Во Русија кај децата се развива љубов кон класичната музика и балетот уште од рана возраст и тие со задоволство присуствуваат на вакви настани, пишува шведскиот весник Dagens Nyheter.
„Во Русија не сметаат дека високата култура е само за возрасни. Напротив. Децата исто така треба да ги ценат балетот и класичната музика“, се вели во написот.
При неодамнешната посета на Санкт Петербург новинарката, заедно со нејзината деветгодишна ќерка, присуствувале на детски концерт во Мариинскиот театар.
„Претставата се викаше „Руски бајки“. Театрализиран концерт за деца. Кога влеговме, веднаш се најдовме во прегратките на симфонискиот оркестар. Претставата траеше два часа, вклучувајќи ја и паузата. На децата им ги свиреа Мусоргски, Равел, Григ, Римски-Корсаков. Музичките нумери се менуваа наизменично со театарските поставки на бајките: руски, француски и норвешки. На пример, ги имаше и Баба Јага и Црвенкапа.”
„Најмалку сто деца кои уште немаа ни 10 години, мирно седеа и го слушаа Григ“, истакнува Лорен, додавајќи дека во Шведска нивните врсници „веќе би ја растуриле целата сала“.
Неколку месеци подоцна соработничката на весникот била поканета на „Лебедово езеро“ во театарот „Станиславски и Немирович-Данченко“ во Москва. Таа забележала во салата голем број свечено облечени деца, иако „тричасовниот балет со две паузи воопшто не е наменет за нив“. Меѓутоа, според Лорен, родителите во Русија сметаат дека љубовта кон балетот кај децата треба да се развива уште од рана возраст, почнувајќи токму од „Лебедовото езеро“.
Во текстот се истакнува дека децата со задоволство ја гледале претставата и дека им пречеле само „возрасните, кои заборавиле да ги исклучат телефоните“.
Лорен додава дека во текот на трите часа нејзината ќерка се пожалила само неколку пати на премногу долгите танцови нумери. По претставата девојчето признало дека сака повторно да оди на балет.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче