Во центарот на Омск откриена гробница на антички воин со бодеж во раката

Украсен бодеж.

Украсен бодеж.

dementievskiy.livejournal.com
Гробница на воин, која датира од првиот милениум пред нашата ера, е откриена за време на реконструкцијата на зградата на друштвото за осигурување „Саламандер“ во историскиот центар на Омск, соопшти директорот на Музејот за археологија и етнографија на ОмГПУ Максим Грачов.

„Во текот на работите идентификувавме девет објекти. Четири од нив се оштетени, пет се гробници со делумно или целосно зачувани човечки останки“, изјави Грачов, пренесува „Интерфакс“.

Од зачуваните гробници тој издвоил две. Првата, судејќи според пронајдените предмети и атрибути (оружје, накит) претставува многу богат гроб на воин и датира од почетокот на првиот милениум пред нашата ера.

„Човекот бил погребан со бодеж и нож што биле ставени во неговите раце (...) до него лежеа делови од коњска опрема“, соопшти археологот.

Според него, гробницата покажува ретка форма на погребување. Ставањето нож или бодеж во рака на покојниците е познато, но тие секогаш се интерпретирале како средство со кое можат да се поминат некои пречки на патот од еден свет во друг.

Ставањето на оружје во дланката во овој случај зборува за подготвеноста на воинот да се брани, да одврати нападот. На тој начин, според експертот, роднините можеле да му стават оружје бидејќи се плашеле дека на неговиот пат кон другиот свет може да наиде на непријатели од кои ќе треба да се одбрани.

Вториот гроб, како што наведува Грачов, е направен 200-300 години порано. Во него се погребани две лица, но нивните коски биле измешани,  што сугерира дека гробницата била отворена и уништена, уште во антиката.

„Генерално, гробницата е голема, има гробови од разни епохи од бронзеното доба до почетокот на железното, што ретко се сретнува во Омската област. Најдениот културен слој укажува на присуство на траги од живот на луѓе, но дали имало населба овде, засега е рано да се каже“, рече археологот.

Сите пронајдени предмети имаат аналог надвор од границите на Омскиот регион во споменици од истото тоа време, но на територијата на омското Прииртишје тие се многу ретки.

Омските научници знаат за населби од тој период. Особеностите на култот на премин од еден во друг свет практично не се проучени.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.