Познатиот крстосувач Аврора стана симбол на Октомвриската револуција во 1917 година (според легендата, плотунот на овој брод го означил нападот врз царската резиденција), а сега, од 3 август, повторно е отворен за посетителите по двегодишното реновирање. Во своето ново издание Аврора има и интерактивна музејска експозиција. Во воената морнарица на Русија овој крстосувач денес го има статусот на брод „број еден“.
„Претходно крстосувачот беше третиран главно како сведок на Октомвриската револуција од 1917 година, а сега се доживува како вистински ветеран на воената морнарица. Треба да се земе предвид дека Аврора ја има преживеано битката кај Цушима (најважната битка на Руско-јапонската војна од 1904-1905 година), а исто така и две револуции и две светски војни“, велат од информативната служба на Централниот воено-поморски музеј на Санкт Петербург.
Извор: Сергеј Конков/ТАСС
Музејската експозиција на историскиот крстосувач закотвен на Нева претходно имаше шест, а сега има девет сали. Посетителите сега можат да го погледнат командниот мост, а исто така и погонскиот сектор и просторот каде се наоѓа котелот, како и медицинскиот оддел, каде за првпат во руската морнарица е применета рендгенска опрема.
Гордоста на експозицијата се интерактивните музејски инсталации кои го објаснуваат функционирањето на уредите и на системот за управување со бродот, говорат за командирите и секојдневниот живот на посадата која некогаш броела 570 морнари, за историјата на руската морнарица и за Нахимовската воено-поморска школа на која крстосувачот долго ѝ бил брод за обука.
Извор: Сергеј Конков/ TАСС
Крстосувачот Аврора служи во руската морнарица од 1903 година. Има учествувано во Руско-јапонската војна, во граѓанската војна во Русија 1918-1922 и во двете светски војни. По Втората светска војна бродот бил поставен на полигонот за обука на питомците од Нахимовската воено-поморска школа, за во 1956 година да биде претворен во филијала на Централниот воено-поморски музеј, а во 1992 година на Аврора повторно е крената Андреевското знаме.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче