Странците сакаат да студираат на СПбПУ

Press photo
Странските студенти ги избираат програмите за „Двојна диплома“, „Меѓународен магистрски степен“ и програми за размена.

Според податоците на ФГАНУ „Социоцентар“ при руското Министерство за образование и наука Санктпетербуршкиот политехнички универзитет „Петар Велики“ (СПбПУ) е најдобрата техничка високообразовна установа во Русија според бројот на странски студенти во 2015/2016 година, кој изнесува 4.500 лица.

Географијата на странците кои студираат тука е богата - тие се од над 100 земји. Лидери според број на студенти се Кина и Казахстан, на кои отпаѓа половина од сите странски студенти.

Кои програми ги претпочитаат странските студенти и зошто?

Покрај традиционалните програми за додипломски, магистерски и докторски степен на руски јазик, СПбПУ развива и голем број на иновативни меѓународни образовни програми.

Пред сè тоа се програмите со двојна диплома (Double Degree), за кои постои голема заинтересираност кај странските студенти. Според популарноста следуваат програмите за магистратура на англиски јазик (International Master's Degree Programs) , објаснува проректорот на СПбПУ за меѓународна соработка Дмитриј Арсениев, програмите за академска мобилност (Exchange Programs)  и летните школи (Summer School).

Политехничката летна школа е една од најголемите во Русија - секоја година тука доаѓаат над 500 претставници на различни земји од светот. Во суштина за странските студенти таа е визит-карта на СПбПУ и ги открива сите можности на Универзитетот, им дава можност да се запознаат со инфраструктурата, со универзитетскиот комплекс и со луѓето. По неа во оваа високообразовна институција често се враќаат студентите да го продолжат своето образование долгорочно. На пример Линдзи Колиар (САД) го избрала СПбПУ по совет на една своја пријателка, која ја посетувала Летната школа на СПбПУ. „Стигнав во септември 2015 година на еден семестар, а само по еден месец решив да останам, за да ги продолжам Студиите за странски региони на СПбПУ.

Сите овие програми се базирани на модуларен систем што ја олеснува задачата на професорите на факултетите за привлекување странски студенти. Според Арсениев една од конкурентските предности на СПбПУ е тоа што тука се држат предавања на англиски јазик и доаѓаат странски професори од водечки универзитети во светот.

Професорот Олаф Хауер (Германија) со „Руска реч на македонски“ го подели своето мислење за идеалниот модел на предавањата. "Бидејќи јас предавам во рамките на меѓународните магистерски програми, многу од моите студенти се странци и многу ми се допаѓа да работам со нив. Според мене ефикасен е следниов модел на учење: читање на предавања; потоа самостојна писмена работа на учениците, за која професорот дава фидбек врз чија основа, пак, студентот ја доработува задачата; потоа студентите ги презентираат своите резултати еден на друг и повторно добиваат повратни информации - од професорот и од колегите“.

5 најпопуларни програми на СПбПУ за странските студенти:

1. Цивилно градежништво 

2. Енергетски технологии 

3. Интелигентни системи 

4. Меѓународен бизнис-развој 

5. Меѓународна политехничка летна школа 

Предфакултетска подготовка

Повеќето странски студенти кои доаѓаат во СПбПУ, не ја сметаат обуката на англиски јазик за приоритетна - напротив, тие се подготвени да слушаат предавања и да се обучуваат на руски јазик. „Тоа се главно бруцоши кои не зборуваат слободно ниту англиски ниту руски јазик и така за нив нема посебно значење на каков јазик се одвива наставата, бидејќи и онака ќе треба да го научат јазикот од нула“, коментира Марија Врубљовскаја, шеф на центарот за меѓународен маркетинг и регрутирање странски студенти при СПбПУ.



Странските бруцоши кои сакаат во иднина да студираат на руските универзитети, но немаат основни познавања за избраната специјалност и не зборуваат руски јазик, за почеток ги избираат програмите на СПбПУ за предуниверзитетска подготовка. Оваа активност на професионална подготовка во кампусот постои од 1965 година. Статистиката покажува дека оние што ќе ја завршат програмата потоа се запишуваат во установи со различен научен профил, а не само во технички високообразовни институции.

На пример Мајко Мизутани (Јапонија) доаѓа во Русија за да студира на Конзерваториумот. За да го научи рускиот јазик, го избрала СПбПУ. „За да добијам токму руско музичко образование, прво учев руски јазик, а потоа посетував програма за предуниверзитетска подготовка на СПбПУ“.

Данг Тхи Суан (Виетнам), исто така има завршено предуинверзитетска програма на СПбПУ. Таа пристигнала во Санкт Петербург пред неколку години, а по завршувањето на обуката избирала да го продолжи високото образование на СПбПУ. „Мојата професија ќе биде поврзана со компјутерските науки и технологијата и по студиите на СПбПУ ќе бидам баран специјалист во мојата татковина„, убедена е студентката од Институтот за компјутерски науки и технологии при СПбПУ.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња