Композицијата „Между нами тает лед” (Меѓу нас се топи мразот) на групата „Грибы” оваа година е најпопуларниот хит во Русија.
Речиси половина од населението на оваа огромна земја веќе го знае ритмичкиот рефрен на оваа песна. Не беше тешко да се научи, затоа што песната можеше да се слушне, како што велат во Русија, „од секој чајник“. А и зборовите се едноставни:
Между нами тает лёд, пусть теперь нас никто не найдёт.
Мы промокнем под дождём и сегодня мы только вдвоём.
(„Меѓу нас се топи мразот, сега никој да не нѐ најде.
Ќе накиснеме на дождот и денес само двајцата ние”)
„Грибы” е украинска група основана 2016 година во Киев. Музиката што ја изведуваат е нешто меѓу хип-хоп и хаус (таканаречен хип-хаус) и негува стил на „лоши момчиња од улица”.
За групата првпат се слушна по објавувањето на спотот за песната „Интро“, кој првите месец дена собра еден милион прегледи. Веќе кон крајот на 2016 година е објавен првиот албум „Куќа на тркала, 1 дел“, а потоа групата тргна на турнеја по Украина, Русија и Белорусија. Спотот за песната „Меѓу нас се топи мразот“ е објавен пролетта 2017 годна и на групата ѝ донесе сеопшта популарност: 10 милиони прегледи за неколку недели. А веднаш се појавија и неколку пародии. Највпечатливата ја направија учесниците во популарната хумористична серија „Вечерен Угрант“ на рускиот „Прв канал“.
„Грибы” освоија две музички награди. Во 2016 година наградата „Jagermeister Indie Awards 2016” во категоријата „Сингл на годината“ со песната „Интро“ и наградата „Откритие на годината“ на годинешното доделување на украинските музички награди YUNA (Yearly Ukrainian National Awards) 2017 година.
Интересно е што за членовите на групата се знае многу малку. Тие избегнуваат да се појавуваат во јавност, не даваат интервјуа и дури и ги кријат лицата под качулки. Таинственоста ја зголемува изјавата на продуцентот Јуриј Бардаш за тоа дека на 31 декември оваа година групата ќе ја заврши својата концертна активност. До крајот на оваа година се очекува објавувањето на вториот албум „Куќа на тркала, 2 дел“.
Најдобро е самите да стекнете впечаток за оваа композиција која во Русија привлече толкаво внимание:
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче