Изложба и саем „Новите книги на Русија” во Скопје

Руски центар
На 29 мај 2019 година во Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје ќе биде отворена изложба-саем „Новите книги на Русија”, во организација на Претставништвото на Руската академија на науките за земјите на Источна Европа и Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Изложбата ќе ја отвори Амбасадорот на Руската Федерација во Република С. Македонија, Н.Е. Сергеј Александрович Баздникин, а пред присутните ќе се обратат и проректорот за настава на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, проф. д-р Вујица Живковиќ, претставникот од Претставништвото за Руската академија на науките, проф. д-р Елена Павловска и раководителот на Рускиот центар при УКИМ, проф. д-р Велимир Стојковски.

Во текот на трите денови во кои ќе биде отворена изложбата, ќе бидат претставени повеќе од 2000 книги, издадени во последните години од страна на водечките руски издавачки куќи: „Наука”, „Источна литература”, „Академија”, „Питер”, „Академски проект”, „РОССПЕН”, „Практика”, „Бином”, „Алпина Паблишер“, „ОМЕГА-Л”, Издателство МГУ, „Флинта“, „ОГИ”, „Јурајт“ и др.

Основната тематика на изложените книги ќе биде економија, менаџмент, финансии, право, проблеми на интелектуалната сопственост, математика, физика, историја, религија, социологија, политологија, лингвистика, педагогија, изучување на рускиот јазик и литература.

Покрај тоа, ќе бидат изложени и многу книги од класиците на руската литература, поети и писатели од Сребрениот век.

На изложбата исто така, ќе бидат претставени и голем број книги за деца – за претшколска и за училишна возраст, и се разбира, најдобрите изданија на современите руски писатели: Сергеј Довлатов, Дина Рубина, Татјана Толстаја, Алексеј Иванов, Људмила Улицкаја, Захар Прилепин.

На посетителите на изложбата ќе им бидат понудени и каталози од новите руски книги и списанија.

Изложбата ќе биде отворена во 12 часот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња