Како Русите во Македонија го одбележаа Велигден

Russia Beyond Македонија
Вчера православните христијани низ целиот свет го празнуваа својот најголем верски празник Велигден. И во Русија, и во Македонија ова е мошне важен ден кој верниците со нетрпение го очекуваат секоја година.

Благодарение на заедничката култура и вера традициите на празнувањето на Велигден кај Македонците и кај Русите има многу заеднички нешта, но сепак постојат и разлики. Редакцијата на Russia Beyond поразговара со неколку Руси кои живеат во Македонија и ги запраша како тие го празнуваат Велигден во нивните мешани руско-македонски семејства.

„Го обожавам овој ден. Повеќе од роденденот!“, вели восхитено Ања од Москва. Ана, како и многу други сериозно се подготвува за овој ден. Оваа година таа не само што имала приготвено велигденски јадења, ами и направила вистинско велигденско катче кај себе дома.

„Утрото со мојот сопруг и со децата (тригодишниот Марко и четиримесечната Катјуша) бевме на служба, а преку ден, по традиција, отидовме на велигденски ручек кај родителите на мојот сопруг. За Велигден кај нив има многу вкусно печено јагне, а за десерт еклери и кулич. Да, мојата свекрва го засака куличот и почна и таа да го прави“. Ања исто така вели дека кога тие одат на велигденски ручек, нејзината свекрва задолжително ги милува со првото црвено јајце што го вапсала во 4 часот наутро на величетврток.

Куличот, како што веќе многу пати сме пишувале, е традиционален велигденски десерт во Русија. Тој е еден од основните симболи на овој празник во земјата, а во Русија пред Велигден може многу лесно да се купи. Но, во Македонија куличите обично треба човек да ги прави сам. Наташа од Санкт Петербург прави куличи и за децата и мажот, а исто така и за празничната трпеза кај родителите на сопругот. „Со оглед на тоа дека живееме тука, сакам оние традиции кои се почитуваат во моето семејство во Санкт Петербург, да ги предадам и на моите деца, особено куличот кој е многу вкусен“. Но, Наташа не заборава и за македонските традиции. Така на пример, откако се преселила во Македонија таа почнала да вапса јајца на величетврток пред изгрејсонце. „Тоа воопшто не е тешко, особено сега кога имам двомесечна ќерка, и онака морам рано да станам“, се шегува таа.

Традицијата на вапсување јајца, секако, е својствена за многу земји, но секоја домаќинка си има свој приод. „Кога живеев во Москва вапсував јајца со кора од кромид. Така правам и во Македонија. И тука многумина така ги вапсуваат“, раскажува Тамара. И иако како таа користи едноставни производи, резултатот е впечатлив – веднаш се гледа креативниот приод.

Вапсувањето јајца е многу интересна работа, особено за децата кои со интерес и со ентузијазам учествуваат во овој процес. Тригодишниот Сава и деветгодишната Матрона со задоволство ѝ помагаат на мајка си Антонина (од Москва) во подготвувањето на празничната трпеза и ги покажаа своите креативни способности.

Но, звањето „шампион“ во вапсување јајце веќе неколку години ѝ припаѓа на Вероника од Москва. Нејзиниот сопруг има кафуле, па Вероника секој Велигден вапсува јајца за да ги почести посетителите. Оваа година таа вапса 168 јајца! Секако, во овој подвиг ѝ помогнаа тригодишниот Тимофеј и седумгодишната Ксјуша.

И не може без куличот! Но, освен рускиот кули, на велигденскиот ручек во ова семејство се заблажуваат и со македонскиот милиброд.

И Катја од Омск многу го сака македонскиот милиброд. „Мојата свекрва го прави. Со афион, со ореви и со џем од кајсии. Многу вкусна работа, морам да кажам! А, за празничната трпеза таа исто така задолжително прави салата Мимоза со крупно исечени јајца“.

8-годишната убавица Алиса со велигднески јајца

Освен куличот, едно од основните јадења за овој празник е Пасхата од слатка урда. Во Македонија не е лесно да се направи, зашто е тешко да се најде слатка урда (за споредба, во Русија таа се продава буквално во секоја продавница за прехранбени производи). Но, тоа не ја спречува Надја од Москва која и оваа година, освен јајцата и куличот, приготви и многу вкусна Пасха.

Ања исто така порано ја правела, но за разлика од куличот, пасхата не му се допаднала толку на нејзиното македонско семејство. „Веројатно Македонците сепак претпочитаат повеќе солена одошто слатка урда. Солената урда ја користат во многу јадења“, вели таа.

Кога станува збор за необичните традиции, Маша од Уљјановск раскажува дека во нејзиниот град за Велигден децата одат по домовите и честитаат со зборовите „Исус воскресе“. И не треба само да се одговори „Вистина воскресе“, ами и да се даде нешто вкусно – велигденско јајце, парче кулич или бонбона. Некои даваат и пари. Ваквата „поворка“ е многу слична на македонското (па и руското, украинското и др.) коледе пред Божиќ. „Најинтересно е што дури не се преселив во Москва си мислев дека тоа е традиција кај сите Руси. Но, излезе дека во другите региони таа не постои, барем моите пријатели од разни други градови првпат слушнаа за такво нешто од мене“. Но според кажувањата, се чини, дека во овој поглед Уљјановск има слични велигденски традиции со македонскиот град Куманово.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња