„Окованиот шофер“: Како легендарниот советски кантавтор Владимир Висоцки гостувал во Југославија

На 25 јануари се навршуваат 80 години од раѓањето на Владимир Висоцки, легендарниот советски кантавтор и глумец, познат и омилен не само во земјите од поранешниот СССР. Сепак, веројатно малкумина се сеќаваат дека во кариерата на познатиот Висоцки постои период кога тој работел во Југославија на снимањето на филмот „Оковани шофери“ од 1974 година, а освен тоа заедно со колегите доби награда на 10 Белградски фестивал БИТЕФ во 1976 година.

Висоцки во 1974 година играше една од главните улоги во филмот „Оковани шофери“(„Единственная дорога“), заеднички советско-југословенски проект кој ги опишува настаните од Втората светска војна на територијата на Југославија. Филмот го снимаше режисерот Владимир Павловиќ во филмското студио на Титоград (СФРЈ), со учество на „Мосфилм“.

Во филмот станува збор за настаните од 23 до 25 април 1944 година на територијата на Југославија (според сè, во Босна и Херцеговина). Германски тенкови и оклопни борбени возила стојат на патот зашто снемале гориво.

Песната на Солодов од филмот „Оковани шофери“ (Југославија/СССР, 1974).

Германската команда ја подготвува колоната возила која треба да испорача гориво на моторизираната техника. Партизани го контролираат поголемиот дел од патот по кој колоната треба да мине. Партизанските акции се толку зачестени што би било наивно да се очекува дека огромната колона со бензин без загуби ќе може да мине низ шумските и ненаселени планински превои.

За колку-толку да се осигурат, нацистите доаѓаат на идеја да ги искористат советските заробеници како возачи. Секој возач е заврзан со лисици за воланот и со синџир за својот чувар. Задачата на одредот југословенски партизани е да ја запре колоната, но во никој случај да не ги загрози животите на руските заробеници... Но, и Русите и Југословените без никакви меѓусебни средби и тајни преписки дејствуваат синхронизирано. Врската без воспоставување врска, според замислата на авторот на филмот, на најдобар начин го покажува нивното единство. 

Споменик на Владимир Висоцки во Подгорица.

„Окованите руски заробеници можеа да изберат: или да се кренат и себеси и бензинот во воздух, или да се чека момент кога ќе биде можно да се излезе од ситуацијата како победник со минимални жртви. Да се победи и да се остане жив – зарем тоа не е потешко одошто сè да се крене во воздух? Зарем во тоа нема повеќе одважност, одошто во фантазиите? А, оние кои загинаа во таа акција, загинаа поради живот, а не поради смрт“, ја коментираше основната идеја на филмот режисерот Владимир Павловиќ. 

Заедно со Висоцки кој го игра војникот Солодов и во филмот ја пее песната „В дорогу - живо! Или - в гроб ложись!..“ („На пат, живо! Или во гроб легни!“), во снимањето на филмот учествуваа и многу тогашни ѕвезди на советскиот филм: Лев Дуров (Петро), Владислав Дворжецки (Холц), Глеб Стриженов (Калениќ), Ирина Мирошниченко (Гордана), а од југословенска страна тука се Вељко Мандиќ (Коста), Душан Јаниќијевиќ (Јавор), Драгомир Гидра Бојаниќ (Зоран) и Владимир Поповиќ (Среќко). 

Додека за време на снимањето престојувал во Црна Гора, Висоцки успеал да сними получасовна емисија за Титоградската телевизија каде зборува за себе, за својата песна, за големите улоги на филм и во театарот, ја испеа песната „Расстрел горного эха“ („Стрелање на планинското ехо“), која не влезе во конечната верзија на филмот и рецитираше стихови за Црногорците, за романтичните „словенски Спартанци“ (Мене ми е малку едно раѓање, За да можам да израснам од два корена... Штета што Црна Гора не Стана моја втора татковина). „Снимавме во Црна Гора на мошне интересни места. Народот таму е чудесен. Таму нè сакаат. Јас напишав песна за Црногорците која ќе биде отпечатена во Титоград“, зборуваше Висоцки во емисијата. Снимката во Русија долго време беше третирана како раритет, и дури неодамна беше емитувана на рускиот канал ТВ Центар, а потоа повторно беше прикажана во Црна Гора со титли. 

Песната на Владимир Висоцки за словенските Спартанци, Црногорците. Снимка и оригинал титли од Радио-телевизија Титоград. 

Црногорците не ги заборавија симпатиите на поетот кон Црна Гора и воопшто кон Југославија. Во Подгорица во 2004 година беше подигнат споменик на Владимир Висоцки, дело на вајарот Александар Таратинов. Ова е единствен споменик на Висоцки надвор од границите на поранешен СССР.

Владимир Висоцки повторно се враќа во Југославија во септември 1976 година на јубилејното 10 издание на Белградскиот интернационален театарски фестивал БИТЕФ. Трупата „Татар на Таганка“ тогаш со голем успех настапи и ја освои првата награда на фестивалот со претставата „Хамлет“. „Таганка“ гостуваше и во Загреб, Сараево, Љубљана и Скопје. Во СССР, сепак, овој успех беше премолчен. А, Висоцки на своите сонародници им раскажувал за фестивалот: „На тој фестивал дојдоа од сите континенти, од 18 држави од светот, театри со различни претстави, и авангарда и класични театри. Во најголем дел тоа беа претстави на познати режисери. Таму наградите се делат на мошне чуден начин. Се избираат три претстави. Тоа беа американската, француската и нашата. Потоа уважени господа долго расправаа, до 5 наутро кому да му ја дадат првата награда, која претстава да ја стават на чело на списокот, зашто првата е победник. Судеа, одлучуваа и сепак ни го дадоа првото место“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња