Васја Лошкин е маргинален сликар кој се здоби со популарност на рускиот Интернет. Тој не е номиниран за престижни сликарски награди, ниту, пак, имал изложба во Третјаковскаја галерија, но затоа со неговите творби се преплавени социјалните мрежи и секоја од нив има над илјада репостови. Неговиот уметнички јазик без грешка се препознава, а алгоритамите се разбирливи за секој Русин, но нивното опишување би било како да се објаснува виц.
Главни јунаци на сликите на Лошкин се лисестиот мачор и злобната старица со шамија. Интернетот го обожава мачорот (и го наградува авторот дури и финансиски), а старицата е веројатно наследство од руските бајки со злобната Баба Рога, а можеби во неа се материјализирани и колективните претстави за недобронамерната сосетка. Покрај споменатите ликови, светот на сликите на Лошкин е полн со мечки, зајаци, прасиња и други животни, како и небричени пијаници и разно-разни монструми.
Тој свет е непривлечен и опасен. Страшните муцки се капат во нафта, безделничат, пијат и се закануваат дека ќе се пресметаат. Сето тоа делува како злобна сатира на современата секидневност, како потсмевање на човечките пророци, на економските санкции, на политичките неслободи и на советското наследство. Лошкин има измислено цел еден град, кој го нарекува Кобилозаводск. Се чини дека тој личи на секое гратче од руската провинција.
Странците не можат да гo сфатат поголемиот дел од сликите на Лошкин. Тој понекогаш илустрира афоризми, вицови, фрази од филмови, пароли од советските плакати или стереотипни претстави кои на секој Русин веќе му се дојдени преку глава, како на пример во триптихот „Татковина – странство“. На него шарената среќна „татковина“ е прикажана како семејство мечки во црвени кошули под брези и сателит, а „странството“ зад бодливата жица потсетува на црно-бел пекол со ѓаволи.
Една категорија на делата на Лошкин е универзална, на пример намуртените тукушто искапени мачки со натпис „Ќе се одмаздам“ или „Портрет на Китлер“, а понекогаш и лирична (како „Брлог“ со мечка и мече под прекривка од закрпи).
Вистинското име на овој сликар е Алексеј Куделин. Тој е ќелав, носи очила и има брада, личи на интелигентен лекар или професор. Има 40 години, по образование е правник, а самиот вели дека по занимање е сликар кој не умее да слика, музичар кој не ги знае нотите и блогер кој не смета дека има писателска дарба. За волја на вистината, тој се занимава со музика од детството, а својата панк-група jа има основано по училиштето, но не е познат по неа, туку по сликите. Алексеј самиот за себе вели дека е панкер во сликарството.
Васја Лошкин е псевдоним кој пред десетина години бил негов блогерски прекар. Ликовните галерии повеќепати ги имаат одбиено неговите дела, а тој тогаш се „запалил“ за Интернетот и почнал таму да ги поставува своите слики. И тука неочекувано станал популарен. Ликовите што во оригинал биле сликани со акрилни бои на платно „оживеале“ во дигитална форма и почнале да ги пронаоѓаат своите нови сопственици. Во изминативе неколку години светот има видено пет музички албуми илустрирани со делата на Куделин, низ целата земја во галериите и во московскиот Централен дом на сликарите се организираат изложби, а во Прага се појави и ноќен клуб насликан со препознатливите мачори.
Во своите интервјуа сликарот упорно ја отфрла политичката, социјалната или која било друга заднина на она што неговите почитувачи и критичари ги радува, ги плаши или ги лути. Тој вели дека во ликовите што ги црта нема обид да се прикаже (или да се оцрни) цела Русија, туку дека секој што ги набљудува го гледа она што сака да го види. Лично Куделин го интересира човечкото безумие, го интересираат психозите, глупавоста, халуцинациите, граничните состојби и скриените делови на душата, односно нешто како свет виден со очите на умоболен.
Ниту еден живописен лик нема свој прототип, зашто Куделин во своите слики се слика себеси. И тоа го прави буквално. Ќе земе огледало, ќе направи гримаса, особено ќе нагласи некој израз и така се создава еден голем автопортрет. Други извори се приградските возови со кои тој порано многу патувал додека живеел во малечкото гратче Солнечногорск во близина на Москва. Тогаш Куделин со себе носел блок за скицирање, и доколку ликот излегувал интересен тој смислувал сцена што му одговара. Самиот по себе се има појавено само мачорот, но тоа е и онака љубимец на целиот народ, кој во Русија живее во речиси секоја селска куќа.
Алексеј Куделин самиот го дефинира својот жанр како современа петпарачка народска слика изработена во примитивна техника со допадлива забавна или поучна сцена и со објаснувања. Ова според мислењето на авторот е сказна која има убав крај, дури и ако на прв поглед, гледајќи ги одвратните ликови на сликите, е тешко да се поверува.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче