Студентите-русисти од Република Македонија.
Лична архиваШести пат во туристичкиот комплекс „Камчија“ на 30 километри од градот Варна во Република Бугарија, на брегот на Црното Море се одржа шестиот Меѓународен фестивал на студенти кои изучуваат руски јазик. Овој веќе традиционален настан го организира фондацијата „Руски мир“, а учесници се претставници на универзитетите од целиот свет во кои постојат и работат руски центри или руски кабинети.
Оваа година под раководство на Рускиот центар при УКИМ за првпат учество на фестивалот зедоа и студенти-русисти. Делегацијата ја сочинуваа петмина: Андреј Јованчевски, Наташа Стојановска, Симона Николова, Евгенија Павлова и Тамара Диванисова кои се студенти на Катедрата за славистика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје.
Студентите-русисти од Република Македонија.
Лична архиваГодинава Фестивалот беше фокусиран на творештвото на големиот руски поет Александар Сергеевич Пушкин, како и на неговиот придонес за рускиот јазик и за руската култура. За студентите оваа тема претставуваше вистински предизвик, но и инспирација за надградување на своите знаења.
„Пушкин не е само најсилна потпора на рускиот јазик и книжевност, ами и автор во чијшто опус романтизмот расцветува најраскошно. Темелното познавање на Пушкиновото писмо и неговиот творечки влог во рускиот јазик е клучниот критерион, камен-искушител при проверката на познавањето на руската култура. Оттаму, учеството на Фестивалот кој годинава мина под негов патронат и демонстрацијата на најсолидно познавање на Пушкиновото творештво и руската фразеологија ги понесуваме назад како крајпатен знак кој укажува дека се движиме во добра насока, кон длабочината на една исклучително богата култура. Во Македонија носиме и многубројни идеи за понатамошно развивање заеднички меѓународни русистички потфати во кои би се пројавила и развивала академската љубопитност и наукоспоспобност на студентите и младите истражувачи“, вели за „Russia Beyond Македонија“ капитенот на екипата Андреј Јованчевски.
За студентите ова беше и вистинска можност за дружба. За време на фестивалот тие имаа можност не само да се запознаат, ами и да се дружат со своите колеги од многу земји во светот и со нив да ги споделат своите искуства.
„Меѓу другото, фестивалот претставуваше одлична можност за дружење и запознавање на студентите меѓу себе. Македонските студенти за првпат учествуваа на фестивалот, но беа воодушевени од дружељубивоста која ја покажаа учесниците од другите држави и од нивниот ентузијазам. Тие не само што зборуваа на родниот јазик на Пушкин, туку и споделуваа знаења, искуства, се забавуваа, стекнаа нови пријателства. Поддршката што ја доби секој тим за време на својот настап од страна на другите учесници покажа дека не е важно кои сме и од каде, туку тоа дека љубовта и желбата за изучување на јазикот е најголемата и најважната причина за продолжување на оваа традиција преку вакви организации и собири“, вели Евгенија Павлова која беше дел од екипата.
„Ново искуство, нови познанства, нови дружби а и нови знаења беа само дел од овој извонреден, а воедно и воодушевувачки фестивал. Дружбата со останатите учесници како и нивната поддршка на секој од настапите претставуваше еден дел од волшебната еуфорија. Можноста да се зборува руски јазик со луѓе од разни страни си има свој придонес. Пред сè самата тема на фестивалот која го носи името на Пушкин беше уште една можност да се научи нешто повеќе како и да се разменат мислења и искуства. Се надеваме дека ќе продолжи овој фестивал кој спојува многу националности на едно место кадешто сите зборуваат на еден јазик – рускиот, се разбира“, го споделува за “, го споделува со Russia Beyond Македонија своето искуство Наташа Стојановска.
Студентите-русисти од Република Македонија
Лична архива„Денови исполнети со смеа и нови искуства, нови пријателства и знаења. За мене дружбата со останатите студенти кои исто како и јас го изучуваат рускиот јазик беше задоволство кое не се опишува со зборови. Беше прекрасно и мотивирачки насекаде да се слуша и зборува рускиот збор. Не станува збор само за љубовта кон рускиот јазик, ами и за поддршката и почитта меѓу нас учесниците без разлика од каде доаѓаме и колку добро го владееме јазикот. Прекрасно поминато време кое ќе се памети засекогаш“, вели Тамара Диванисова, која беше и најмладата претставничка на Македонија.
Најважниот сегмент од Фестивалот беше натпреварот за познавање на творештвото на великанот на руската и светската литература Александар Сергеевич Пушкин, кој всушност беше и патронот на годинашново издание. Токму тука македонските студенти се вивнаа кон врвот и го освоија првото место, за што и самите се многу горди.
„Дома ја понесовме честа за освоено прво место на квизот кој опфаќаше прашања за севкупното творештвото на A.С. Пушкин. Се покажа дека нашата група беше најподготвена за овој сегмент од фестивалот. Овој квиз на знаење не се однесуваше само на литературното творештво на Пушкин, ами и на неговиот придонес во рускиот јазик. За наредната година ќе се подготвиме подобро за да ги освоиме срцата на учесниците и преку музика, танци и спорт. Сепак, морам да истакнам дека за нас, но и за другите учесници, натпреварувањето за најдобро познавање на творештвото на Александар Сергеевич Пушкин беше најважно, така што смело ќе кажам дека со гордост ја одбранивме честа на литературниот великан“, вели Симона Николова, апсолвент на групата по руски јазик и книжевност.
Редакцијата на Russia Beyond Македонија од сè срце им ја честита победата на македонските студенти и се надева дека следната година повторно ќе нè израдуваат со нова победа.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче