Пред да се зафати сериозно со сликарството, Кандински добива „сериозна“ професија - по желба на родителите, тој дипломирал на Правниот факултет на Московскиот универзитет. Неговата кариера оди одлично - во 1893 година, откако го завршува Универзитетот, тој останува во него како наставник, а по 3 години Дерптскиот универзитет во Тарту (денес во Естонија) му предлага место на наставник по право. Токму во тоа време 30-годишниот уметник конечно одлучил да се посвети на сликарството.
Во неговата свест сликарството е тесно поврзано со музиката. Впечатокот од претставата „Лоенгрин“ на Вагнер во Бољшој театар станува една од причините за да ја остави правната кариера. Во автобиографската книга „Скалила“ тој ги опишува на следниов начин доживувања: „виолини, длабоките басови и пред сè дувачките инструменти ја отелотворуваат во мојата перцепција целата сила на часот на зајдисонцето, мисловно ги гледав сите мои бои, тие беа пред моите очи. Луди, речиси безумни линии насликани пред мене“. Музиката и понатаму ќе го инспирира во создавањето слики. По концертот на Арнолд Шјонберг во Минхен во 1911 година тој ја слика „Импресија III (Концерт)“ (изложена е во галеријата „Ленбах“ во Минхен).
AFP/East News
Синтезата на уметноста е исклучително важна за Кандински и тој не се ограничува на сликарството и на музиката. Прави распоред на ентериери, создава скици за цртежи на порцелан, прави скици за фустани и мебел, се интересира за фотографијата и за кинематографијата.
Во потрагата по нов јазик Кандински поминува низ разни стилови. Во 1896 година тој бил трогнат од сликата на Моне „Стог сено“, која во тоа време била изложена во Москва. Подоцна во Минхен Антон Ашбе во чија школа учи Кандински, го насочува да користи посебни потези и чисти бои. Стиловите модерен и симболизам му се блиски, тој насликал традиционални прикази со имоти како „Дами во кринолини“ од 1909 година (Третјаковска галерија). А, по своето патување по Европа во работите му се појавуваат елементи на фовизам и сликарство во стилот на набидите.
На првите апстракции на Кандински им претходело постепено поедноставување и уривање на формата во примарните дела што тој ги развива не само во сликарството, ами и во ксилографијата. Во 1910 година, на втората изложба на „Новото минхенско уметничко друштво“, во кое тој повикува да учествуваат уметници од различни земји (меѓу нив се Пикасо, Брак и ван Донг), Кандински ја покажува својата „Етида кон „Композиција II“ (сега се наоѓа во музејот „Гугенхајм“ во Њујорк). Критиката веднаш реагира со остри обвинувања, велејќи дека оваа слика е насликана од луд или „опиен со морфиум или хашиш“ човек.
Првото беспредметнo дело во креативноста на Василиј Кандински (и воопшто првата во светот апстракција) е „Сликата со круг“, насликана во 1911 година (сега таа е во Националниот музеј на Грузија во Тбилиси). Според уметникот природата дава импулс за креативност, но нема никаква смисла да се копира. Главното што го поставува емоционалниот тоналитет и што помага да се изгради композицијата, тоа е бојата. Обликот, пак, е комбинација на површини и линии кои раѓаат движење.
Откако се откажува од заплетот во сликите, тој воведува нова класификација на жанрови. Наместо претходните портрети, пејзажи и мртви природи кај него се појавуваат „импресии“ - дела во кои се задржува врската со природата, „импровизации“ - спонтани и често несвесни изрази на внатрешни впечатоци и емоции, и „композиции“ - синтеза на надворешните форми и внатрешната содржина изразена преку линијата и бојата.
Archive photo
Бојата кај Кандински е вредна сама по себе и не е поврзана со слики. Боите тој ги нарекува „природни суштества“ и им вдахнува способност непосредно да влијаат на душата на гледачот. Тој прикажува сопствени поврзувања, потпирајќи се на теоријата на Гете: жолтата потсетува на звуците на флејтата, одговара за земното, го нагласува движењето кон гледачот и одговара на триаголник; на сината, пак, ѝ одговара небесното спокојство, тагата, движењето од гледачот, круг, звуци на виолончело; црвената се внатрешни превирања, форма на квадрат; зелената е неподвижност и неемоционалност.
Ирационалноста и емоционалноста на Кандински одат во спротивност со рационализмот на други руски авангардисти и тоа станува особено забележливо по револуцијата, кога Кандински, заедно со Александар Родченко, Варвара Степанова и Љубов Попова, предава во новоформираните уметнички институти. Откако не успева да ги постигне педагошките цели во Русија, од 1922 година тој почнува да предава во германската школа „Баухаус“, каде ја води класата по аналитички цртеж и работилница за ѕидно сликарство.
Василиј Кандински е плоден - само во периодот на создавањето на апстрактен јазик - од 1909 до 1914 година - тој создава 200 сликарски платна и мноштво скици. Многу од нив се изгубени - во Советскиот Сојуз ги праќаат во провинциски музеи и ги кријат како несоодветни на духот на социјалистичкиот реализам, а во нацистичка Германија, пак, ги класифицираат како дегенаративна уметност.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче