевен, претпочита слободното време да го минува со играње компјутерски игри и пие вотка со пиво. Имаат околу 25 години, и по случај на нештата се заедно... Понатаму следува бавно уривање на бракот, со сите фази на отуѓување. Приказна која сигурно сте ја виделе во реалниот живот: рано се зеле, а потоа сфатиле дека сакаат различни нешта. Едниот се стреми кон персонален развој, а другиот сака едноставно да го сакаат.

2. Аритмија, 2017, Борис Хлебников

За што станува збор: Драма за животот и за љубовта на двојка медицински работници кои тонат во рутината. За односите кои „не се движат никаде“ и за неподносливата болка.

Лекарот во брза помош Олег живее во тесен еднособен стан со својата сопруга Катја. Таа е исто така лекар, но работи во приемно одделение. Тие се заедно уште од факултет. Еднаш на една семејна прослава Олег од Катја која седи до него добива СМС „Треба да се разведеме“. Филмот е „два во едно“: сложен портрет на двајца блиски луѓе и остра социјална драма за системот за здравство во Русија. Филмот на Хлебников беше вброен во еден од најдобрите во 2017 година – тој победи на „Кинотавр“, главниот руски фестивал за авторски филм.


3. Верност, 2019, Нигина Сајфулаева

За што станува збор: Еротска мелодрама за брак без секс, за прогресивниот глад кон чувственоста, за самоспознанието и љубовните односи на страна.

Лена е акушер-гинеколог, а нејзиниот сопруг Сергеј работи како актер во еден провинцијален театар. Во нивниот брак има нежна, доверлива љубов, но нема секс. Лена почнува да се сомнева дека нејзиниот маж има врска на страна и, чувствувајќи дека љубомората наскоро ќе ја задуши, самата тргнува во прељуба.

Филмот го нарекуваа „осамено патешествие на женската осаменост“ и револуција во рускиот еротски филм. Но, пред сè е интересен со својата директност и со барањето на одговор на прашањето: што е пострашно емоционалното или сексуалното неверство?

4. Прељуба, 2012, Кирил Серебреников

За што станува збор: Според режисерот, ова е приказна за љубовта, за прељубата која ја разјадува душата.

Таа е лекар, а тој е нејзин пациент. Откако му става електроди за да му направи ЕКГ, таа спокојно му вели на непознатиот: „Маж ми ме изневерува со вашата жена“. Понатаму гледачот, како под лупа, ќе набљудува цел спектар човечки емоции, кои се причина за предавството на близок човек. Серебреников е пред сè истакнат театарски режисер, и неговиот филм „мириса“ на театар, од сценографијата и актерската игра до мизансцените. Значи, од него не треба да се очекува реализам. Но, од уметничка гледна точка, тоа е прекрасен филм. Идеален е за празнување Валентајн кога човек е сам.

5. Сурова романтика, 1984, Ељдар Рјазанов

За што станува збор: Легендарната мелодрама раскажува приказна за една убавица од 19 век која искрено сака, но која е жртва на предавство. Ова е интерпретација на класичната пиеса на Александар Островски „Девојка без мираз“.

Една осиромашена дворјанка се обидува да ги омажи своите ќерки со тоа што во домот прави многубројни приеми. За нејзината помлада ќерка Лариса се заинтересирани двајца перспективни мажи, а девојката прави избор, кој излегува дека е погрешен. „Сурова романтика“ беше и ќе остане мошне популарен во Русија, филм од неколку дела кој е преполн со настани и љубовни страсти што потсетува на серијата „Санта Барбара“, но без среќен крај.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња