Зошто Русија се вика Русија?

Наталија Носова
Одговорот на ова прашање е многу потежок одошто може да се претпостави.

Често губиме од вид дека називот на речиси секоја земја води потекло од длабокото минато од некој или од нешто што е одамна заборавено. На пример, називот на Франција потекнува од Франците, германско племе кое ја зазело оваа територија во петтиот век. Америка го има добиено името по Америго Веспучи, италијанскиот морепловец, еден од првите Европејци кој стапнал на Новиот свет,

А, што е со Русија која самите Руси во последниве 300 години ја нарекуваат „Россия“? Сите историчари се сложуваат дека нејзиниот назив потекнува од зборот „Рус“ (на руски „Русь“). Византискиот император Константин Седми прв ја нарекол земјата на која живеат словенски племиња со зборот „Rusia“. Тоа било во 10 век. Типичниот грчко-латински суфикс „ia“ врзува некого или нешто за земјата и затоа значењето на зборот „Рус-иа“ било „земја каде живее Рус“. Но, интересен е фактот што до денешен ден никој не знае што конкретно значел зборот „Рус“ ((на староруски „рус“ и „русич“, во современиот јазик „русский“). 

Дали Русија е исто што и Шведска?

Постои мислење дека зборот „Рус“ потекнува од скандинавските јазици. Се верува дека, имено, првите владетели на древна Русија биле Викинзи или „Варјази“ како што Русите ги нарекувале („Варяги“). „Варјазите ни го дале својот назив Рус“, споменува летописец од 12 век, а го цитира историчарот Василиј Кључевски.

Ако оваа верзија е точна, тогаш „Рус“ е само еден од називите за Швеѓаните и Шведска, под кој Норманите или Викинзите некогаш ги споменуваат. Зборот „Рус“ го користеле странците кога ги опишувале словенските племиња под викиншка управа и тој збор е зачуван до денес. Зборот „Рус“ е сроден на денешниот „Ruotsi“, што на фински значи „Шведска“, така што тука нема некоја логика.

Словенска и сарматска верзија

Споменатата верзија не им одговара на сите, особено ако се земе предвид дека многу историчари целосно го отфрлаат ова тврдење дека Варјазите некогаш управувале со древна Русија и сметаат дека тоа е легенда. Тие имаат поинакво објаснување за потеклото на зборот „Рус“. Според нив, називот потекнал од реката Рос („Рось“), притока на Днепар (денес во Украина). Некои Словени се населиле на брегот на оваа река, па останатите поради тоа ги нарекувале „Роси“, а подоцна „Руси“.

Ова делува како веродостојна верзија, но лингвистите се сомневаат дека во овој етноним „о“ преминало во „у“ зашто тоа речиси никогаш не се случува. Постои уште една поегзотична верзија, според која зборот „Рус“ потекнувал од Роксолан. Овој сарматски народ бил близок до Скитите и живеел на Крим од 2 век пред Христа до 1 век од нашата ера. Наводно Роксоланите се мешале со Словените и некако го скратиле својот назив така што останал зборот „Рус“. Кој знае, можеби навистина било така – сепак оттогаш поминале неколку илјади години.

„Црвени“ или „златокоси“ луѓе

Уште една хипотеза вели дека зборот „Рус“ потекнува од латинскиот збор „ross“ што значи „црвен“. „Византијците (словенските племиња) ги нарекуваат 'ar-rusiya' што значи 'црвени'“, пишувал Ал Масуди, арапски историчар од 10 век.

Во рускиот јазик постои придавката „русый“ која во старословенскиот гласи *rudsъ и има ист древен индоевропски корен како и старомакедонската придавка „рус“ познати по народните песни, латински „russus“, француски „rouge“, грчки „ἐρυθρός“, полски „rudy“ итн. Ист корен наоѓаме и во рускиот и во македонскиот јазик во зборовите „руда“, „рудник“. Во современиот руски јазик „русый“ значи „кафеав“ кога станува збор за коса, на пример „девушка с русыми волосами“ („девојка со кафеава коса“), а „русак“ е вид зајак.

Накусо, Русите се „народ со кафеава/златна/лисеста коса“. Ова има смисла и во однос на лингвистиката и етнологијата изгледа како логична верзија.

Егзотични називи за Русија

Историчарите можат бескрајно да дискутираат за потеклото на зборот „Рус“, но колку и да имаат право, Русија така се нарекувала со векови и невозможно е да се замисли дека таа има некое друго име. Поголемиот број народи го користат тој назив со определени варијации во зависност од изговорот и писмото: Russia на англиски, Russland на германски, La Russie на француски, Rusiya на арапски, и така натаму. Коренот е секогаш ист. Но, има и неколку интересни исклучоци:

1) На фински е Venäja, на естонски Venemaa. Во овие јазици, според сè, искористен е коренот заснован на називот Венети. Тоа исто така било древно племе од кое можеби настанале Словените.

2) На латвиски е Krievija (Балтичките земји, изгледа, сакаат да ѝ даваат на Русија необични имиња). Овој назив потекнува од Кривичи, племе кое заедно со источнословенските племиња учествувало во формирањето руска нација.

3) На кинески Русија се вика 俄罗斯 (се изговара Elosy). Во овој збор се користи класичниот корен „рос/рус“, но Кинезите не користат „р“ па го промениле во „л“ кое им е блиско.

4) На виетнамски е Nga. Ова е убедливо најчудниот назив. Лингвистите вака го објаснуваат тоа: сè до 20 век Виетнамците користеле кинески хиероглифи така што Русија тогаш била старата добра 俄罗斯. Но, правилата за изговор на хиероглифите биле сосема поинакви, така што на виетнамски кинескиот назив се изговарал вака: Nga La Ty. Кога Виетнамците преминале на латинското писмо ги отфрлиле двата последни слога од називот за Русија, па останал само слогот Nga. Сепак ако сакате Русите да разберат за која земја зборувате, подобро изберете нешто помалку егзотично.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња